Избори се ближат, ветувања се нижат

Избори се ближат, ветувања се нижат

2024 се смета за изборна година не само кај нас туку и на глобално ниво поради рекордниот број изборни процеси што се очекуваат. Македонските граѓани ќе гласаат по 11- ти пат на парламентарни и по седми на претседателски избори. Ново е што прв пат ќе има премиер Албанец и ќе се гласа во среда наместо во недела. Очекувањата за кампањата, пак, се дека ќе преовладува докажување меѓу ривалите кој е поголем криминалец, а кој поголем патриот.

Поголеми плати и пензии, инвестиции во општините – изградба на градинки, училишта, амбуланти, мостови и улици, ветинг за функционерите, мисија „претседател Албанец“, рушење на крстот во дворот на манастирот на Попова Шапка, новинарите ќе бидат ослободени од придонеси за социјално и здравствено, членство во ЕУ во следниот мандат…

Ова се само дел од предизборните ветувања што се нижат на неколку месеци пред граѓаните да излезат да гласаат на претседателски и парламентарни избори на 24 април односно 8 мај 2024 година.

„Повеќе за сите“ и „Важно е“ се слоганите што се слушаат од двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, додека нивните лидери паралелно на терен промовираат проекти од државни пари. Околу две милијарди денари (32,5 милиони евра), Владата и министерствата прераспределија за 44 општини на средината на декември за изградба и реконструкција на улици, школи, спортски сали, а ВМРО-ДПМНЕ која ја има локалната власт во најголем дел од општините, пак, најавува голем инвестициски циклус од 934 милиони денари (15 милиони евра).

Инфографика - Изборна 2024
Инфографика – Изборна 2024

Очекувања – Негативна кампањата и докажување кој е поголем криминалец и патриот

Кампањата за изборите веќе е почната, оценуваат политичките аналитичари, а во наредниот период само ќе се интензивира.

Кампања за претходните парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 г. (архивска фотографија)
Кампања за претходните парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 г. (архивска фотографија)

Аналитичарот Петар Арсовски посочува дека во модерно време таа не ни престанува и партиите се во постојана комуникација со својот електорат. Како што се модернизира комуникацијата на гласачкото тело, вели, така и кампањата не може да се одреди кога почнува – почнува дента кога ќе ве изберат.

„Што се однесува до тоа кога ќе почне официјалниот дел јас очекувам дека таа ќе стане понегативна и поинтензивна имајќи предвид дека сме длабоко поделено општество и имаме дијаметрално спротивставени позиции за тоа каде треба да се движи државата. Јас очекувам дека тие тензии и тој контраст ќе се засилат за време на изборите и комуникацијата дека ќе стане понегативна“, смета Арсовски.

Според него, членството во ЕУ ќе биде една од главните теми, а ќе преовладува и животниот стандард, економијата и евентуално етничките разлики за тоа во кој правец треба да се движи државата.

На слична фреквенција е и аналитичарот Сефер Селими кој вели дека најмалку две три години ние сме во циклус на проактивна политичка сцена, темпо кое можеби им здосадува на граѓаните. Во наредниот период, и според неговите очекувања, ќе се интензивира црната кампања.

„Сега секако дека ова ќе се интензивира уште повеќе и очекувам дека ќе има обиди да има некаква кампања со предлагање решенија за горливите проблеми на граѓаните. Меѓутоа, јас очекувам дека повеќе ќе биде оцрнување на противникот – кој повеќе крадел и кој е повеќе криминализиран како политички актер на нашата сцена. И другата тема што ќе биде најмногу присутна секако ќе биде ЕУ, од една страна кој е повеќе патриот и кој повеќе се залага за нашата држава да биде во ЕУ. Тука ќе имаме две видувања како и кога“, вели Селими.

Прв премиер Албанец и среда наместо недела како ден за гласање

Законските рокови предвидуваат дека официјално изборната кампања ќе започне 20 дена пред изборите.

Според договорот од лидерската средба на 4 декември 2023, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а на 8 мај ќе има двојни избори – втор круг претседателски и парламентарни избори.

Но, она што ќе претходи е изборот на техничка влада која ќе биде задолжена за нивно спроведување. На чело на неа ќе застане актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, што ќе биде за првпат во историјата земјава да има премиер Албанец.

Џафери на новогодишниот брифинг со новинарите рече дека нема да има чистка во кабинетот што ќе го наследи, но ако некој од министрите се огреши ќе го разреши.

Техничката влада треба да се избере на 28 јануари, а спикерското столче на Џафери во Собранието ќе го презеде координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Во Владата на Џафери, треба да учествува и ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија и тоа со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација). Опозициската партија се изјасни дека нема да го поддржи Џафери, но сепак се очекува да номинира свои претставници во Владата. Имињата, сè уште не се познати.

Џафери вели дека и покрај тоа што не го сакаат, нему не му смета ниту еден човек и дека ќе соработува со сите министри.

И на парламентарните избори во 2020 г. се гласаше во среда, а денот беше прогласен за неработен (архивска фотографија)
И на парламентарните избори во 2020 г. се гласаше во среда, а денот беше прогласен за неработен (архивска фотографија)

Во ресорите каде опозицијата ќе има свои министри, дополнителни заменици ќе има СДСМ. За овие позиции социјалдемократите одлучија за во труд и социјала да ја номинираат актуелната министерка Јованка Тренчевска, а за внатрешни работи Митко Бојмацалиев кој е шеф на кабинет на актуелниот министер Оливер Спасовски. Ова значи дека Спасовски, кој беше премиер на техничката влада пред изборите во 2020, ќе ја напушти владината функција заедно со премиерот Димитар Ковачевски на крајот на јануари. Останатите министри и заменици од СДСМ, како и од коалициски партнери се очекува да останат исти.

Еден месец по изборот на техничката влада, Собранието предводено од Митрески ќе треба да ги распише претседателските и парламентарните избори.

Покрај тоа што предизборниот период за првпат ќе донесе премиер Албанец, изборите во 2024 година ќе бидат специфични и по тоа што наместо вообичаено да се гласа во недела, сега тоа ќе биде среда – и 24 април и 8 мај.

Вакво искуство земјава имаше и во пандемиската 2020 година кога за пратеници се гласаше на 15 јули (среда). Владата тогаш прогласи неработен ден за да може непречено да се одвиваат изборите.

Ова ќе бидат први избори по пописот на населението спроведен во 2021 година (архивска фотографија)
Ова ќе бидат први избори по пописот на населението спроведен во 2021 година (архивска фотографија)

Ажурирање на избирачки список

Она што ќе треба да се направи во пресрет на изборите е и ажурирање на Избирачкиот список во кој треба да се најдат сите полнолетни граѓани со деловна способност и со живеалиште во изборната единица каде гласаат.

Ова ќе бидат први избори по спроведениот попис во 2021 година во кој вкупното попишано население во земјава изнесуваше 2 097 319 лица, од кои 1 836 713 (вклучително и малолетници) живеат во државата.

За споредба, на локалните избори во октомври 2021 година во Избирачкиот список имаше запишано речиси исто гласачи колку и резидентно население – 1.824.864.

Старо-нови коалиции и дебитанти

Додека државните институции ќе треба да ги вкрстат податоците за причистен Избирачки список, партиите во своите коалиции ќе треба да ги состават листите со кандидати. Официјално, сè уште не се соопштуваат имињата на носители на листите во шесте изборни единици за парламентарните избори, како ни евентуалните коалиции. Она што е познато е оти во „единицата“ како носители ќе се соочат Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев.

Кога се во прашање коалициите, пак, СДСМ најави формирање Европски фронт. Неговите досегашни „помали“ партнери, навестуваат продолжување на соработката – ДОМ најави преговори за коалициратање со социјалдемократите, а ЛДП дека ќе настапи на избори „како дел од коалиција која забрзано ќе ја интегрира земјата во ЕУ“. Очекувањата се и ВМРО-ДПМНЕ да ги задржи досегашните коалициски партнери.

Но, на овие избори листи ќе има и од партии кои ќе настапат за првпат. Една од нив е, на пример, ЗНАМ на актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој рече дека нема да биде „ниту спасител на СДСМ ниту поткрепа на ВМРО-ДПМНЕ за да дојде на власт“.

Дебитанти ќе има и во албанскиот блок каде изминатиот период се формираа неколку нови партии – Изет Меџити кој излезе од ДУИ и го формираше Демократското движење, Аријанит Хоџа кој се отцепи од Беса и ја создаде Европската демократска партија, Скендер Реџепи Зејд кој беше дел од Алтератива, но го формираше Народното движење…

Меџити, заедно со Билал Касами од Беса и Африм Гаши од Алтернатива, веќе формираа коалиција обединувајќи се под името Европски сојуз за промени.

ДУИ и Алијанса за Албанците, пак, се очекува да настапат самостојно. Раководството на Алијанса одлучи да одат сами на избори, но партискиот лидер Арбен Таравари најави дека во јануари ќе заседава Централното претседателство за да се донесе конечна одлука.

Официјално имиња не се соопштуваат ниту кога се во прашање претседателските кандидати, а лицитирањата во јавноста се од тоа дека ќе гледаме ново соочување на Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова како во 2019-та, па до тоа дека во игра може да влезат и други кандидати од редовите на универзитетски професори до актуелни и поранешни функционери.

Изборна година и во глобални рамки

Парламентарните избори во Северна Македонија ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година. На претседателски, пак, македонските граѓани годинава ќе гласаат по седми пат откако првпат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994. Првиот мандат на претседателот Киро Глигоров од 1991 година беше врз основа на избор од Собранието.

Но, 2024 нема да се гласа само кај нас и ќе влезе во историјата како година кога се одржале рекорден број на изборни процеси во светот. Во зависност од тоа дали датумите се официјализирани или не, избори ќе има во над 40 земји поради што медиумите веќе ја прогласија за изборна година. Исходот од изборите, се предвидува, ќе го обликуваат светот и Европа за идните генерации.

Меѓу најважните изборни процеси за годинава се претседателските во Русија и САД во март односно ноември. Тука се и европските избори во јуни за составот на Европскиот парламент. Од регионот ќе се гласа на парламентарни и претседателски и во Хрватска.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Известувањата на осигурителните компании за зголемување на цените не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, …