Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во интервју на Канал 5 телевизија изјави дека во францускиот предлог и во деловите од преговарачката рамка „ја има суштината на бугарската резолуција, во која се негираат македонскиот народ, нација, идентитет и историја“. Со преглед на јавно достапните документи што Владата и ЕУ ги има објавено за предлогот, лесно може да се види дека никаде не се спомнува такво нешто, објавува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост:
Претседателот на партијата ЗНАМ и актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во вчерашната емисија „Само Интервју“ на Канал 5 телевизија изјави дека т.н. „француски предлог“ е неприфатлив.
Во дел од преговарачката рамка и во сите содржини на „францускиот предлог“ ја имате суштината на бугарската резолуција којашто е усвоена во бугарскиот парламент, каде што ние сме негирани како народ, нација, јазик, идентитет и континуитет. И тоа апсолутно не треба да биде прифатливо – затоа што Македонецот не треба да си дозволи да се само себеси негира и само себеси поништи, изјави Димитриевски.
[Извор: Канал 5 телевизија – Максим Димитриевски; датум – 14.03.2024]
Образложение:
На први јули, 2022 година, Владата ги објави сите релевантни документи поврзани со францускиот предлог и преговарачката рамка за С. Македонија кон пристап до ЕУ. Во трите јавно достапни документи — Министерски состанок на меѓувладината конференција за завршување на отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ, Предлог заклучоци на ЕУ, Заедничкиот став на ЕУ — односно предлогот на француското претседателство за разрешување на спорот со Бугарија, никаде не се споменуваат народ, нација, идентитет и јазик во контекст да се негираат македонските. Конкретно, во Извештајот од министерскиот состанок на меѓувладината конференција, под точка 3 пишува:
Понатаму, пристапувањето во ЕУ подразбира навремено и ефективно спроведување на целокупниот корпус на правото на ЕУ или ЕУ acquis (правото на ЕУ), како што е во моментот на пристапувањето. Според подобрената методологија за проширување, развојот на доволен административен и правосуден капацитет, како дел од кластерот фундаментални вредности, е клучен во исполнувањето на сите обврски кои произлегуваат од членството. Во однос на преводите на acquis – правото на ЕУ на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик, пишува во предлог-заклучокот на Советот.
Понатаму, настрана од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во Предлог-заклучокот на советот се наведува:
[Промената на преамбулата на Уставот] ќе овозможи зајакнување на еднаквите права на припадниците на малцинствата и заедниците во Северна Македонија и како таков ќе придонесе кон усогласувањето со Копенхашките политички критериуми. Во таа насока, Советот ја поздравува намерата на Северна Македонија, да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во рамките на границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите, пишува во предлог-заклучокот на Советот
Со детално читање на сите документи, може да се увиди дека на никаков начин фактички не се разгледуваат прашањата што ги споменува кумановскиот градоначалник. Ниту, пак, може јасно да се види дека некаде воопшто се имплементирани ставките од бугарската декларација (резолуција). Единствено прашање кое ќе се разгледува дополнително пред почетокот на преговорите е Акцискиот план за малцинства т.е. човековите права и уставните измени што треба да се направат.
Дополнително, лани летото (15.06.2023), добивме поддршка и афирмација од германскиот Бундестаг, кадешто беше изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура, а и пред тоа и после тоа стигнаа јасни и уверливи изјави во таа насока и од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лаен при посетите на Скопје.
Без разлика на тоа, дека преговорите за влез во Европската Унија не прогресираат (за што нема сомнеж), но, незадоволството поради тоа, не треба да е повод за извртување на вистината, како што прави Димитриевски во својот настап.
Според погоре наведените аргументи, може да се оцени дека е невистинита изјавата на Димитриевски. Односно, во францускиот предлог и документите за преговарачката рамка за отворање на преговорите за влез во ЕУ, не ја содржи суштината на бугарската резолуција, поточно Декларација со којашто се негираат македонскиот народ, нација, идентитет и историја, донесена едногласно во нивното Собрание три години пред добивањето на дозвола за старт на преговорите со ЕУ.
Извори:
- (14.03.2024) Канал 5 телевизија – Максим Димитриевски – [проверено на 15.03.2024]
- (01.07.2022) Влада на РСМ – МИНИСТЕРСКИ СОСТАНОК НА МЕЃУВЛАДИНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЗАВРШУВАЊЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА – [проверено на 15.03.2024]
- (01.07.2022) Влада на РСМ – Предлог-заклучоци на Советот – [проверено на 15.03.2024]
- (01.07.2022) Влада на РСМ – ПОЛИТИЧКИ СОСТАНОК НА МЕЃУВЛАДИНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПРИСТАПУВАЊЕТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗАЕДНИЧКИ СТАВ НА ЕУ – [проверено на 15.03.2024]
- (15.06.2022) Дојче Веле – Бундестагот ја изгласа резолуцијата за Северна Македонија – [проверено на 15.03.2024]
- (03.01.2024) Мета.мк – Македонските политичари не го отворија ниту Уставот, ниту вратата на евроинтеграциите во 2023 година – [проверено на 15.03.2024]