Црковен суд за замолчување новинари

Црковен суд за замолчување новинари

Преседан кој е обид за замолчување на независното новинарство, е оценката од новинарската фела за црковната одлука да му суди на новинар. Новинарот Маријан Николовски вели дека тој и не е најважен фактор во целата игра во која е испреплетено и руско влијание во македонската црква.

Денеска, 29 јануари, требаше да се одржи „доказно рочиште“ на кое новинарот Марјан Николовски требаше да се брани за наводен говор на омраза и доведување во општа опасност и загрозување на безбедноста на членови на Синодот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

Сето ова би звучело нормално доколку станува збор за граѓанска постапка во која некој е тужен за клевета и навреда, но во случајот не е така. Во прашање е ставање новинар пред црковен суд при што од него се бара да ги достави сите исправи и предмети коишто би му служеле како доказ или треба да се разгледаат од црковен обвинител. Судница, пак, за ваквото рочиште требаше да биде канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод (САС) на МПЦ-ОА.

Николовски е новинар и уредник во националната телевизија „Сител“, а е основач и на порталот Религија.мк. Токму овој портал се наведува во поканата што тој ја добил од Синодот, но не се споменува конкретен напис за кој е „тужен“.

Новинарот Марјан Николовски на својот портал ја објави поканата што тврди дека ја добил од црквата
Новинарот Марјан Николовски на својот портал ја објави поканата што тврди дека ја добил од црквата

Николовски денеска не се појави таму, а случајот изминатите денови предизвика низа реакции. Најголемиот дел од новинарската фела го осуди потегот на црквата, а за Здружението на новинари ова е преседан. Меѓу дел од владиците во МПЦ-ОА, пак, има поделеност околу оправданоста на овој чекор, зад кој не е јасно кој стои.

Писмото Николовски го добил во име на Синодот, но посочува дека на него нема ниту печат ниту потпис.

„Немам намера како новинар да одам по црковни судови, постојат граѓански судови ако некој се почувствувал наклеветен или навреден“, вели за Радио Слободна Европа новинарот Николовски, кој е основач на порталот Религија.мк и е еден од ретките новинари во земјава што долги години покрива прашања поврзани со верските заедници.

Според него, ова е класичен обид за негово замолчување. Тој нагласува дека неговиот портал е ентузијастички и се занимава со прашања поврзани со религијата и сите верски заедници, а не само со МПЦ-ОА.

„Мојот портал не е верски, туку новинарски портал. Сметам дека овој нивен обид за да извршат црковен суд врз мене од кој подоцна ќе треба да произлезе осуда или исклучување од црквата за да тоа се трансформира во јавен линч против мене како што тоа веќе го има на социјалните мрежи организирано од одредени структури на свештеници или блиски лица до МПЦ или до некои мали политички партии кои на еден или друг начин, се поврзани со МПЦ. Тој јавен линч треба да се трансформира и на моменти можеби и со физички пресметки“, вели Николовски.

Притисок врз независното новинарство

Случајот го разгледуваа и во Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) од каде јавно се солидаризаа со Николовски.

„Дојдовме до заклучок дека ова е опасен преседан бидејќи на еден начин прави обид за притисок кон независното новинарство и кон оние медиумски работници кои работат на теми поврзани со МПЦ-ОА“, вели извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

Според него, ситуацијата непотребно ескалирала и се остава впечаток дека во црквата се користат интерни механизми за да се влијае на нечија репутација и имиџ. Ако некој претставник на црквата, нагласува тој, има проблем или сметал дека има доза неетичност во некоја објава можел да ги користи бесплатните механизми – Советот на честа и Советот за етика во медиумите, кои може да направат проценки.

„Вака општо кажано само дека некој не е задоволен од конкретниот веб-сајт остава впечаток дека намерата и не е можеби да се спори конкретен текст или прилог туку да се спори конкретната репутација на овој новинар“, вели Секуловски.

Новинарот Бранко Ѓорѓевски, кој исто така долги години известува за верски прашања, смета дека овој случај треба да го загрижи раководството на Македонската православна црква.

„Кога велам дека треба да се загрижи раководството на црквата мислам на фактот што некој очигледно од редовите на самата МПЦ-ОА се дрзнува да испраќа писмо во нејзино име со покана за црковен суд. Се виде дека на тој допис нема ниту потпис ниту печат, а што би требало да има доколку е некој официјален црковен допис“, вели Ѓорѓевски.

Индикативно, според него е и што раководството на МПЦ-ОА молчи иако „не би требало да остане нем посматрач“.

Нема инквизиција, само разговор

За случајот Радио Слободна Европа разговараше и со двајца владици во МПЦ-ОА, од чиј ставови се насетува дека и таму владее поделеност околу постапката што била покрената.

Владиката Тимотеј, нагласува дека Синодот, во чие име било испратено писмото, не е никаков суд.

„Прво, Синодот не суди никого, ако треба да суди некој, треба да суди епархиски суд, а потоа имаат право да се иде на архиепископски, а Синодот никогаш ниту судел ниту ќе суди. Тоа е лакрдија мислам на некој владика“, вели владиката Тимотеј.

Според него, ова е невалидна постапка.

Владиката Петар, пак, смета дека нема ништо спорно во случајот и оти станува збор само за „повикување на разговор, а не на судење“ за, како што вели, „изјави, клевети и лаги кон Синодот и архиереите на МПЦ-ОА“.

„Сосема погрешно се мисли дека сега ние ќе му судиме, не е формиран суд за да му се суди. Кога се суди, треба да има направен суд, да се знае кој е судот, каков е судот и меѓу другото секако ќе има и црковен обвинител што ќе си ја преземе обврската да поднесе обвинение. Овде не се работи за црковен суд туку тој е повикан само на разговор од страна на светиот синод во врска со сите негови досега коментари и изјави што ги давал за членови на Синодот, за самиот Синод, поглаварот итн. Да не се прејудицираат работите да се претставуваат како некаква си инквизиција“, вели владиката Петар.

На нашето прашање зошто не започнат граѓанска постапка за клевета пред граѓански суд, владиката вели дека „каноните велат дека ако некој е член на верска заедница, прво верската заедница да расчисти со таа работа, а потоа секако ќе има и граѓански постапки“.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) изминатиот период во неколку наврати беше во фокусот на јавноста. Еден од нив беше откако во 2022 година, по повеќе од половина век се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби томос за автокефалност од Српската православна црква. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласува автокефалност од Српската православна црква. А, беше во преден план и минатото лето кога повика, и со поддршка на останатите верски заедници, организираше протест против Законот за родова еднаквост. Одредени црковни лица тогаш предупредуваа дека пратеници кои би гласале за законот би можеле да бидат лишени од венчавки, крштевки, погреби итн.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Топлото време и екстремно високите температури не беа пречка премиерот и повеќе владини и локлани …