„Бела чума“ ја десеткува Македонија

„Бела чума“ ја десеткува Македонија

Северна Македонија во изминатите години се соочува со масовно иселување, особено на младите, а тој тренд нема да запре и во иднина, ако се суди според последните истражувања. Тоа го покажаа и бројките на спроведениот попис.

Речиси секој во државата познава некого кој се иселил во странство или кој допрва планира својата иднина да ја гради надвор. Таков е случајот и со семејството Паневски. Сопругот на Катерина Богдановска Паневска во октомври, минатата година заминал за Љубљана каде се вработил во луксузен хотел, а сега и таа заедно со нивната едногодишна ќерка се подготвува да му се придружи. Иако и двајцата имале работа во Скопје донеле одлука да се иселат во Словенија.

„Се решивме на таков чекор првенството заради иднината на детето и за подобар живот“, вели таа.

Најновите резултати на глобалното истражување на Галуп Интернешнл на тема миграција покажуваат дека 42 отсто од Македонците би се иселиле од државата, а 55 отсто би останале каде што се, останатите пак се изјасниле дека не знаат. Истражувањето во земјава го спроведе Брима преку телефонска анкета на национално репрезентативен примерок со 800 испитаници во текот на август минатата година.

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека државата мора да поведе сметка за популациската политика во време кога цели региони остануваат без луѓе.

„Ние немаме чуено дека некоја институција посебно го поставува тоа прашање и го прогласува дури и за стратешко, едно од најзначајните стратешки прашања во таа политика. Мислам дека тоа е најстратешко прашање бидејќи ако нема луѓе нема држава. Ако има малку народ којшто еве дури почнува и да се топи во бројката, тогаш се е залудно“, заклучува социологот.

Резултатите од пописот покажуваат дека Македонија сега има 1,83 милиони жители, 185 илјади помалку од претходниот попис во 2002 година. Бројот на стари луѓе се зголемува, на сметка на огромното намалување на млади и работоспособни луѓе. Бројот на млади до 29 години се намалил од 907 илјади на 638 илјади луѓе, односно за 270 илјади луѓе. Според пописот, има над 200 целосно иселени места.

За илустрација од почетокот на учебнава година, од кумановските училишта 164 ученици се отпишани поради преселба во друга држава.

Демографијата најголема опасност

Во годишното обраќање пред Собранието на крајот на декември претседателот Стево Пендаровски рече дека пописот потврдил дека „најголемата опасност по нашата национална безбедност, останува да биде – демографијата“.

„Во емигрантска Македонија, за жал, секогаш имало повеќе Македонци и македонски граѓани, отколку во татковината, но, поради немаштијата и невладеење на правото „белата чума” продолжува да ја десеткува нацијата“, порача претседателот Пендаровски.

Суровата вистина, како што рече шефот на државата, е дека според проекциите на Обединетите нации до 2050-та, доколку се задржат овие трендови, во земјата ќе има само околу еден милион жители. Пендаровски додаде дека што поскоро е потребно да се постигне широк државен консензус и стратегија по ова прашање.

Владата со нова стратегија

Министерството за труд и социјална политика во ноември 2022 почна да ја ревидира Стратегија за демографски политики усвоена во 2015 година. Откако ќе заврши ревизија на постојната Стратегија ќе се прави нова која ќе се базира на реални демографски податоци кои се однесуваат на целото население во државата.

Но, до тогаш семејството Паневски ќе биде со друга адреса на живеење, а државата ќе загуби најмалку уште тројца жители.

Богдановска Паневска, која е медицинска сестра по професија вели дека очекува набрзо да ги спакува куферите, бидејќи е при крај со процедурата за средување на документацијата која и е потребна за да најде работа во секторот. Таа за време на новогодишните празници го посетила сопругот Антонио и иако се работи за мала држава од Балканот како и Македонија, тој веќе ги почувствувал разликите во начинот на живот.

„Те ценат. Те почитуваат. Едноставно се чувствуваш покорисен за нивното општество и за себе, бидејќи си поисполнет во работата која што ја работиш“, вели таа и додава дека словенечката метропола веќе ги исполнила очекувањата на нејзиниот сопруг.

Анкетата на Галуп Интернешнл истовремено е спроведена во 57 држави од светот, а резултатите се за нијанса подобри од оние на земјава, односно покажуваат дека 36 проценти од глобалното население сака да мигрира.

Од младите испитаници под 34 годишна возраст 44 отсто се изјасниле дека ако им се даде опција, би сакале да живеат во друга земја. Кај повозрасните испитаници бројката е помала и 23 проценти одговориле би живееле на друго место.

Во однос на земјите од регионот 48 отсто од Босанците навеле дека би сакале да живеат во друга земја, 40 отсто од граѓаните во Грција сакаат да си заминат, од Косово 39, од Хрватска 35 и од Бугарија 25 отсто.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан и специјалниот пратеник …