(Галерија) Зоран Пачешкоски од трибината во Прилеп: СДСМ не смее да биде нем набљудувач на урнисувањето на институциите и пустошењето на градот

(Галерија) Зоран Пачешкоски од трибината во Прилеп: СДСМ не смее да биде нем набљудувач на урнисувањето на институциите и пустошењето на градот

Обраќање на претседателот на Општинската организација на СДСМ Прилеп, Зоран Пачешкоски на синоќешната граѓанска трибина одржана под мотото „Силно и одлучно кон иднината“

Почитуван претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски,

Почитувани присутни,

Како луѓе кои одбрале да се занимаваат со политика, имаме обврска не само да го гледаме она што се наѕира во далечината, туку повремено да се обѕрниме и назад, за да не заборавиме од каде сме тргнале за да стигниме тука каде што сме.

Континуираната финансиска помош на Владата упатена кон физичките и правните лица не изостана ниту во моментите кога на здравствената, се надоврзаа економската и енергетската криза. Без подадената рака од „Илинденска“, без разните форми на субвенции, адресирани до бројни ранливи категории на граѓани, животот на мнозинството од населението на нашиот град и од целата држава, ќе беше претворен во сурова и беспоштедна борба за гола егзистенција.

И покрај сите опструкции кои на штета на граѓаните ги правеше ВМРО-ДПМНЕ, црното сценарио не се случи само благодарение на Владата на СДСМ и премиерот Ковачески.

Почитувани,

Помина точно една година откако локалната власт премина во рацете на ДПМНЕ. И, што се случи во таа година? Во каков Прилеп живееме денес, една година подоцна?

Се случи токму она на кое и укажувавме: дека таканаречената „изборна програма“ на сега актуелниот градоначалник Борче Јовчески, беше обичен список на желби. Дека ниту тој, ниту партијата која го кандидираше, немаат капацитет да се справат со предизвиците кои ги носи градоначалничката функција. Дека се’ беше една голема и бесрамна лага во режија на сопартијците на шпицниот градоначалник Мицкоски!

Во Прилеп ниту се гради, ниту се асфалтира, ниту се реконструира. Населените места се пречкртани и помножени со нула.

Прилепските спортски клубови преживуваат од помошта на Владата и ваучерите на Агенцијата за млади и спорт, а фудбалската гордост на прилепчани, „Победа“, е целосно заборавена и оставена на маргините.

Градоначалникот Јовчески и ДПМНЕ не се срамеа да ги излажат ниту нашите најмлади сограѓани: нема бесплатен оброк за учениците до петто одделение, ниту бесплатни униформи за учениците од социјално загрозените семејства.

Врвот на нехуманоста, Јовчески и ДПМНЕ го достигнаа со укинувањето на парите за исхрана на децата со посебни потреби.

Неспособноста на кадрите на Мицкоски оди дотаму, што не ги бива да ги завршат ни започнатите проекти од претходната локална власт на СДСМ, ниту пак знаат да ги искористат средствата кои Владата на СДСМ ги обезбеди за реконструкција на „крушевско џаде“ и за изградба на водовод во манастирот Трескавец.

Наместо проекти за подобрување на животот на граѓаните, прилепчани добија повисоки сметки за вода и комунални услуги, поскап паркинг и повисоки цени за јавниот градски превоз.

Како никогаш претходно, локалната власт предводена од ДПМНЕ спроведе масовна партизација и приватизација на Општината и јавните претпријатија. Само во Прилеп, другарот од детство на „таткото на градот“ може да стане директор на „Водовод и канализација“, а медицинската сестра од неговата приватна амбуланта да биде именувана за шеф на неговиот кабинет.

Ете тоа се, почитувани сограѓани, нашата реалност и секојдневие, креирани од најнеспособниот градоначалник во историјата на Прилеп, Борче Јовчески, кој меѓу прилепчани ќе остане запаметен како единствениот градоначалник кој не реализирал ниту еден проект  во првите 365 дена од својот мандат.

Рекле, најголемата моќ во животот не е никогаш да не паднеш, туку после секое паѓање повторно да се издигнеш. Токму затоа, она што како на социјалдемократи ни е повеќе од неопходно, е што побрзото заокружување на процесот на консолидирање и, пред се’ – единството и обединувањето. Тоа е единствениот начин за враќање на СДСМ на победничките патеки.

Ние, драги пријатели, не смееме и немаме право да бидеме неми набљудувачи на урнисувањето на институциите, пустошењето на градот и населените места. Наша обврска пред останатите граѓани и пред генерациите кои доаѓаат, е да ги спречиме штетните политики на наследниците на злосторничкото здружение, и сето наше знаење и умеење да го насочиме кон градење на локална заедница и општество со хумани вредности.

Почитувани пријатели,

Во 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ и нивниот прилепски пратеник осомничен за криминал, Петар Ристески, ги плашеа земјоделците со тезата дека доколку СДСМ дојде на власт, ќе ги укине субвенциите за тутун.

Тогаш, како раководител на Подрачната единица за земјоделие, во истата оваа сала, од истата оваа говорница тврдев дека не само што тоа нема да се случи, туку дека субвенциите ќе бидат зголемени и ќе бидат исплаќани неселективно и во еден ден за сите. Така и би!

Вечерва стојам пред вас и од позиција на претседател на Општинската организација на СДСМ Прилеп, ви ветувам две работи: првата, дека ниту еден член, активист, симпатизер и поддржувач на политиките на СДСМ нема да биде заборавен и втората, дека на следните избори, заедно со вас, силни и обединети, на чело со Димитар Ковачески, ќе го победиме криминалното ДПМНЕ!

Прочитајте повеќе

Битиќи: Кренете ги главите - СДСМ е храбра и уште поодлучна за европската иднина на Македонија

Битиќи: Кренете ги главите – СДСМ е храбра и уште поодлучна за европската иднина на Македонија

„Граѓаните ни испратија порака, ги слушнавме. Ја прифаќаме одговорноста. А денес е нов ден – …