Грковска-Дрекслер: Успешната соработка меѓу Македонија и Германија ќе продолжи и ќе се продлабочи

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска се сретна со новоназначената амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.

Вицепремиерката Грковска и посака на амбасадорката Дрекслер добредојде и плоден и успешен мандат, и и се заблагодари за континуираната германска поддршка за нашата земја во изминативе децении, во која спаѓа и експертска поддршка на кабинетот за политики за добро владеење. Таа ја информираше амбасадорката за активностите поврзани со антикорупцијата, транспарентноста и ефикасноста на институциите и дигиталната трансформација на општеството, кои се три основни столба на нејзиниот мандат.

Од страна на амбасадорката Дрекслер беше нагласено дека постои волја и подготвеност да продолжи и да се зголеми блиската соработка меѓу двете земји, нагласувајќи дека Сојузна Република Германија целосно го поддржува зачленувањето на Северна Македонија во Европската Унија.

Осврнувајќи се на пречките и предизвиците во евроинтегративниот процес, вицепремиерката Грковска посочи дека Европската Унија не е создадена да се справува со минатото, туку со иднината и дека не смее да се дозволи актуелните политички пречки и предизвици да станат повод за раст на национализмот и популизмот во земјата и регионот.

На средбата се разговараше и за други актуелни теми, со фокус на состојбата во правосудниот систем, каде мора да се случат промени за да има ефективна борба со корупцијата и за земјата да напредува во исполнувањето на стратешките цели.

Прочитајте повеќе

Министерството за правда ја започна постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција

Соопштение од Министерството за правда по однос на барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски од …