Глогов кол во срцето на „Шарената револуција“

Глогов кол во срцето на „Шарената револуција“

Пишува: Зоран Милошески

Ако на човек му ја убиете надежта, сте убиле голем дел од него. Особено во ова време на сеопшта депресија, кога причините за оптимизам со секој нов ден се гаснат како чкорчиња на виулица.

Требаше да поминат 11 години за, како држава, да крениме глава и да се потсетиме на вистинските животни вредности, кои се изгубија во пропагандистичката калакурница на мермерот, стиропорот и жалните врби на сеачите на магла.

Колку чевли искинавме крстосувајќи ги улиците на градовите ширум татковината ни? Колку емоции распославме, колку одлучност, пркос и гордост покажавме марширајќи во ритамот на „Бела чао“? Колку соништа будни отсонувавме, решени, по цена на лична саможртва, да ставиме крај на лудилото? Крај, кој ќе значи нов почеток.

Она што не само ние, ами светот го слушна од „бомбите“ на Заев, беше параф на вистината која во еден од прислушуваните разговори ја кажа чуварот на касата на мафијата – дека навистина сме имале работа со лудаци! Ем лудаци, ем криминалци.

Оттаму, „Нема правда, нема мир“ и „Мафија на робија“, паролите кои беа логичен производ на „Шарената револуција“, имаа своја смисла. Она, пак, прилепското „Че си лежите“ беше, или требаше да биде, единаесеттата света граѓанска заповед. Требаше, ама не бидна.

Каде сме денес, 6 години после падот на режимот? Што стана со очекувањата, ветувањата и надежите?

Грујо избега. Заев замина. Зоти Али уште дрма. Бројчаникот не врти. Таче балансира. Тефтерчето од Горде турбо функционира.

Низ годините наназад, домашни и странски експерти на илјадници страници ги анализираа и ги запишаа фалинките на македонското плуралистичко општество. Притоа, без исклучок, катастрофалните состојби во правосудството стоеја потцртани на врвот на секоја од нив.

Од првиот ден на добивање на кандидатскиот статус, ниту еден извештај од Брисел посветен на „македонцките работи“, не помина без нотирање на хроничната болест на нашата мултикултурна и мултиетничка заедница – корупцијата!

Но, бадијала.

Бројни министри од повеќе владини состави, пратеници, градоначалници, партиски функционери, бизнисмени и разни други далаверџии кои направија, и сеуште прават, ‘ршум се’ што ќе намерачат и секаде каде ќе стигнат, до ден-денес останаа неказнети за злоделата против сопствената држава.

Капитулацијата на државата пред мафијата се случи вчера, кога скопска Апелација ја укина пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“. Со враќањето на повторно судење на предметот кој беше суштината на аферата за нелегалното прислушување, дерогиран е правосудниот систем, понижена е државата, забоден е глогов кол во срцето на „Шарената револуција“.

Со донесената пресуда, петчлениот судски совет во состав Јани Нича, Енвер Беџети, Лидија Чачева, Ѓоко Ристов и Тања Милева, им ги поништи првостепените пресуди на 11 лица, кои добија вкупна затворска казна од 55 години.

Меѓу единаесеттемина “величествени“ кои куртулија од робија, се Сашо Мијалков, осуден на 12-годишна затворска казна, Гордана Јанкулоска на 5, како и избеганите контраразузнавачи од тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски на кои им беа пресудени по 15 години затвор.

Она што е уште попоразително во скандалозната пресуда, е реалната опасност дека заради негово застарување, незаконското прислушување, кое е преседан и најголем срам за било која држава која себеси се декларира за правна и демократска, ќе остане без судска разрешница.

Образложението на Апелација дека, цитирам „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка“, потврдува, или барем фрла основан сомнеж во намерното и свесно опструирање од носењето објективна, навремена и издржана пресуда против обвинетите.

Дека станува збор за класична корупција, јасно им е и на лаиците кои немаат ниту елементарно познавање на кривичното законодавство. Единствената дилема е, каде се крие корупцијата – во Основниот или во Апелациониот суд? Или и во двата?

За оние со пократка меморија, ќе потсетиме: „Таргет“ беше капиталниот случај заради кој своевремено беше и формирано СЈО. Или конкретно, станува збор за предмет што се однесува на незаконско прислушување на над 4.000 телефонски броеви и повеќе од 20.000 граѓани, без издадени судски наредби.

Токму заради исклучителната важност на овој случај, како од правен, така и од политички и принципиелен аспект, пресудата на Апелациониот суд претставува кулминација на немоќта на извршната власт пред судско-обвинителската банда.

Колку и да е разбирлив, легитимен и демократски ставот на Владата за немешање во работата на „третата власт“, ваквите пресуди дополнително ги мотивираат ловците во матно, тефтерчето на некогашната прва полицајка да го дополнат со нови имиња на судии и обвинители. Шемата за неказнивост и давање легитимитет на големиот криминал е едноставна: она што не се купува со пари, се купува со многу пари.

Почитувани.., танка е линијата меѓу демократијата и анархијата!

Прочитајте повеќе

СДСМ

На Денот на македонскиот јазик со гордост велиме: СДСМ го заштити и го унапреди македонскиот јазик

Соопштение за јавност на СДСМ Со многу посветеност, труд и ентузијазам СДСМ ги исполни заложбите …