Состојбата по парламентарните избори во Бугарија денеска дополнително се комплицираше, откако стана јасно дека и партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, инаку втора политичка сила според бројот на освоени гласови, ќе го врати мандатот за формирање влада што бугарскиот претседател Румен Радев треба да им го додели оваа седмица. Тој дополнително ги навреди сите партии што досега му изразија поддршка за формирање влада, нарекувајќи ги „штетни, алчни и докажано компромитирани“.

Имено, Трифонов на Фејсбук утрово напиша дека нивни кандидат за премиер ќе биде светската шампионка во шах Антоанета Стефанова, која има економско образование и зборува пет јазици – но и дека таа ќе го врати мандатот во истиот миг во којшто ќе ѝ биде врачен, бидејќи „Има таков народ“ немала доволен број пратеници или партнери за да формира стабилна влада. Тоа пак значи дека Радев или ќе се обиде да го врачи мандатот на уште некоја партија, или пак ќе мора да се распишат нови парламентарни избори.

„Нашиот предлог за премиер е светскиот шампион во шах Антоанета Стефанова. Таа има економско образование и зборува пет јазици. Споредбите, размислувањата и заклучоците ги оставам на вас“, напиша Трифонов.

„Се разбира, Антоанета Стефанова веднаш ќе го врати мандатот. Веднаш. Во истата секунда. Зашто „Има таков народ“ го нема доволниот број пртеници или партнери за да состави влада. Стабилна влада. Предложената поддршка е од политички субјекти што се штетни, алчни и докажано компромитирани. И тоа нивното не е поддршка, туку зависност“, порача Трифонов, дополнувајќи дека „законот, Уставот и демократијата ни даваат можност да направиме подобар избор“.

Тој имплицира на нови предвремените избори во земјата, коишто, како што велат некои аналитичари во Бугарија, „Има таков народ“ ги гледа како шанса за освојување поголем број пратенички места од сегашната состојба, и поголеми шанси за формирање стабилна влада.

За доскорешниот бугарски премиер и претседател на партијата ГЕРБ Бојко Борисов, ваквиот потег на „Има таков народ“ е апсолутна неодговорност. Неговата партија освои најмногу гласови на неодамнешните парламентарни избори, но не можеше да формира мнозинство оти речиси сите партии ја отфрлија можноста да учествуваат во таква влада, по што тие го вратија мандатот. Борисов во добропознатиот манир, во видео објавено на неговата Фејсбук страница, порача дека со ваквото однесување, државата ќе се соочи со хаос во следните месеци, без парламент и без влада избрана од граѓаните.

Извор: МЕТА