Честитка на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, по повод празникот „Св.Климент Охридски“:
Одбележувајќи го Денот на патронот на Македонската православна црква, големиот просветител и првиот македонски епископ Свети Климент Охридски, уште еднаш се потсетуваме на неговото грандиозно и безвременско животно дело.
Како основоположник на Охридската книжевна школа, низ која минале околу 3.500 ученици и од која произлегле многу учители ширум словенскиот свет, а пред се’ како човек кој целиот свој животен век го посветил на духовноста и описменувањето, Св. Климент ќе остане трајно врежан во македонското и светското културно наследство.
Хуманото дело на најпосветениот ученик на Светите Кирил и Методиј и продолжувач и продлабочувач на нивната мисија за просветлување на народите, е неизбришлив дел од развојот на врвните цивилизациски вредности.
Да го продолжиме патот на хуманоста и човекољубието, којшто пред повеќе од 11 века го зацрта Св.Климент Охридски.
Нека ни е честит и вековит празникот!