Главниот бугарски обвинител нема да си поднесе оставка

Главниот бугарски обвинител нема да си поднесе оставка

Главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, нема да поднесе оставка и ќе го заврши седумгодишниот мандат, кој завршува на крајот на 2026 година. Тој ова го најави на 15 мај на брифинг со новинари во Судската палата.

Гешев побара оставка од еден од неговите заменици – Борислав Сарафов и порача дека е време народот да го исчисти „политичкото ѓубре“ од Парламентот.

Марија Габриел, која е кандидатка за премиер на Бугарија од редовите на најголемата политичка сила во парламентот, ГЕРБ – СДС, минатата недела изјави дека оставката на Гешев ќе биде прва задача на идниот министер за правда во нејзиниот кабинет. Идејата беше поддржана од сите партии во парламентот.

Подоцна, шест членови на Обвинителскиот колегиум на Врховниот судски совет (ВСС) поднесоа барање за предвремена смена на Гешев.

Гешев рече дека досега работел „само и исклучиво“ за Бугарија и безбедноста на бугарските граѓани. Тој додаде дека по враќањето од неговата посета на САД во неделата навечер, бил поканет да поднесе оставка до 10 часот во понеделник. Тој не кажа кој го поканил да го направи тоа.

„Се спомна и моето семејство и дека ако не го сторам тоа, некој ќе го притисне копчето „ентер“ со некои работи, со некои видеа и затоа е подобро да бидам претпазлив, бидејќи животот продолжува“, рече Гешев.

Не е првпат Гешев да каже дека животот му е во опасност. На 1 мај во близина на колона во која беше и возилото со кое тој се превезувал, имаше експлозија, која обвинителството ја утврди како „атентат“ со цел да се убие главниот обвинител.

Гешев на брифингот во понеделникот рече и дека пред еден месец добил понуда да стане амбасадор во Израел или Турција и да започне политичка кариера. Предлогот, според неговите зборови, бил „заташкан“ и му било кажано дека доаѓа од лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Откако членовите на Обвинителството поднесоа барање за оставка на Гешев, започна седумдневната постапка за негова смена. Сепак, потребни се 17 гласа „за“ за да може да го сменат.

Според законот, Високиот судски совет се состои од 25 членови, но во моментов тие се 22 поради оставки и непополнети квоти. Советот работи со истечен мандат од 3 октомври 2022 година.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Архивата е преполна со предмети, а реновираните простории имаат поглед кон цело Скопје, како симболично …