Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]

Неколкугодишните препукувања меѓу властите во Ричоне и централната италијанска власт неодоливо потсетуваат на актуелната состојба со која се соочува проектот за имплементација на двете БРТ линии во Скопје, со препукувањата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и централната власт на премиерот Димитар Ковачевски

Приморскиот град Римини е единствен во Италија којшто има воведено брз автобуски систем (автобуско метро) и е проект сличен на оној што повеќе од две години го кочи со реализација скопската градоначалничка Данела Арсовска во македонскиот главен град. Мета.мк направи репортажа за функционирањето на БРТ системот во Римини, град со околу 150.000 жители, којшто во текот на летната сезона, како еден од главните туристички центри во Италија, има и до половина милион посетители.

Бас Рапид Транзит – БРТ проектот во Римини е линија долга 9,8 километри која ги поврзува главните железнички станици во Римини и ближното гратче Ричионе, заедно со аеродромот во Римини и бројните туристички населби на овој град. Автобуското метро беше пуштено во употреба во ноември 2019 година, а јавниот оператор Старт Ромања СпА веќе планира наредната година да ја продолжи БРТ линијата за дополнителни 4,2 километри кон Римини Фиера. Според податоците на операторот Старт Ромања СпА, БРТ системот лани го користеле речиси 700.000 патници.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Тролејбусите од автобуското метро во Римини, Италија; Фото: Мета.мк

Оваа БРТ линија во моментов има 15 стојалишта, а по неа сообраќаат зглобни тролејбуси и автобуси. Целокупната траса минува покрај железничката пруга Римини-Ричионе, што пак овозможува ефикасно поврзување за патниците кои го користат железничкиот превоз во Италија.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Финалната точка кај железничката станица во Римини, со кружниот тек кој овозможува вртење на автобусите; Фото: Мета.мк

Предностите од изградбата на автобуското метро во Римини се многубројни. Како што можевме да увидиме на терен, патувањето со БРТ наспроти превозот со обична автобуска линија помеѓу две идентични станици на поаѓање и пристигнување во Римини е повеќе од три пати побрзо со БРТ линијата. Мета.мк патуваше со Метромаре од населбата Мирамаре до главната железничка станица во Римини за помалку од 8 минути, додека патувањето со обичната автобуска линија траеше околу 25 минути.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Одвоената траса на автобуското метро во Римини, Италија; Фото: Мета.мк

Автобуското метро е многу побрз транспорт во Римини, што е разбирливо, поаѓајќи од фактот што самата траса по која минуваат автобусите и тролејбусите е целосно одвоена од преостанатиот сообраќај. Превозните средства се движат по улица која е физички одвоена од останатите возила, така што можат да развијат брзина поголема од онаа на обичните автобуси на улиците во Римини. Исто така, побрзото време на патување со БРТ-то е загарантирано, бидејќи не постои сообраќаен метеж којшто би можел да ги наруши поаѓањата планирани во возниот ред.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Автобусите се единственото превозно средство на кое му е дозволено да се движи на трасата; Фото: Мета.мк

За разлика од Метромарето, обичниот автобуски превоз во Римини во летниот период е хаотичен. На сред лето, сообраќајниот хаос во оваа туристичка дестинација е голем, бидејќи значаен дел од туристите доаѓаат со своите автомобили на одмор. Поради тоа, градските автобуси се загушени во застојот со останатите автомобили на улиците, заедно со хаотичното паркирање на возилата, по кое италијанските граѓани се традиционално познати. Во ваков сообраќаен хаос, патувањето со обичните автобуси трае многу подолго, а поради доцнењата на поаѓањата во возниот ред, доаѓа и до преполнување на автобусите од преголемиот број патници кои чекаат на станиците.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Патниците кои чекаат превоз се информирани во реално време за пристигнување на следниот автобус; Фото: Мета.мк

БРТ-то во Римини покрај тоа што е побрзо средство за јавен транспорт, овозможува патување со идентични цени на билетите како и обичните автобуси. Цената на еден билет е едно и пол евро за патување во период од 60 минути од моментот на валидирање на билетот во автобусот. На тој начин, граѓаните кои имаат да завршат некоја активност што не бара премногу време на другиот дел од градот, можат да патуваат со ова превозно средство во двете насоки со еден билет. Ова е речиси невозможно доколку се користи обичниот автобуски превоз, бидејќи времето на патување е многу подолго.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Билет за користење на јавниот превоз во Римини, Италија; Фото: Мета.мк

Целокупниот проект за изградба на БРТ-линијата во Римини чинела 78 милиони евра, вклучувајќи ја и изведбата на електричната мрежа за придвижување на набавените девет тролејбуси на електрична енергија. Тролејбусите почнале да функционираат во октомври 2021 година, а во моментов поаѓањата предвидени во возниот ред се одржуваат заедно со обични зглобни автобуси со кои располага јавниот оператор во градот.

Автобуското метро во Римини функционира од 5:30 часот наутро до 00:47 часот по полноќ, со последни поаѓања во текот на летото во 2 часот по полноќ. За разлика од поголемиот дел од одвоената траса која се состои од една сообраќајна лента, стојалиштата имаат по две сообраќајни ленти кои овозможуваат разминување на автобусите кои одат во спротивен правец. За разлика од обичните автобуси, набавените тролејбуси кои сообраќаат на БРТ-линијата имаат можност да примат и поголем број патници.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Дел од трасата е со две сообраќајни ленти, а секоја станица овозможува безбеден прием на патници со семафори; Фото: Мета.мк

Целокупната траса на БРТ-линијата има загарантирано време на патување меѓу двете крајни станици од 23 минути. Во летниот период, поаѓањата се на секои 10 минути во сообраќајниот шпиц, додека во преостанатиот дел од денот и надвор од летната сезона тролејбусите сообраќаат на секои 15 до 30 минути.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Мапа со стојалиштата од автобуското метро во Римини, Италија; Фото: Мета.мк

Она што е особено важно за автобуското метро е фактот што билетите за неговото користење се интегрирани со преостанатиот јавен превоз на Римини, а операторот нуди и билети за патување за 24 часа со ова превозно средство, користење на билети за три и седум дена патување, како и специјална карта која овозможува употреба и на регионалните возови на државниот оператор Трениталија во приградската околина на Римини.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Патокази за пристап до автобуското метро можат да се најдат на пофреквентните локации во Римини; Фото: Мета.мк

Посебна предност на автобуското метро во Римини е еколошката димензија. Прво, самите тролејбуси сообраќаат на електрична енергија и не го загадуваат воздухот. Проектот има за цел да го намали користењето на автомобилите во Римини, којшто особено во летните месеци е заситен од патен сообраќај. Податоците на властите укажуваат дека Метромаре има за цел да елиминира помеѓу 12.000 и 15.000 патувања со автомобил дневно во Римини, што пак на годишно ниво доведува до намалување од 11 отсто на загадувачките честички во воздухот долж крајбрежната рута на Римини.

Она што е особено значајно е високата безбедност во сообраќајот. Поради тоа што трасата е одвоена од преостанатиот сообраќај, можноста за сообраќајни несреќи е сведена на минимум. Сите стојалишта и превозните средства имаат камери за видео-надзор, кои ги сведуваат на минимум и кражбите на лични предмети од патниците.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Достапноста за лицата со инвалидност е овозможена до секое стојалиште и автобус од автобуското метро во Римини; Фото: Мета.мк

Она што неодоливо потсетува на Скопје во однос на автобуското метро во Римини е долготрајната критика и отпорот кај дел од тамошната јавност во однос на неговата реализација. Идејата за изградба на брз и висококапацитетен алтернативен јавен превоз во овој град е зачната со реализација на почетокот од 90-тите години на минатиот век. Проектот за БРТ во Римини доби поддршка од италијанската влада во 2006 година, додека неговата реализација траела меѓу 2012 и 2017 година. За да се овозможи одвоена траса за оваа БРТ линија, изградени се нови надвозници и подвозници за пешаците и возилата, како и нови мостови долж трасата.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]
Автобуското метро во Римини, Италија; Фото: Мета.мк

Многу локални политичари и дел од тамошната јавност, налик на актуелната состојба во Скопје, се спротивставија на изградбата на БРТ линијата. Дел од политичарите, особено од раководството на гратчето Ричионе, сметаа дека проектот за автобуско метро е застарен. Уривањето на дел од имотите за да се изгради трасата, експропријацијата на земјиштето и сечењето на дрва предизвика и протести на дел од населението, како и судски процеси против експропријацијата на земјиштето. Десничарската градоначалничка на Ричоне, Рената Тоси како отворен критичар против изградбата на проектот се обиде да ја блокира неговата реализација во 2014 година, а апели за сопирање на проектот беа испратени директно и до италијанскиот премиер Матео Ренци.

Неколкугодишните препукувања меѓу властите во Ричоне и централната италијанска власт неодоливо потсетуваат на актуелната состојба со која се соочува проектот за имплементација на двете БРТ линии во Скопје, со препукувањата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и централната власт на премиерот Димитар Ковачевски, која го подигна кредитот за изградба на проектот и се обидува да го унапреди јавниот превоз во Скопје.

И покрај сè, бројните противења на изградбата на автобуското метро во Римини не успеале да ја прекинат, туку единствено да ја одолговлечат изведбата на алтернативен јавен превоз во овој град. Дали Скопје ќе ја има идентичната судбина на познатиот италијански туристички центар, останува допрва да видиме.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Премиерот Мицкоски најави 250 милиони евра од кредит од Унгарија за бизнисот, македонските стопанственици го …