Хистерична Македонија

Хистерична Македонија

Пишува: Сотир Габелоски

Се создава хистерија на која како да и’ нема крај. Се вика, се навредува, се прават поделби, се случува омраза… Луѓе, мора да запреме! Аман, доста е!

Нема област која не е погодена од лоши зборови полни со гнев и омраза: образование, лекари, спортисти, правници, мали и средни претпријатија, големите бизниси и, секако, политичарите. И не дека нема причина. Бројни скандали се случуваат и тоа се шири на социјални мрежи, па оттаму реакцијата на граѓаните е оправдана.

Државата се наоѓа во загрижувачки тешка “психолошка“ состојба. Сета таа негативна енергија кај младите се преточува во летаргија, разочараност и губење на секаква желба да се живее и направи нешто овде, во Македонија.

„Немаат желба за работа младите, голема е разочараноста кај нив, реткост е да се види млад човек кој работи со ентузијазам“, потенцираше мојот пријател од крушевско Алданци.

Се’ почесто можат да се слушнат вакви разговори. Во секој град, во секое населено место во државата. И сето тоа, заедно со секојдневните скандали, со корупцијата на секое ниво, придонесува за засилување на дополнителниот негативен ефект – желбата за иселување од Македонија.

Имаме цврста причина зошто реагираме на негативните настани вака како што реагираме. Но, и за секоја наша реакција сносиме одговорност. Не е добро ниту кога ги генерализираме нештата. Кога заради еден негативен пример забораваме се’ позитивно што се случило во здравството. Ако заради еден наставник обвинет за трговија со дрога, ја изгубиме вербата во целиот образовен процес. Не е убаво за државата ако секој оној кој има различен став од нашиот за уставните измени, го нарекуваме “изрод“.

Релативизирањето на еден настан со друг, значи оправдување на некое злодело. Генерализацијата на цела група или фела, значи потценување на квалитетниот кадар, а давањето предност на навредата пред критиката ја сведува демократијата на хибриден режим.

Проблемите и негативностите нема да исчезнат преку ноќ, но она што можеме да го направаме е да не реагираме пребрзо и да научиме да ги прифаќаме различните мислења. Во време кога критичкото размислување е вистинска реткост, кога секојдневно се соочуваме со лажни вести и дезинформации, крајно време е на настаните да им пристапуваме аналитички и со аргументи. Омразата и навредите да ги оставиме настрана. Така ќе се заштитиме и себеси и другите, што воедно ќе биде наш придонес за татковината.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …