По повод 7 Април, Светски ден на здравјето, денеска во Паркот на револуцијата во Прилеп се одржа трибина со д-р Венко Филипче, Миле Талевски и Кети Стевананџија, на која присуствуваа здравствени работници од јавното и приватното здравство, како и вработени во областа на фармацијата.
Честитајќи го Светскиот ден на здравјето и здравствените работници, д-р Филипче ја истакна пожртвуваноста на докторите, медицинските сестри и целокупниот персонал од прилепската болница „Борка Талески“ за време на Ковид пандемијата, но и на големиот број на инвестиции во оваа здравствена установа од периодот кога тој беше прв човек во Министерството за здравство.
Д-р Филипче ја нагласи потребата од натамошни, уште поголеми инвестиции во подобрување на условите во здравствените установи како за медицинскиот персонал така и за пациентите, истакнувајќи неколку клучни проекти и реформи:
- Укинување на партиципацијата за услуги во јавното здравство
- Зголемување на капитацијата за матичните лекари за 15%
- Нови 1.000 специјализации и субспецијализации
- Зголемување на платите за специјалистите во терциерното здравство до 180.000, во секундарното здравство до 140.000 денари и на општите лекари до 120.000 денари
- Платите на медицинските сестри со висока школа ќе бидат зголемени до 90.000 денари, а на оние со средно училиште до 60.000 денари.
Она што д-р Филипче исто така го истакна, е дека ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“- Прилеп, ќе биде дел од наставната база на новиот Медицински факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“- Битола.
По повод денешниот Светски ден на здравјето и здравствените работници, д-р Венко Филипче положи цвеќе на Могилата на непобедените, како и пред бистата на народниот херој Борка Талески, чие име го носи прилепската болница.