Објавена програмата на 57 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Објавена програмата на 57 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни. Програмата  денеска во Прилеп ја соопшти Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Враќање дома“. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

Пред да и’ биде соопштена на јавноста, програмата на фестивалот беше соопштена пред Собранието на фестивалот, на кој беше прифатена без забелешки.

Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, Стојаноска програмата ја конципираше во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.

„Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“ е насловот на концептот што ги обединува избраните претстави.

-Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуализирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.

Ова се селектираните претстави за 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Официјална програма:

„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје, премиера: 29.12.2021г.

„Бесачи“ од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, премиерна обнова: 21.2.2023г.

„Инферно“ според Данте Алигери, во режија на Дејан Пројковски, продукција на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, премиера: 29.10.2022г.

„Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, премиера: 16.11.2022г.

„Мy name is Medeјa според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, продукција на Народен театар – Битола, премиера: 27.09.2022г.

„Три сестри“ од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција на Албански театар – Скопје, премиера: 27.10.2022г.

„Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, Народен театар – Охрид, премиера: 10.04.2023г.

„Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје, премиера: 23.12.2022г.

„Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, Театар Комедија – Скопје, премиера: 26.10.2022г.

Придружна програма:

„Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, продукција на Турски театар – Скопје, премиерна обнова: 15.02.2023г.

„Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, продукција на Народен театар „Антон Панов“ – Струмица, премиера: 20.10.2022г.

Независна продукција што игра домашни автори

„Елегија во пет здива“ автор и режисер Филип Петковски, премиера: 13.06.2022г.

„Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна продукција, премиера: 29.12.2022г.

„Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, Продукција на „Тииит! Инк“, премиера: 03.12.2021г.

„Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски, премиера: 13.11.2022г.

„Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“, премиера: 26.12.2021г.

„Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“, премиера: 16.11.2021г.

„Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски, продукција на „АТО Центар за современа уметност и култура“ – Битола, премиера: 13.06.2023г.

Глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција, истакна во своето образложение на програмата.

-Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори.

На прес-конференцијата беа соопштени и имињата на добитниците на наградата за животно дело на фестивалот. Годинава тоа се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец.

Исто така, од денес е достапна и редизајнираната веб-страница на фестивалот www.mtf.com.mk, која ќе биде основа за информирање на публиката за 57. издание на фестивалот.

Стојаноска истакна дека тркалезните маси ќе бидат многу важен сегмент од ова издание на „Војдан Чернодрински“ и дека учесниците на фестивалот ќе можат да остануваат во Прилеп, толку колку што ќе можат.

Прочитајте повеќе

Филипче: СДСМ нема да трпи уцени, ќе пропаднат обидите да се подели партијата

Филипче: СДСМ нема да трпи уцени, ќе пропаднат обидите да се подели партијата

Носителот на изборната листа четири на СДСМ и Коалицијата, Венко Филипче, денес беше во посета …