Израел „во војна“ по ненадејните напади на Хамас, стотици мртви

Израел „во војна“ по ненадејните напади на Хамас, стотици мртви

Стотици мртви и повредени во борбите кои почнаа откако милитантите на Хамас започнаа напад врз Израел. Десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот гаѓа цели на Хамас во Газа.

Израелските власти соопштија дека во Израел најмалку 250 луѓе се убиени, а повеќе од 1.500 се ранети. Во меѓувреме, палестинските власти соопштија дека најмалку 232 Палестинци се убиени, а повеќе од 1.700 се ранети.

Според израелските власти, нова серија ракети истрелани од милитантите од Газа во саботата вечер директно погодиле повеќе локации во Израел, вклучително и Тел Авив.

Во објава на Телеграм, вооруженото крило на Хамас – милитантна група означена како терористичка организација од Соединетите Држави, ЕУ и Израел, соопшти дека истрелала дополнителни 150 ракети како одговор на бомбардирањето на станбена висококатница во градот Газа.

Ова следуваше откако во саботата наутро на 7 октомври палестинските милитанти од Газа истрелаа смртоносен налет на ракети и испратија вооружени лица на израелска територија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прогласи својата земја „во војна“, а како одговор, Израел започна воздушни напади врз Газа, а борбите продолжија во текот на денот.

Нетанјаху доцна синоќа вети дека ќе го победи Хамас, но и порача на земјата дека војната „ќе потрае“.

Тој рече дека милитантната група убила жени, деца и постари лица и дека е одговорна за благосостојбата на луѓето што ги заробила.

Ненадејниот напад и борбите што следеа означуваат голема ескалација во долготрајниот конфликт меѓу двете страни.

Израелските одбранбени сили соопштија дека Хамас земал заложници и воени заробеници откако започна ненадејниот напад. Милитантната група тврди дека има десетици заробеници.

Израелската војска потврди дека Хамас држи заложници, но не соопшти колку. Високиот член на Хамас, Салех ал-Арури рече дека милитантната група, која управува со Газа, „е подготвена за најлошото сценарио, вклучително и копнена инвазија“.

Во телевизискиот говор во саботата вечерта, објавен од Ројтерс, Нетанјаху рече:

„Она што се случи денес никогаш не е видено во Израел. Ќе се одмаздиме за овој мрачен ден“, изјави Нетанјаху.

Тој додаде: „Израел ќе стигне до секое место каде што Хамас се крие“, и ги предупреди жителите на Газа да си заминат сега.

Нетанјаху се осврна и на заробените Израелци. „Му велам на Хамас, вие сте одговорни за благосостојбата на затворениците. Израел ќе се справи со секој што ќе им наштети“, рече Нетанјаху.

Бајден – САД стојат со Израел

Американскиот претседател Џо Бајден во говор во саботата вечерта, рече дека САД стојат со Израел.

Советот за безбедност на Обединетите нации ќе одржи итна седница во недела на 8 октомври во 15 часот.

Земји и лидери од целиот свет реагираа на веста, при што многумина ги осудија нападите, а други повикаа на смиреност и воздржаност.

Во меѓувреме, авиокомпаниите или ги откажаа или драматично ги намалија летовите до Тел Авив, а странските канцеларии и амбасади ги обесхрабруваат патувањата и советуваат да бидат претпазливи нивните државјани во Израел.

Израелците ги проверуваат урнатините на зградата еден ден откако беше погодена од ракета истрелана од Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, недела, 8 октомври 2023 година.
Израелците ги проверуваат урнатините на зградата еден ден откако беше погодена од ракета истрелана од Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, недела, 8 октомври 2023 година.

Се вклучи Хезболах, Израел го гаѓаше јужен Либан

Израелската војска во неделата наутро, на 8 октомври, соопшти дека цели кон јужен Либан, откако неколку минофрлачки гранати биле истрелани на израелска територија.

Ракетите паднале во спорната област на планината Дов на границата со Либан, а нема извештаи за повредени или материјална штета, јавуваат израелските медиуми, а пренесува агенцијата АФП.

„ИДФ (Израелските одбранбени сили) преземаат подготвителни мерки за оваа можност и ќе продолжат да дејствуваат во сите региони и кога е потребно за да се обезбеди безбедност на израелските цивили“, се вели во соопштението на армијата.

Шиитската милитантна организација Хезболах соопшти дека истрелала ракети и гранати од Либан кон северен Израел, пренесе агенцијата ДПА.

„На патот за ослободување на нашата окупирана либанска земја и во знак на солидарност со победничкиот палестински отпор и борбата на палестинскиот народ, бригадата на мачениците (Хезболах) водачот Хаџ Имад Мугније во Исламскиот отпор (Хезболах) утринава во недела, 8 октомври 2023 година нападна три места на ционистичка окупација во окупираната област на либанска Шеба“, се вели во соопштението на групата.

Три места во фармите Шеба, појас земја на либанско-сириската граница и Голанската висорамнина под израелска окупација, се директно погодени, се вели во соопштението.

Се додава дека цел на ракетите биле радарите, градот Забдин и градот Руваисат Ел-Алам, со голем број артилериски гранати и наведувани проектили.

Израелската армија се бори против Хамас на осум локации

Израелската армија во неделата на 8 октомври објави дека нејзините сили се борат против упадите на Хамас на осум локации. Портпаролот на израелската војска изјави дека две заложнички ситуации се „решени“, но не кажа дали сите заложници се спасени живи.

Израел погоди 426 цели во Газа, соопшти израелската војска, срамнувајќи станбени згради. Тие вклучуваат кула од 14 ката во која се сместени десетици станови, како и канцеларии на Хамас во центарот на градот Газа. Израелските сили велат дека издале предупредување непосредно пред тоа.

Најмалку 256 луѓе во Појасот Газа загинаа во израелски напади, меѓу кои 20 деца, а речиси 1.800 се ранети, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Вооружени напаѓачи на Хамас упаднаа на 22 локации надвор од Појасот Газа рано наутро во саботата, вклучувајќи градови и други заедници на 15 милји од границата со Газа, додека Хамас лансираше илјадници ракети врз израелските градови, објави Асошиетед прес.

Се крева чад по израелските напади во Газа, 7 октомври 2023 година.
Се крева чад по израелските напади во Газа, 7 октомври 2023 година.

Силата, софистицираноста и времето на нападот во саботата наутро ги шокираа Израелците. Борците на Хамас употребија експлозив за да ја пробијат граничната ограда околу Газа, а потоа преминаа со мотоцикли, пикап камиони, параглајдери и глисери на брегот.

Во аматерската снимка, стотици преплашени млади луѓе кои танцувале на рејв трчаат да си го спасат животот откако милитантите на Хамас влегле во областа и отвориле оган врз нив.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војската ќе ги искористи сите сили за да ги уништи способностите на Хамас.

„Сите места каде што се крие Хамас, од кои дејствува, ќе ги претвориме во урнатини“, додаде тој. Израелската војска во текот на ноќта во неделата издаде предупредување до арапските заедници во Газа во близина на границата со Израел да ги напуштат своите домови и да одат во областите подлабоко во енклавата.

Израел акцијата во саботата како одговор за уподат на Хамас ја нарече „Операција Железен меч“.

Итен состанок на Советот за безбедност на ОН

Итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации ќе биде свикан по најголемиот напад врз Израел во последните години, соопшти бразилското Министерство за надворешни работи.

Бразил, кој овој месец го презеде ротирачкото претседателство на Советот, ги осуди нападите и изрази солидарност со народот на Израел.

Исто така, е потврдена посветеноста на „решение со две држави“, при што Палестина и Израел коегзистираат во меѓусебно договорени и меѓународно признати граници.

Борби во неколку градови

Отакко Израел вчера на 7 октомври рече дека групата поддржана од Иран му објавила војна на Израел, кога војската потврди дека се бори против милитантите во неколку израелски градови и воени бази во близина на Газа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја е во војна.

Граѓани на Израел, ние сме во војна“, рече израелскиот лидер во видео порака од воениот штаб во Тел Авив.

Неговата изјава дојде откако претходно израелскиот министер за одбрана објави дека милитантната група Хамас започнала војна против Израел и вети дека „Израел ќе победи“.

Израелската војска на 7 октомври соопшти дека напаѓа цели на Хамас во Газа, по интензивниот ракетен напад во раните утрински часови, насочен кон јужен Израел.

Бајден информиран за нападите во Израел, соопшти Белата куќа

Високи претставници на националната безбедност го информираа американскиот претседател Џо Бајден за нападите врз Израел и ќе продолжат да го информираат, соопшти Белата куќа.

Си-Ен-Ен објави дека наскоро се очекува да разговара со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан бил во контакт со својот израелски колега за ситуацијата во Израел, изјави за весникот висок претставник на администрацијата на Бајден.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека „внимателно ги следи случувањата во Израел“.

„Нашата посветеност на правото на Израел да се брани останува непоколеблива и им изразувам сочувство на семејствата на оние кои ги загубија животите во овој грозоморен напад врз цивили“, рече тој.

„Во текот на следните неколку дена, Министерството за одбрана ќе работи на тоа Израел да го има она што му е потребно за да се брани и да ги заштити цивилите од неселективно насилство и тероризам“, рече Остин.

Чад се гледа во областа Реховот додека ракетите се лансираат од Појасот Газа, во Израел на 7 октомври 2023 година.
Чад се гледа во областа Реховот додека ракетите се лансираат од Појасот Газа, во Израел на 7 октомври 2023 година.

По состанокот на безбедносниот кабинет во воениот штаб на Израел во Тел Авив, министерот за одбрана Јоав Галант предупреди дека Хамас „направил сериозна грешка“ со лансирањето ракети кон јужниот и централниот дел на Израел во својот ненадеен напад рано наутро.

На 7 октомври Европската унија ги осуди нападите на палестинската група Хамас врз Израел и повика на итен прекин на насилството.

„Ова страшно насилство мора веднаш да престане. Тероризмот и насилството не решаваат ништо. ЕУ ја изразува својата солидарност со Израел во овие тешки моменти“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Палестинските милитанти во Појасот Газа извршија инфилтрација во јужниот дел на Израел на 7 октомври, испраќајќи борци преку границата и истрелувајќи илјадници ракети во земјата, а милитантната група Хамас најави почеток на нова операција.

Израелската војска ја стави земјата во состојба на готовност и почна да гаѓа цели во Газа како одговор на нападот.

Во оваа сериозна ескалација на конфликтот, голем број ракети истрелани од Газа активираа сирени за воздушни напади сè до Ерусалим.

Лидерот на военото крило на Хамас, Мохамед Деи, го најави почетокот на, како што рече, „Операцијата Бура Ал Акса“.

„Денес народот ја враќа својата револуција“, рече тој во снимената порака, и ги ги повика Палестинците од Источен Ерусалим до северен Израел да се приклучат на борбата и „да ги истераат окупаторите и да ги урнат ѕидовите“.

Тој тврди дека Хамас истрелал над 5.000 ракети кон Израел.

Израелската војска на 7 октомври потврди дека имало инфилтрација на неколку локации во близина на границата со Газа во јужен Израел. На жителите им беше наложено да останат внатре.

Израел ја одржува блокадата на Газа откако Хамас, исламска милитантна група ја презеде контролата врз територијата во 2007 година.

Оттогаш тие водеа четири војни. Имаше и бројни помали борби меѓу Израел и Хамас и други помали милитантни групи со седиште во Газа.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

Виралниот ТикТок предизвик „Супермен“ испраќа тинејџери и средношколци во болница

На видеа на ТикТок, има деца кои намерно не го прифаќаат ученикот кој скока врз …