Ја живееме најтоплата година во историјата: климатските промени го менуваат целиот систем

Ја живееме најтоплата година во историјата: климатските промени го менуваат целиот систем

Инсектите, еве да земеме некој див вид на пчела или мува, нивниот метаболизам вели дека е време да се прекине хибернацијата или дормацијата, зависи од видот, тие излегуваат и се гладни. Нема со што да се хранат, затоа што на тие видови кои треба да цветаат, сè уште им е рано. И тие автоматски изумираат, вели eкологот и биолог Арсовски за Мета.мк

Октомври го достигна „најтоплиот рекорд“, односно на глобално ниво бил за 1,7 Целзиусови степени потопол од генералниот просек за овој месец. Ова е петти месец годинава кој глобално гледано е потопол во однос на истите месеци во минатото, по што речиси е сигурно дека 2023 ќе биде најтоплата година во историјата.

„Ваквото уривање рекорди е шокантно“, изјавува за Асошиејтед Прес Саманта Бурџис, заменик-директор на Службата за климатски промени Коперник, европска агенција која меѓудругото го набљудува просечните температури на воздухот и на морето низ светот.

„Ова е јасен знак дека влегуваме во климатски режим кој ќе има поголемо влијание врз голем број луѓе“, вели Питер Шлосер, потпретседател на Лабораторијата за глобални проекции на Државниот универзитет во Аризона, додавајќи дека „овие предупредувања требаше да се земат предвид повеќе од 50 години за да се донесат вистинските заклучоци“.

„Историски гледано, океанот апсорбирал дури 90 проценти од вишокот топлина од климатските промени“, вели Бурџис.  

Промените од климатските промени не ги чувствуваат само луѓето. Не само луѓето чувствуваат дека ноември наликува на септември и дека снегот во градовите полека станува мислена именка. Сушните периоди опфаќаат систем од растенија, животни, луѓе и инсекти, односно еден планетарен организам кој глобално ги трпи последиците од климатските промени.

Најзагрозени се видовите кои живеат во влажни живеалишта

Екологот и биолог Кирил Арсовски Пржо за Мета.мк објаснува какви се всушност последиците од климатските аномалии, како последица на климатските промени ако се анализира цел еден систем. 

Ја живееме најтоплата година во историјата: климатските промени го менуваат целиот систем
Кирил Арсовски Пржо / Фото: Лична архива

„Имаме неверојатно топли зими, се зголемува температурата на почвата, таа се загрева, има почвено разградување, или како што ние велиме народно ‘мириса на пролет’, тоа се тие почвени мириси кои излегуваат од бактериите. Инсектите, еве да земеме некој див вид на пчела или мува, нивниот метаболизам вели дека е време да се прекине хибернацијата или дормацијата, зависи од видот, тие излегуваат и се гладни. Нема со што да се хранат, затоа што на тие видови кои треба да цветаат, сè уште им е рано. И тие автоматски изумираат“, вели Арсовски.

Растенијата, пак, доколку нема кој да ги опраши, а често опрашувачите се меѓу себе поврзани, исто така исчезнуваат.

„Со нивното исчезнување или намалување на популацијата, исчезнуваат и други инсекти кои се хранат со тие растенија. Ако нема инсекти, автоматски исчезнуваат или се загрозуваат сите риби, птици кои се хранат со тие инсекти. Тоа е тој систем, дел од нив не ги знаеме, но знаеме дека каскадно го чувствуваат влијанието на климатските промени“, додава Арсовски.

Најзагрозени се видовите кои живеат во влажни живеалишта, бари и мочуришта поради големите суши. За нив, вели Арсовски, нема друга опција, тие ја евакуираат водата, и тоа подрачје повеќе не е влажно, па автоматски тие не можат ниту да се хранат, ниту да се размножуваат.

Тоа не е случајот со оние видови, како што се, на пример, азиските комарци кои можат да мигрираат.

„Азиските комарци се шират кон Европа делумно поради климатските промени и промената на сезоните. Сезоните стануваат подраматични, со големи периоди на суши, па тие заминуваат посеверно, кон поладни делови. Северно од Африка во нашиов случај е Медитеранскиот појас, а тоа сме ние. Тие доаѓаат на територијата на Европа, а некои видови се многу активно проширени, на пример во Италија, каде што имаше после три децении имаше појава на маларија“, вели Арсовски.

Последици трпат и економски значајните земјоделски култури, вклучително и во Македонија, каде што јаболкото и виновата лоза се исклучително значајни, но и најзагрозени. Сето ова, според Арсовски, се должи на водниот баланс, долгите сушни периоди и можноста за појава на штетници, што пак доведува и до поголема употреба на пестициди. Сето ова влијае и на овошките, но и на сето она што го добиваме од нив.

„Оваа година Италија првпат имаше сериозен пад на производството на вино, што се должеше на пеколната суша што ја зафати Италија, особено југот на Италија во последниве три години. А пак од друга страна, паралелно имаме сега други места во светот кои не биле познати по винарство па сега стануваат, токму поради климатските односи. Па така сега се повеќе слушаме за вино произведено во Австралија, Нов Зеланд, Аргентина, Канада, од места кои не биле препознатливи за производство на вино“, вели Арсовски за Мета.мк.

Според Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистемски услуги (IPBES), на околу еден милион животински и растителни видови им се заканува исчезнување. Погодени се најмалку 10.967 видови на Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата, а проекциите сугерираат дека ако глобалните температури се зголемат за 2 целзиусови степени до 2100 година, околу 18 проценти од сите видови на копно ќе се соочат со висок ризик да исчезнат. Почувствителните животни ќе поминат уште полошо, односно над 30 проценти од опрашувачите на инсекти и саламандерите ќе се соочат со високи ризици.

Едни од најзагрозените животни се гигантските панда мечки, кои се хранат исклучиво со бамбус. Климатските промени ја намалуваат количината на бамбус што расте во природните живеалишта на пандите во Кина. Освен што е нивна основна исхрана, бамбусот им обезбедува и засолниште, оставајќи ги ранливи на секој фронт.

Слично е и со зелените желки – имено, полот на бебето желка зависи од температурата на песокот каде што е нивното јајце. Па така, во потоплите области има повеќе женски желки, а со климатските промени бројот на мажјаци значително би се намалил.

Најзагрозен вид поради климатските промени, според Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) е гепардот. Бројот на популацијата на гепардите драстично се намалува поради климатските промени бидејќи се намалува популацијата на пленот на гепардите. Како резултат на тоа, гепардите мора да ја променат исхраната и да ловат други животни кои живеат во истата средина. Честопати, како што се вели во истражувањата, овие животни (пленот на гепардите) ја немаат истата хранлива вредност како нивниот вообичаен плен, што пак влијае на нивната способност за парење.

Глечерите на Гренланд се топат пет пати побрзо отколку пред 20 години

Ја живееме најтоплата година во историјата: климатските промени го менуваат целиот систем
该图片由Thomas RitterPixabay上发布

Загрижувачки податоци во однос на најтоплата година и на климатските промени стигнуваат речиси секојдневно, од голем број истражувања. Последно од нив е истражувањето кое утврди дека глобалното затоплување петкратно ја зголемило стапката на топење на глечерите на Гренланд во последните 20 години.

Огромните пловечки ледени платформи кои се незаменливи карактеристики на северната хемисфера, спречуваат пораст на морското ниво, се вели во ова истражување објавено на 7 ноември што го пренесе Вашингтон Пост.

Според него, ледената покривка има изгубено 35 отсто од нејзиниот вкупен волумен од 1978 година.

„Тоа е еквивалентно на загуба од околу 400 милијарди тони пловечки мраз кој делуваше како еден вид затворач, спречувајќи глечерите да истекуваат во морето и да го забрзаат порастот на морското ниво“, пишува Вашингтон Пост.

Топењето на мразот на Гренланд е особено загрижувачко бидејќи древната ледена покривка, доколку целосно се стопи, има доволно вода за да го подигне нивото на морето за најмалку шест метри.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Скопје домаќин на Самит на шефовите на држави и влади од југоисточна Европа

Скопје домаќин на Самит на шефовите на држави и влади од југоисточна Европа

Меѓу гостите во Скопје се претседателите на Албанија, Косово, Црна Гора, но и шефот на …