На денешната седница бугарското Народно собрание ќе гласа за предлог владата на мандатарот Николај Габровски, објавено е на веб-страницата на парламентот. Прва точка на дневниот ред ќе биде изборот на премиер, вклучувајќи ја и структурата и изборот на членовите на новата бугарска Влада. „Промените продолжуваат“, „Демократска Бугарија“, БСП и „Препород“ се изјаснија дека ќе гласаат против влада со мандат на ГЕРБ-СДС. Движењето за права и слободи и партијата „Бугарски подем“ на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев синоќа ја најавија можноста дека ќе поддржат влада со мандат на ГЕРБ-СДС.
ГЕРБ бара технократска влада во Бугарија, но парламентот не сака
ГЕРБ победи на предвремените избори на 2 октомври, четврти во последните 18 месеци, но досега не успеа да обезбеди мнозинска поддршка за влада што ќе ја предводи Габровски. Неуспехот да се формира редовна влада ќе влијае врз плановите на Бугарија да се приклучи на еврозоната во 2024 година, што ќе донесе милијарди евра во фондовите за обновување на ЕУ. Тоа, исто така, би ги попречило напорите да се состави сеопфатен буџет за 2023 година во услови на висока инфлација и претстојното економско забавување.