Граѓаните што не ги почитувале ковид-протоколите ќе бидат амнестирани

Граѓаните што не ги почитувале ковид-протоколите ќе бидат амнестирани

Само во Скопје биле поднесени 967 казнени налози поради прекршување на ковид-протоколите, по што судот осудил 1.223 лица на парична казна од 2.000 евра. На оние што не можеле да ја платат, по две години паричната казна им била заменета со казна затвор.

Собраниските пратеници ги усвоија измените на Законот за амнестија, со кои граѓаните осудени на високи парични казни поради непочитување на протоколите за време на ковид-пандемијата, ќе бидат амнестирани.

Во периодот по донесувањето на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба од страна на Претседателот Стево Пендаровски, од март 2020 година биле изречени голем број на парични казни за кривичните дела од член 205 „Пренесување заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик. Согласно законските прописи, доколку во рок од две години изречените казни не се намират, судија за извршување на санкции со решение ги заменува со казна затвор.

Според податоците на Основниот кривичен суд Скопје, од јануари 2020 година до јуни 2022 година, само во Скопје биле поднесени 967 казнени налози за членот 206, по кои судот донел пресуда со која 1.223 лица се осудени на парична казна од 123.000 денари, односно 2.000 евра.

Заради неплаќање на парични казни, Основниот кривичен суд донел заменски решенија со кои на 280 лица паричната казна им била заменета со казна затвор.

Со амнестијата што ја изгласаа собраниските пратеници се опфатени лицата осудени на парични казни од или над 1.000 евра, лицата на кои паричните казни им се заменети за казна затвор и лицата кои почнале да ја исплаќаат паричната казна, но не го платиле целиот износ.

Амнестијата нема да важи за правните лица, односно за рестораните, кафулињата и фирмите кои ги прекршиле ковид-протоколите, ниту пак за одговорните лица во фирмите.

Претходно, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници побараа Законот за амнестија да се донесе итно, поради неможноста на дел од граѓаните, односно лицата во социјален ризик, да ги намират паричните казни.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

цук пожари

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се …