Во јавниот сектор работат 129.374 лица

Во јавниот сектор работат 129.374 лица

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу го презентираше годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2022 година.

„Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2022 година изнесува 129.374 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во вкупно 1.354 институции. Бројот на институции во однос на 2021 година е зголемен за 8. Од вкупно 1.354 институции, 60% се на локално ниво а 40% се на централно ниво. Најголем број, односно 533, се од дејноста образование, труд и социјала 125, култура 121.

Споредбено со извештајот за 2021 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 2.714“, истакна министерот Алиу.

Од вкупниот број, 18.909 лица биле вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција. Освен како бројка, за овие вработени лица во Извештајот не се прикажуваат други детални анализи и тоа е поради законски и безбедносни причини. Детална обработка и презентација на податоците се врши за преостанатите 110.465 вработени лица.

Најголем процент на вработени во јавниот сектор се во дејноста образование и тоа со 34%, потоа во дејноста здравство 18%, управа 13%, комунални работи 9%, труд и социјала 7%, локална власт 5%, транспорт и култура по 3% итн.

Како што посочи министерот Алиу, во органите на државна власт, согласно овој извештај, се вработени вкупно 14.531 лица што претставува 13% од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор. Споредбено со податоците во Извештајот за 2021 година, бројот на вработени во државната власт е намален за 771 лице. Само од министерствата во претходната година бројот на вработени е намален за 302 лица.

Како и во претходните години така и во овој извештај се покажува дека поголем број вработени во јавниот сектор се жени и тоа 56,29%, наспроти мажите кои се застапени со 43,71отсто.

Просечната возраст на вработените изнесува 46,03 години и во однос на претходниот Извештај за 2021 година, се забележува незначително намалување на просечната возраст на вработените.

Во однос на етничката припадност, на 31 декември 2022 година состојбата била следна: 110.465 вработени, од кои 78.833 односно 71,36%  Македонци, 23.855 односно 21,60% се Албанци, 2.675 односно 2,42% се Турци, 1.651 односно 1,49% се Роми, 1.542 односно 1,40% се Срби, 813 односно 0,74% се други или не се изјасниле, 569 односно 0,52% се Бошњаци и 527 односно 0,48% се Власи.

Министерот Алиу исто така соопшти дека во 2022 година е намален бројот на доктори на науки и на магистри, а на сметка на тоа е зголемен бројот на вработени со основно образование. Повеќе од половината, односно 55,85% од вработените лица во јавниот сектор имаат најмалку високо образование.

Прочитајте повеќе

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Владините лопати се фрлаат и на 40 степени

Топлото време и екстремно високите температури не беа пречка премиерот и повеќе владини и локлани …