Испораките доцнат, цените растат заради нападите врз бродови во Црвеното море

Испораките доцнат, цените растат заради нападите врз бродови во Црвеното море

Македонските компании ќе ги добијат пратките од азиските земји со задоцнување и поскапо заради трговската криза со нападите на Хутите врз бродовите на влезот во Црвеното море, велат шпедитери за РСЕ. Наместо 30, сега бродовите стигнуваат за 45 дена. Најпогодени се компаниите за автомобилски делови

Играчки, облека, стаклени и керамички производи, па се до мебел и компјутери од азиските земји, со големо задоцнување и со повисоки цени, стигнуваат до потрошувачите во Северна Македонија. Во спротивен правец, извозот на македонскиот ајвар, мермер или вино доцни на азиските пазари. Северна Македонија веќе трпи последици на трговската криза што го зафати светот поради нападите на јеменските Хути врз бродовите во Црвеното Море и компликациите на патот преку Суецкиот канал, една од главните светски трговски артерии.

Трошоците на океанскиот транспорт се удвоија, а наместо за 30 сега бродовите стигнуваат за 45 дена.

Северна Македонија е држава зависна од увоз, но од вкупната надворешно трговска размена на прекуокеанскиот транспорт отпаѓаат само 10 проценти во кои најзастапена е Кина, па потоа Индија, Пакистан, Виетнам и Малезија.

Во стопанските комори веќе има загриженост како трговската војна заради нападите на Хутите врз бродовите во Суецкиот канал негативно влијае на компаниите кои имаат размена со азиските земји. Најзасегнати се компаниите кои извезуваат мермер и фероникел во азиските земји, но и фабриките кои произведуваат делови за автомобилската индустрија и зависат од увозот од азиските земји.

Кој е веќе на удар?

„Во автомобилската индустрија се што е поврзано со електроника доаѓа од Азија, а делумно и некои метални и пластични компоненти или полупроизводи„, вели Виктор Мизо, генерален менаџер на Костал Македонија, фабрика за производство делови и компоненти за автомобил.

Виктор Мизо, директор на Костал и поторетседател на Стопанска комора
Виктор Мизо, директор на Костал и потпретседател на Стопанска комора

Мизо е и потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и со загриженост констатира дека процесното време на сите транспортни рути се зголемило за 14 дена во просек. Оценува дека финансиските удари се повеќеслојни, а некои индустрии ангажираат вонреден авионски транспорт од Азија кон Европа.

“Први ударот го почувствуваа индустриите кои работат врз принцип на континуирано снабдување и на кратки интервали поради оптимизација на залихите. Понатаму проблемот ќе се рефлектира каскадно кај сите останати компании кои директно или индиректно се врзани со овој вид транспорт од Азија”, вели Мизо за РСЕ.

Секое доцнење значи стопирање на производството, а тоа ќе предизвика нарушување на автомобилскиот пазар во услови на зголемена побарувачка. Во Северна Македонија има 15 компании кои произведуваат делови за автомобили, вработуваат околу 20 илјади луѓе и остваруваат околу 25 отсто од македонскиот Бруто домашен производ.

Светската банка предупреди дека прекинот на клучните транспортни рути „ги интензивира прекините во мрежите за снабдување и ја зголемува веројатноста за инфлаторни тесни грла“.

Арбен Халили, економист
Арбен Халили, економист

Економистот Арбен Халили смета дека поскапувањата нема да нè одминат.

„Ние сме увозно – зависна земја, што значи дека зголемувањето на цената на нафтата ќе предизвика зголемувања и кај сите производи што 100 отсто ги увезуваме. Од светот увезуваме и голем број репроматеријали, што значи дека и други сектори, како текстилниот, нема да останат недопрени. Поради раст на цената на нафтата, можат да се зголемат цените на земјоделските производи, што ќе предизвика спирала на повисоки цени“, изјави Халили.

Шпедитерите алармираат

Последиците многу се чувствуваат, велат од шпедитерските компании за Радио Слободна Европа(РСЕ).

„Проблемите со испораката низ Европа вклучително и во Северна Македонија се неминовен исход од моменталната трговска криза. Македонските компании ќе ги добијат своите пратки со задоцнување и по повисоки цени од планираните. Аналогно на тоа, понудата на трговските стоки на домашниот пазар се очекува во еден момент да биде ограничена и неконкурентна во однос на минатиот период со цел да се покријат загубите на македонските увозници“, вели Ивана Томиќ, раководителка на секторот за океанска пловидба во „ДБ Шенкер“, за РСЕ.

Поради тоа што 34 отсто од глобалниот прекуокеански транспорт се одвива преку Суецкиот канал и поради одлуката на повеќето бродски компании да го одбегнуваат каналот и да ги пренасочуваат пловидбите преку Јужна Африка шпедитерите имаат плус трошоци за да ги покријат загубите на бродарите.

„Дополнително, транзитното време на пловидбите се очекува да се зголеми за 50 отсто. Доколку до сега контејнерите пловеле за 30 дена, со новонастанатата ситуација истите би пловеле 45 дена. Престојната Лунарна Нова година и неработните денови што следуваат дополнително ја отежнуваат целокупната ситуација. Капацитетите на бродските линии се максимално пополнети и се бара место повеќе. Зголемената побарувачка и ограничените капацитети ја зголемуваат цената на океанскиот транспорт двојно па и повеќе во однос на декември 2023“, изјави Томиќ.

Поради ситуацијата, од пред 2-3 недели се бара контејнер повеќе.

Шангајскиот индекс “полуде“

„Shanghai Containerized Freight Index, како најчесто употребуван индикатор на ратите во извоз од Кина, од почетокот на годинава повторно почнува да лудува, по две-три годишна стабилност. Цените на контејнерскиот превоз немилосрдно скокнаа неколкупати и со жалење ќе констатирам, не гледам некои индикации на враќање во нормала во догледно време“, вели Сашо Димоски, национален менаџер на „Гебрудер Вајс“ за Северна Македонија, за РСЕ.

Димоски очекува дека претстојната Кинеска нова година дополнително ќе го оптовари контејнерскиот превоз што ќе ги принуди бродарите на т.н. празни пловидби, со празни контејнери, „што повторно ќе ги однесе до небо цените“.

Што стигнува во Северна Македонија преку Суецкиот канал?

Стопанските комори во Северна Македонија немаат прецизни податоци кои и колку производи, полупроизводи, суровини и репроматеријали доаѓаат по морски пат преку Суецкиот канал во земјата. Се увезуваат најмногу материјали за автомобилската индустрија и производи за широка потрошувачка, а во азиските земји се извезува фероникел, мермер и прехранбени прозиводи главно од конзервната индустрија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, од азиските земји, најголема е вкупната трговска размена на Северна Македонија со Кина која во периодот јануари до ноември 2023 година достигнала вредност од над милијарда евра, од кои само 94 милиони евра отпаѓаат на македонскиот извоз во Кина, а останатите 925 милиони евра се увоз од Кина. Со тоа Кина е на листата пет на најголеми трговски партнери. Сепак 90 отсто од надворешно – трговската размена на Северна Македонија е со европските држави, а на прво место е Германија.

“Зголемените трошоци за нафта, растот на пристанишните такси, менувањето на бродските рути и нивното продолжување, сето тоа нема да може брзо да се врати во нормала. Дури и да запрат нападите врз бродовите и да се нормализира ситуацијата во Суецкиот канал ќе треба уште неколку месеци да се воспостави нормален бродски транспорт“, вели за РСЕ Стевица Чарапиќ од шпедитерската компанија МСЦ (Mediteranian Shipping Companu MSC CA), која е глобален превозник кој располага со околу 800 бродови и 200 илјади вработени.

Околу 40 отсто од трговијата меѓу Азија и Европа се одвива по морски пат.

Светската трговија падна за 1,3 отсто од ноември до декември, објави германскиот институт за светска економија Кил, додавајќи дека „ова е последица на нападот на товарните бродови во Црвеното Море“.

Зголемувањето на цените на нафтата и гасот би ја одржало високата инфлација, комплицирајќи ги напорите на централните банки да ја намалат.

Преминот низ Црвеното Море е тежок уште од ноември, кога бунтовничките Хути ги нападнаа бродовите што пловеа кон Израел како одмазда за неговата инвазија врз Газа. Сепак, на удар се сите бродови.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

дожд врнежливо време

Денеска и во следните денови нестабилно време со врнежи од дожд и грмежи

Денеска ќе преовладува променливо облачно време. Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно …