Бугарски интелектуалци побараа Бугарија да ја признае одговорноста за прогон и депортацијата на Евреите од окупираните територии

На крајот на минатиот месец, во пресрет на 80-годишнината од спасување на Евреите на територијата на Бугарија, но и на депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија во нацистичкиот логор Треблинка во 1943 година, група бугарски интелектуалци побараа Бугарија да ја признае одговорноста за холокаустот на македонските Евреи и да се извини.

Во нивниот „Повик“, што го објави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg на 28 февруари годинава, групата бугарски интелектуалци бараат „сеќавањето на настаните да излезе од колосекот на шаблоните и митологизирачките мотиви, од постојаното лицитирање со припишувањето заслуги и непрекинатото бегање од одговорност, бидејќи ја одразува неизбришливата мрачна страна на слученото“.

„Со времето, овој датум натежнал од посланија и од молчење. На него, извишените зборови за доблест, благородство и смелост кохабитираат со агресивно одрекување на соучеството во еден мрачен чин. Државата досега не посака да најде јазик со којшто ќе ги одбележи двата нераздвојни и истовремено целосно спротивставени историски факта: спасување на животите на Евреите од предвоените територии на Бугарија и депортирањето во Треблинка (4-29 март 1943) на оние од териториите окупирани во април 1941 година“, велат авторите.

Повикуваат „бугарската држава да ја признае јавно, искрено и безусловно својата одговорност, поднесувајќи извинување за прогонот и за депортирањето на Евреите во годините на Втората светска војна“.

Тие велат дека таквиот морален чин на никаков начин не би поставил колективна вина врз целото воено поколение, а уште помалку пак врз идните.

„Напротив, тој би бил знак за зрелост и цивилизираност, заслужено поклонување пред невините жртви и израз на почит кон оние што реално придонеле за спасувањето на многу човечки животи“, се посочува во Повикот на бугарските интелектуалци.

Северна Македоннија денеска со три настана го одбележува сеќавањето на 7.144 Евреи од македонска територија, кои од 11 март 1943 година од Скопје со товарни вагони се однесени во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка, каде што се брутално убиени.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Земјотрес со јачина од 5,4 степени во Црна Гора, почувствуван и во Македонија и регионот

Од црногорскиот завод подоцна информираа дека по главниот земјотрес, следувале уште 30 помали Земјотрес со …