Другари, ако сакате да победите - не треба да изгубите!

Другари, ако сакате да победите – не треба да изгубите!

Пишува: Зоран Милошески

Оваа, наизглед, аланфордовска девиза од насловот на текстот, ја отсликува целата филозофија на секој изборен циклус. Оти, првиот предуслов за да било која партија победи на избори, е да сака да победи. Што според логиката на нештата, подразбира дека треба да направи се’ за да не изгуби.

На претстојните и на сите следни избори, опозицијата, сегашната и секоја идна, нема што да изгуби. За разлика од власта, за која напуштањето на министерските и градоначалничките кабинети претставува губење на позицијата на моќ и соочување со неизвесноста наречена „живот во опозиција“.

Анализирајќи го времето поминато на „Илинденска“ бр.2, само по себе се наметнува прашањето – сака ли СДСМ да остане на власт? Или, да бидам поконкретен – дали сите во СДСМ сакаат партијата и натаму да биде дел од владејачкото мнозинство? Можеби некому прашањето ќе му изгледа бесмислено, бидејќи во пресрет ни доаѓаат локални избори кои немаат директна врска со извршната власт. Сепак, сосема е извесно дека губењето на локалната власт ќе предизвика нови предвремени парламентарни избори. На кои, доколку до нив дојде, актуелната власт би поминала уште полошо отколку на локалните, од проста причина што расположението на гласачите во два последователни изборни циклуса, функционира по принципот на сврзани садови.

Дилемата околу желбата да се остане на власт првенствено доаѓа од една не така мала групација на партиски профитери, кои не гледаат голема разлика во тоа дали партијата им е на власт, или пак во опозиција. Од причина што дотичните се добро изверзирани во фаќањето бизнис, дури и од позиција на опозиција. Со тоа што профитот од бизнисите незначително ќе им се намали за некој процент, пари кои како рушвет ќе завршат во џебовите на новодојденците во конфорните кабинети.

Аферите кои во последните неколку месеци ја анимираа пошироката јавност, а кои се врзуваат за експоненти на владејачката партија, имаат сериозно влијание врз партискиот рејтинг. Особено кога фатените со „рацете во медот“ поминуваат неказнето, или пак кога власта се обидува невешто да ги релативизира скандалите.

Сето тоа делува демотивирачки и врз партиските членови, кои доаѓањето на власт на нивната партија не го сфаќаа само од формален аспект, туку беа цврсто убедени дека СДСМ ќе воведе суштински, а не козметички промени во начинот на владеење: дека со криминалот и криминалците нема да има компромис и дека на чело на институциите ќе бидат поставени способни и едуцирани кадри, кои имаат капацитет, знаење и силна желба да ја направат разликата помеѓу претходната и актуелната владејачка гарнитура.

Меѓутоа, надежите не се исполнија во онолкав процент кој би претставувал долна линија на нивните очекувања, но и на очекувањата на партиски неопределените граѓани.

Факт е дека во актуелната кадровска понуда на власта партиципираат не мал број функционери, директори и други високо позиционирани партиски членови, кои и во претходните Влади на СДСМ извршувале важни функции. Заеднички именител за сите нив е дека, ни тогаш, ни сега, направиле нешто добро за партијата, уште помалку за државата. Нешто со што пред премиерот и претседател на партијата би ја оправдале неоправдано добиената втора, трета… којзнае која по ред шанса за самодокажување. Се разбира, освен ако за доблест не им се смета тоа што се „жртвувале“, па по принципот „дај што даш“ ги прифаќале сите позиции кои им биле понудени. Да се работи нешто… па макар и директор.

Во моментов, јасно е дека изборниот кантар не натежнува на страната на СДСМ. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ е дезориентирано и не претставува кредибилен политички субјект, не е нешто што претставува олеснителна околност за партијата на Заев. Оти, секогаш кога за неутралниот македонски гласач не постоела јасна причина поради која би гласал за владејачката опција, тој секогаш се водел според непишаното правило – гласај против власта!

Далеку од тоа дека изборите уште отсега се решени. Не само затоа што до нив има 6 месеци, туку и заради често одлучувачкиот фактор кој многумина не го земаат во предвид: дека СДСМ е сеуште власт, и на централно и на локално ниво, што подразбира дека во нејзини раце се алатките кои можат да бидат „додадена вредност“, таман толку колку што е потребно за изборна победа.

ПС: Во пресрет на изборниот 16-ти Конгрес до кој останаа триесетина дена, од Заев очекуваме да го одржи ветувањето дадено во неговата програма „Нова политика. СДСМ – Прв во промените“, во делот во кој по прашањето на внатрепартиските промени пишува:

„Имавме доволно време како поединци да покажеме што знаеме и колку сме подготвени за предизвиците за внатрешните реформи. Направивме многу, но тоа не е доволно. Граѓаните со право не’ критикуваат во одредени сегменти. Сите оние кои со мене го одеа трнливиот пат, добија шанса да се докажат на различни должности во законодавната, извршната и локалната власт. Некои многу сработуваат, некои можат повеќе, но некои потфрлија. Уште сега најавувам, доколку мнозинството членови на СДСМ одлучат да продолжам да ја водам партијата, нема да има емоции кон никого повеќе. Сметам, дека никому ништо не му должам. Единствениот долг кој го прифаќам, е долгот кон граѓаните за ефикасна и доследна испорака на ветеното. И тука е точката од која почнува новиот начин на работа, тука е точката од која ја најавувам пролетната иницијатива“.

Друже Заев, мнозинството членови одлучија да продолжиш да ја водиш партијата, а пролетта започна на 20-ти март, во 10 часот и 37 минути…

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …