Девојчето со кибритчињата

Пишува: Зоран Милошески

Се сеќавате ли на најубавата, но и најтажна новогодишна приказна на Ханс Кристијан Андерсен, „Девојчето со кибритчињата“? Сказната за сиромашното, гладно и босоного девојче, кое во студената и глува новогодишна ноќ, плашејќи се да се врати дома од гневот на својот татко заради непродаденото макар и едно кибритче, заради незаработената макар и една паричка, ќе замрзне и ќе замине „горе онаму каде никогаш нема студ, каде нема глад, каде нема немир…“?

На Новогодишните и Божикните празници, во деновите кога ги сликаме и објавуваме трпезите преполни со храна, кога во секој втор збор го споменуваме Бог, кога испорачуваме најубави желби за здравје, мир и благосостојба, кога повикуваме на хуманост, солидарност и меѓусебно разбирање, кога си посакуваме домовите да ни бидат исполнети со топлина… помисли ли некој дека во нашето соседство живее некое „девојче со кибритчиња“, кому му е потребно парче леб, трошка љубов и убав збор? И не треба да прашувам дали некој се сети на тоа, оти знам…

Исправени пред предизвикот наречен „самокритичност“, заради едни или други причини кои ни служат како алиби да си ги простиме сопствените гревови и, за сите нив, да најдеме оправдување пред самите себе, секогаш ќе измислиме начин да ја игнорираме и заобиколиме вистината. Секогаш. Без исклучок. Зошто тогаш нешто би било различно во овој случај?

Дали некогаш времињата биле подобри, или подобри сме биле ние? Отсекогаш сме биле себични, или животот нѐ направил такви? Нѐ допира ли туѓата несреќа, или изразуваме сочувство оти таков е редот?

Не сум сигурен дека сме подготвени отворено да проговориме за овие прашања, ама затоа немам дилема дека не постои прашање кое не сме спремни во секое време да го политизираме и за кое не можеме да се испокараме и поделиме. И сето тоа заради нашата непринципиелност, самобендисаност и, она што сѐ почесто доаѓа до израз – личниот интерес издигнат на пиедесталот.

Впрочем, ситуацијата со (не)грижата за животната средина е типичен пример за погоре наведеното.

Сите дишеме ист воздух и сите имаме еднакво право на чиста и здрава животна средина. Секој здраворазумен човек е свесен за опасноста по неговото здравје и живот од високата концентрација на ПМ 10 честичките и останатите загадувачки супстанци. Затоа, делењето ум од страна на одредени политички субјекти, здруженија и поединци за важноста на здравата животна средина, држењето лекции за отсуство на свесност за загадувањето кое го продуцираат индустриските капацитети, автомобилите и загревањето на домовите со јаглен и дрва, арогантните констатации дека мнозинството граѓани ги затвораат очите пред „тивката смрт“ заради партиска директива, е потценување на интелектот на просечниот граѓанин.

Никој не им дал право на самоназначените „лидери“ и самонаречени „борци за чист воздух“, да шират небулози дека на сите други освен нив, повеќе им значи зборот на партијата отколку здравјето на сопствените деца. Зарем личните амбиции по секоја цена да стигнат до целта која ја зацртале, до толку им го поматиле умот што индиректно имплицираат дека само тие ги сакаат своите деца, а сите останати се оперирани од најсилното чувство, од најискрената љубов кое едно човечко суштество може да ја има? Ете дотаму нѐ однесле нашиот егоизам и лукративност – да се самопромовираме во „душегрижници“ и „спасители на човечкиот род“, заборавајќи го сето она на кое деновиве толку многу апелираме: меѓусебната почит и човекољубието. Исто како што „заборавивме“ дека и пред 10 години од оџаците на РЕК „Битола“ излегуваше чад, дека градските автобуси во Скопје повеќе чадеа отколку што одеа и дека, тогаш кога работеа со полн капацитет, Цементарница и Железара ги затемнуваа и сонцето и месечината.

За да не оставам простор да се спинува мојот став по однос на загадувањето… Борбата за здрава животна средина не смее да има алтернатива и таа треба и мора да биде врвен приоритет на секоја Влада, локална самоуправа и институција. Придонесот на граѓанскиот сектор, на секој поединец, е пожелен и препорачлив. Воздухот нема партиска боја, ниту пак ПМ 10 честичките бираат кого и каде ќе нападнат. Загадувањето е проблем на целото човештво ширум планетата Земја, предизвик кој бара системско и систематско решавање. И затоа, уште еднаш: искрениот придонес и чесниот пристап на секој од нас во справувањето со најголемата опасност по опстанокот на човечкиот род, е важен, клучен.

И повторно се враќаме на основната идеја на овој текст. Да се завртиме околу себе, со ширум отворено срце да ги прифатиме и да им помогнеме на оние на кои помошта им е неопходна. Да му дадеме предност на духовното, наспроти материјалното. Да бидеме со добра мисла. Не мора да се сакаме, но можеме барем да се почитуваме. Да бидеме повеќе хумани, а помалку себични и нарцисоидни. Оти убавиот збор, љубовта и подадената рака беше она што му недостигаше на девојчето со кибритчињата.

Колку такви „девојчиња со кибритчиња“ има во нашето опкружување???

Честит Божик!

Прочитајте повеќе

Ковачевски од Куманово: Нема откажување од иднината, од надежта и желбата за европска Македонија

„СДСМ е опција која носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите, опција која …