Една жртва во невремето во Србија, оштетени домови и откорнати дрвја во Хрватска и БиХ

Една жртва во невремето во Србија, оштетени домови и откорнати дрвја во Хрватска и БиХ

Едно дете загина во петокот вечерта, на 21 јули, во невремето што го зафати Нови Сад, како и неколку други градови во Србија.

Ова за Радио и телевизија на Србија (РТС) го потврди градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, додека новосадската полиција соопшти дека се работи за 12-годишно дете кое било пронајдено пред зграда на улицата Вука Мандушица.

По Италија, Словенија и Хрватска, во петокот вечерта во Србија пристигна силен дожд пропратен со грмежи и бурен ветер.

Невремето најмногу го зафати Нови Сад, а во некои делови од градот нема струја и вода. Невремето во Нови Сад собори кран на градилиште во Детелинара, при што беа оштетени соседните згради.

Ветерот ги урна ќерамидите од бројни куќи, јави репортерот на Радио Слободна Европа.

Во Нови Сад спасени се пет лица, меѓу кои и две деца, потврди командантот на противпожарната единица во Нови Сад, Стојан Миловац, пренесе РТС.

Србија, паднато дрво поради невремето во Нови Сад, 21 јули 2023 година
Србија, паднато дрво поради невремето во Нови Сад, 21 јули 2023 година

Како што рече, меѓу евакуираните имало и жена од киоск на кој паднало дрво.

Прв на удар на невремето во Србија беше Сомбор, каде силните ветрови урнаа дрвја. Дожд со грмежи е забележан и во Суботица, а привремена забрана за полнење гориво има и на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

По смирувањето на невремето повторно се создале услови за снабдување на авионите со гориво, соопштија во петокот вечерта од прес-службата на белградскиот аеродром.

Пороен дожд, пропратен со грмежи, ги зафати и Врбас и Апатин, како и Бачка Паланка, Сремска Каменица, како и поголем дел од Срем.

Ова е второ големо невреме регистрирано во Србија за само три дена, бидејќи во средата поради невремето ширум земјата беа евакуирани 15 лица.

Олуен ветер во БиХ

На 21 јули силно невреме ја зафати и Босна и Херцеговина, а бурните ветрови и град најмногу ги погодија северните области. На некои улици во Бања Лука се паднати стебла, а проблеми има и во Оџак и Шамац.

Во Нови Град, северозападно од Босна и Херцеговина, оштетени се покривите на станбените згради, а ветерот собори и дрвја, пренесува Срна.

Во некои станови во зградите во Шамац, кои беа тешко оштетени во невремето пред два дена, повторно влеезе вода.

На 19 јули во тој град беше прогласена состојба на елементарна непогода откако бурниот ветер предизвика големи материјални штети на приватни, стопански и станбени објекти.

На патот Дервента-Прњавор, во северниот дел на земјата, се урна даб, а сообраќајот во овој дел на БиХ е запрен.

Хидрометеоролошкиот завод на Федерацијата Босна и Херцеговина во петокот издаде предупредување поради високите температури, како и невремето кое се очекуваше во одредени делови од земјата.

Во Хрватска ветерот корнеше дрвја

Претходно во петокот, околу 16 часот, силно невреме зафати одредени области на Хрватска, главно Истра и Кварнер, а потоа и Загреб.

Ветерот урна многу дрвја и гранки, а едно лице е повредено во Новиград, соопштија надлежните служби на 21 јули. Ветерот откорна десетици дрвја во паркот на караваните во Новиград, но никој не е повреден, јавува Хрватската радиотелевизија (ХРТ).

Во објава на Твитер, Цивилната заштита наведува дека пристигнале повеќе од 300 пријави од граѓани за последиците од невремето придружено со силен дожд и ветер во областа на Загреб и Загребската жупанија.

Невремето изминативе денови предизвика проблеми и во земјите од регионот. Шест лица загинаа, а стотици се повредени во невремето што во средата вечерта на 19 јули ги зафати областите на Словенија, Хрватска, БиХ и Србија.

Во Хрватска со смртта на пожарникар бројот на жртвите се искачи на четири, а претходно беше објавено дека едно лице загина во Блед во Словенија, како и во Брчко во Босна и Херцеговина.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Хрватска: ХДЗ е победник – следува постизборна математика

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место …