ЕУ очекува Сиљановска-Давкова и владата да ги исполнат обврските за евроинтеграциите на Северна Македонија

ЕУ очекува Сиљановска-Давкова и владата да ги исполнат обврските за евроинтеграциите на Северна Македонија

ЕУ очекува идната претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и новата влада да соработуваат и да го унапредат патот на државата кон членството во Унијата – да ги исполнат обврските што ги има земјава и да спроведат реформи.

Ова го порачуваат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија (ЕК) Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, во заедничка изјава објавена по повод парламентарните и вториот круг од претседателските избори одржани на 8 мај во Северна Македонија.

Нивните очекувања се дека ќе се формира стабилна влада и ќе има соработка.

„ЕУ и честита на претседателката Силјановска-Давкова за изборот и со нетрпение очекува да работи со новиот претседател – првата жена шеф на државата. Ги охрабруваме релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада. Двете институции треба да работат заедно за да го унапредат патот на Северна Македонија кон ЕУ“, пишува во заедничката изјава.

Борел и Вархеји посочуваат дека тука спаѓа спроведувањето на клучни реформи во областа владеење на правото и во борбата против корупцијата.

Порака испраќаат и за уставните измени.

„Северна Македонија направи одлучувачки чекори во процесот на пристапување во ЕУ и сега ќе биде важно да се имплементираат преостанатите обврски неопходни за отворање на првиот кластер во процесот на пристапување. ЕУ и Северна Македонија споделуваат силно партнерство. Земјата целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и очекуваме нашата соработка да продолжи да се развива и понатаму“, велат Борел и Вархеји.

Северна Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, но за одржување на втората односно за отворање на кластерите во процесот на преговори, потребно е да се направат уставни измени со кои бугарската и други заедници ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.

Двајцата високи функционери на Брисел во заедничката изјава се осврнуваат и на изборниот процес за што повикувајќи се на прелиминарните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР нагласуваат дека изборите „поминаа во мирна и демократска атмосфера, биле конкуренти и се почитувале основните слободи иако процесот останува недоволно регулиран“.

Изборната администрација, додаваат, ефикасно ги организираше изборите.

„Иако законската изборна рамка ја постави основата за демократски избори, некои одредби не беа во согласност со меѓународните стандарди, во однос на еднаков пристап до медиумите, одговорност за државното финансирање и пристап до правна заштита. Неодамнешните измени на Изборниот законик беа направени доцна и не ги одразуваа препораките на ОДИХР“, пишува во заедничката изјава.

Борел и Вархеји порачуваат дека откако Меѓународната мисија за набљудување на изборите ќе ги издаде конечните препораки за Северна Македонија, ЕУ ќе очекува сите политички актери и институции да ги спроведат препораките бргу и „многу пред да се одржат следните избори“.

На изборите на 8 мај, Сиљановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори го победи противкандидатот Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ, кое ја поддржа нејзината кандидатура, пак, победи на парламентарните избори освојувајќи 58 пратенички места во 120-члениот парламент. Партискиот лидер Христијан Мицкоски денеска (10 мај) одржа средба со коалициските партнери од кои добил поддршка да ги започне разговорите за формирање влада. Деновиве се очекува тој да седне на преговарачка маса со претставниците на опозициските партии од албанскиот блок обединети во коалицијата „Вреди“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Апел на СВР Битола за безбедно одбележување на полуматурските и матурските прослави

Апел на СВР Битола за безбедно одбележување на полуматурските и матурските прослави

Во интерес на безбедноста на сите граѓани, а посебно за безбедно прославување на матурските и …