Филипче во Прилеп со сопартијците

Филипче од Прилеп: ВМРО-ДПМНЕ ги нуди истите луѓе кои беа во третиот ешалон на Груевски

При отворањето на новиот изборен штаб во Прилеп, поранешниот министер за здравство и носител на листа во ИЕ 4 Филипче, рече дека ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаква промена и тоа граѓаните го знаат и го гледаат.

Тој истакна дека тоа се истите луѓе кои порано биле во третиот ешалон во владите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги нуди истите кадри и политики од пред 2017 година.

„ВМРО-ДПМНЕ имаат една единствена цел, како да ги остварат личните и партиски цели. Ним им се само важни политички кариери и владини фотелји, граѓаните ќе ги заборават преку ноќ ако дојдат на власт. Со право многумина велат дека тие биле најдеструктивната опозиција во историјата на македонскиот парламент“, рече од Прилеп Филипче.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ само за политички поени ги блокираа и антикризните мерки и финансиската поддршка за граѓаните во време на пандемија.

Дополнително, Филипче истакна и дека прилепчани не се задоволни ниту од локалната власт.

„Погледнете го Прилеп и градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали се прилепчани задоволни? Секако дека не се, ова е само пример како ќе работи ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво доколку дојде на власт“ – рече Филипче.

Прочитајте повеќе

СДСМ

ДПМНЕ го врати речникот од 27 април со нападите врз Пендаровски

Со ниските напади и закани кон Стево Пендаровски, ДПМНЕ го врати речникот од 27 април …