“Глогов колец“ во срцето на СЈО

Пишува: Зоран Милошески

Формирањето на Специјалното јавно обвинителство во септември 2015 година, во време кога претходната власт сѐ уште жареше и палеше во државата, граѓаните го дочекаа еуфорично и со голема доза на триумфализам. Новоформираното обвинителство требаше да значи ставање на опозициските “бомби“ во законска рамка. Или конкретно, изведување пред лицето на правдата на криминалците од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и другите партии кои за време на своето владеење ја опљачкаа државата, ги загушија граѓанските права и слободи, ги корумпираа медиумите, се пресметаа со неистомислениците.

Во првите неколку месеци од неговото функционирање, СЈО преку ноќ стана институција со најголема доверба. Прес конференциите на “трите грации“ рушеа рекорди во гледаност, Катица, Ленче и Фатиме станаа национални икони. Се печатеа маици со нивните ликови и силуети, а да се биде во нивно друштво беше знак за престиж. Фатиме стана предмет на обожување како кај Албанците, уште повеќе меѓу Македонците. И што е најважно, сите тие заедно, на граѓаните им влеаја надеж дека дури и во оваа и ваква Македонија, правдата може да биде подеднакво достапна за сите.

Денес, три и пол години од неговото раѓање, на СЈО му сплетија “свилен гајтан“.

Со искажаното начелно правно мислење за запирање на истражните постапки на СЈО за предметите отворени после јуни 2017 година, Врховниот суд излезе надвор од своите надлежности и ја презеде улогата на Собранието, кое е единствено надлежно да ги толкува законите. Истовремено, судот ги доведе во прашање истрагите против повеќемина високи функционери од претходната владина коалиција. А не мораше така да биде. Бидејќи, не само што судиите од овој суд немаа обврска јавно да го соопштат својот став, туку без дигање непотребна прашина можеа во мир и тишина да го работат тоа за што се платени. Тогаш кога предметите ќе дојдеа на ревизија, едноставно ќе се повикаа на законот и ќе одлучеа така како што ќе одлучеа.

Ама не! “Штитениците“ на Јово Вангеловски не случајно токму сега го кажаа тоа што, ако имаа чесни и искрени намери, ќе го кажеа пред 18 месеци. За “независноста“ на македонското судство е беспредметно да се разговара. По тоа прашање, ниту Врховниот суд не е исклучок. Напротив, во највисокиот суд седат судии чии имиња ги слушавме во “бомбите“, судии кои се тука затоа што се избор на некој од трите најмоќни политички субјекти во државата. И како сѐ во животот, така и тоа си има цена – дадената доверба (читај: столчето во Врховен) треба да се одработи!

И така, чекор по чекор, дојдовме до моментот кога треба да се забие “глогов колец“ во срцето на СЈО. Заради мир во куќата или заради “големата слика“? Или пак, затоа што така се договориле “поглавиците“? Што и да е во прашање, интенцијата да се “дигне рачната“ по однос на неговото функционирање, е очигледна.

Познато е дека специјалното обвинителство беше формирано со изим на големите партии. За него рака кренаа дури и груевци, иако беше јасно дека главен таргет на “специјалните“ ќе биде токму злосторничкото здружување. Тоа што “недопирливите“ ги потценија можностите на СЈО и мислеа дека и со него, исто како и со сите дотогашни “стапици“, лесно и безболно ќе се справат, е сосема друго прашање.

Но како сега стојат работите, или барем како што на прв поглед изгледаат, истите тие кои го дадоа “благословот“ за неговото формирање, влезени се во фаза на сериозно размислување да го лимитираат или делегитимираат неговото функционирање. И доколку таквото сценарио се оствари, едно е сигурно: дека на тој начин ќе се заштитат интересите на високи партиски и (екс) државни функционери, но истовремено ќе се уништи и она малку надеж кај граѓаните, дека ќе го дочекаат денот кога казната ќе ги стигне злосторниците. Впрочем, една од причините поради која го дадоа својот глас за СДСМ и коалицијата, беше ветувањето дека “Че си лежат“!

Во време кога во државата се распишани претседателските избори и кога вниманието на јавноста е насочено кон изборот на “татко“ или “мајка“ на нацијата, СЈО има шанса да ги демантира сите шпекулативни нагаѓања за нивната политичка (не)зависност. Се разбира, за тоа ќе им биде неопходна индиректна помош од македонските судови, кои ќе треба позитивно да се произнесат по веќе поднесените обвиненија, за кои граѓаните очекуваат осудителни пресуди за обвинетите. Тоа во голема мера ќе ја врати разнишаната доверба на Јанева и друштвото.

Времето безмилосно тече. А тоа, не е на страната на “специјалните“…

Прочитајте повеќе

Битиќи од првиот регионален програмски дијалог на ЗКФ: Иднината на светот нè повикува и ние одговараме, треба да се гордееме со тоа

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи …