Ескобар

Ескобар очекува Косово и Србија годинава да постигнат договор

Француско-германскиот предлог е првенствено договор за нормализација, а не за признавање на независноста на Косово, рече специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар во Белград. Тој очекува в сабота во Охрид, „признание“ дека Заедницата на српски општини претставува „важен дел од односите меѓу Србија и Косово“.

Очекувам оваа година да се постигне договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, рече на 16 март, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој одржа прес-конференција во Белград.

„Би сакал тоа да се случи оваа календарска година и мислам дека е сосема можно“, рече Ескобар во американската амбасада во Белград.

Ескобар рече дека француско-германскиот предлог е првенствено договор за нормализација, а не за признавање на независноста на Косово.

„Американскиот став е дека Косово е независна држава со територијален интегритет и суверенитет. Ние, исто така, веруваме дека регионот ќе има корист од меѓусебното признавање, но тука не се работи за тоа“, рече Ескобар.

На прашањето дали очекува официјален Белград да се согласи за влез на Косово во меѓународните институции, како што се Обединетите нации, Ескобар рече дека европскиот договор поттикнува поголема интеграција не само на Косово, туку и на Србија во сите меѓународни процеси.

„Ние дефинитивно сакаме тие да бидат поврзани со сите европски структури. Тоа значи дека би сакале да го видиме Косово во процесот на европска интеграција“, рече Ескобар.

Американскиот функционер е во Белград, каде на 15 март се сретна со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и со претседателот на државата, Александар Вучиќ.

Ескобар дојде во Белград еден ден по посетата на специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, кој како дел од подготовките за средбата на српскиот и косовскиот лидер во Охрид на 18 март, се сретна со највисоките претставници на Србија и претставници на опозицијата.

На прашањето што очекува од средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Охрид, Ескобар вели дека САД очекуваат „признание“ дека Заедницата на општини со српско мнозинство претставува „важен дел од односите меѓу Србија и Косово“.

„Кога зборувам за тоа како за барање, не сакам со тоа да предизвикам конфронтација. Факт е дека Заедницата се појавува во Бриселскиот договор. Таа е дел од заклучоците на Европскиот совет и дел од политиката на САД. Тоа ќе се оствари. Прашање е кога тоа ќе се случи и кој модел ќе се примени“, рече Ескобар.

Луѓето на кои најмногу им е потребен овој договор се Србите во Косово, тие се секогаш во центарот на конфронтациите и тензиите и тоа им нанесува голема штета.

„Се надеваме дека ќе ја подобриме положбата на Србите во Косово преку спроведувањето на договорот за Заедницата на српските општини“, рече Ескобар.

Тој додаде дека желбата на САД е Србите да се вратат во институциите на Косово и да учествуваат во сите сегменти на косовското општество.

Европскиот предлог има за цел да доведе до целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Овој документ, кој првично беше познат како француско-германски план, има поддршка и од Соединетите Американски Држави.

Во документот од 11 члена, објавен од ЕУ на 27 февруари, конкретно не се споменува меѓусебното признавање, за кое косовската влада рече дека треба да биде во срцето на конечниот договор за нормализирање на односите.

Во него експлицитно не се споменува меѓусебно признавање, но во членот два се вели дека страните мора да ја почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминацијата.

Се предвидува посебен аранжман за српската заедница во Косово, гаранции за СПЦ и признавање на државните симболи, царински печати, регистарски таблички и дипломи.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …