Безбедносните служби спречиле терористички напад на бомбаш самоубиец

Агенцијата за разузнавање за РСЕ вели дека во соработка со безбедносни служби на земји членки на НАТО биле спречени терористички напади во Македонија и во соседството во кои биле инволвирани поддржувачи на екстремистичката идеологија на ИСИС. Дел од нив биле претходно осудени за тероризам.

Терористички акти кои се подготвувале на одредени локации во државата, како и напад врз комерцијален објект со користење на експлозивен појас кај нас и во странство, биле спречени од страна на Агенцијата за разузнавање во соработка со домашните безбедносни институции и партнерските разузнавачки служби од држави-членки на НАТО во изминатите три години, велат од Агенцијата за РСЕ.

Прв пат за овие закани јавноста дозна од претседателот Стево Пендаровски кој во новогодишното обраќање во Собранието на крајот на декември рече дека по добиените податоци од НАТО, во најмалку три наврати, изминативе години биле пресретнати терористички напади во подготвителните фази кои се одвивале надвор од нашата територија.

Детали за нападите, во кои држави се подготвувале и која била наивната цел, Пендаровски не кажа, туку само дека Алијансата, чија членка е земјава од март 2020 година, активно помага во делот на хибридни закани и на заканите од тероризам, пред сѐ поврзани со повратниците од војните на Блискиот исток.

Во планираните терористички напади биле инволвирани поддржувачи на терористичката идеологија на „ИСИС“, потврдуваат од Агенцијата за разузнавање. Дел од нив се осудувани лица со издржани затворски казни за тероризам во Република Северна Македонија и во странство.

Спречени напади во 2020 и 2021 година

Првите планирани напади биле спречени во текот на 2020 година кога била разбиена терористичка ќелија која имала намера да изврши терористички акти на одредени локации во Северна Македонија.

„Целта на овие терористички напади беше да се предизвика страв и несигурност кај граѓаните, загрозување на критичната инфраструктура и поширока безбедносна дестабилизација. Оваа терористичка ќелија беше разбиена во соработка со сојузнички служби и во координирана акција на безбедносните институции во нашата држава“, велат за РСЕ од Агенцијата за разузнавање.

Во оваа акција беа уапсени и осудени за теороризам тројца жители на Куманово кои ја организирале теористичката ќелија по идеолошка матрица на ИСИС.

Наредната 2021 година македонската Агенцијата за разузнавање предупредила за делување на автономни ќелии на терористички организации од кризните подрачја (Сирија и Ирак), кои вршеле регрутирање на лица и планирање на терористички акти во земјите од Балканот и ЕУ. Во некои соседни балкански земји, без да наведат во кои, од Агенцијата велат дека ќелиите биле разбиени во неколку полициски акции и нивните припадници биле уапсени.

Истата година македонските безбедносни служби, по добивање на разузнавачки информации спречиле самоубиствен бомбашки напад кој го планирал поранешен осуденик.

“Агенцијата за разузнавање даде свој придонес во процесот на детектирање активности на странски државјанин, припадник на верско-радикална група и поранешен осуденик, кој планирал изведување терористички напад од радикални верски побуди со користење на експлозивен појас. Нападот требаше да се изврши врз комерцијален објект кај нас и во непосредното соседство, што беше навремено превенирано од безбедносните органи“, велат за РСЕ од Агенцијата за разузнавање.

Во соработка со партнерска служба од една соседна земја на крајот од 2021 и почетокот на 2022 година, Агенцијата за разузнавање учествувала и во откривањето и делување на екстремно-криминална и високо радикализирана група. По нејзиното откривање бил упасен водачот на групата, но не се открива во која соседна држава.

Северна Македонија граничи со три земји членки на НАТО, Бугарија, Грција и Албанија, а на Косово дејствува КФОР, меѓународните мировни сили под водство на НАТО.

Пет македонски државјани се борат во Сирија

Во моментов во земјава, има од седумдесет до осумдесет повратници од странските боишта, а пет македонски државјани се уште се во кризното подрачје во Сирија, вели националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски.

„Странските терористички борци, односно повратници, не се само национална закана за Северна Македонија, туку претставуваат и регионална и глобална закана. Но, според досегашните податоци со кои ние располагаме, нема висок ризик на закана во Северна Македонија од повратниците. Значи од скалата на 1 до 5, заканата е 2“, вели Апостолоски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред еден месец во Брисел со неговиот албански колега Бледар Чучи и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон потпишаа договори за борба против тероризмот.

„Се појавуваат нови безбедносни закани и предизвици и покажуваме дека меѓународната соработка е од најголема важност. Ревидираниот аранжман ќе им овозможи на Северна Македонија и на ЕУ поблиску да соработуваат за да предвидат, спречат, заштитат и одговорат на терористичките закани“, порача министерот Спасовски од Брисел.

Последните големи антитерористички акции во земјава со кои беше запознаена јавноста беа спроведени во два наврати, во август и декември 2020 година кога во Скопје и во Куманово беа уапсени 11 македонски државјани. Се работеше за членови на иста организација, основана на идеолошките основи на „Исламска држава“. Целта на уапсените милитанти, како што тогаш сооопшти Министерството за внатрешни работи била „убиства и уништување јавни објекти заради внесување страв кај граѓаните“.

Последните достапни судски податоци покажуваат дека 30 луѓе се осудени на казна затвор, која според последните измени на кривичниот законик се движи од 6 до 9 години. Со претходниот закон дел од осудените за учество во странски паравоени формации излегоа од затвор за околу 2 години.

За прв пат Владата лани објави листа со имиња на 15 македонски државјани кои се финансиски казнети бидејќи учествувале во паравоени формации во Сирија и таканаречената „Исламската Држава“. Со тоа им се забранува користење, трансфер или друг вид на располагање со имот, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …