Јовески: Анкетната комисија ќе ја наруши предистрагата за Онкологија

Јовески: Анкетната комисија ќе ја наруши предистрагата за Онкологија

Работата на Анкетната комисија што беше формирана во Собранието за случувањата на Клиниката за онкологија, според државниот обвинител Љубомир Јовески, е надвор од надлежностите на собраниските тела. Според него, Комисијата ќе ја наруши предистражната постапка што ја отвори Обвинителството.

Јовески ваквите пораки ги испрати пред пратениците во Анкетната комисија каде на 3 ноември беше повикан да сведочи.

„Кога ја примив поканата мислев дека е некоја грешка, но следејќи ја работата на ова тело, се повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води обвинителството. Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт, ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот кој јасно ја дефинира поделбата на законодавната, извршната и судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон“, рече Јовески.

Тој оцени дека расправата во Собранието е противзаконска, а особено се коси со Законот за кривична постапка кој ја штити тајноста и доказите обезбедени во предистрагата.

На пратениците, републичкиот обвинител им го посочи членот 123 од Деловникот за работа на Собранието во кој се посочува дека работните тела во парламентот не може да имаат истражни или други функции.

„Во вашиот комисиски Деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека Анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на јавното обвинителство, ниту на најголемиот дел од сведоците кои секојдневно ги повикувате тука можат да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, но не е во ваша надлежност“, рече државниот обвинител.

Во однос на предистрагата, пак, Јовески потенцираше дека обвинителството ја води темелно и стручно и уверуваше дека ќе се дојде до вистината.

На забелешки од ВМРО-ДПМНЕ зошто досега не се определени никакви мерки за евентуални инволвирани во случајот, Јовески одговори дека тоа се прашања во надлежност на обвинителството. Сепак, спомена дека досега се сослушани околу 40 лица кои имаат сознанија за Онкологија.

Од опозицијата го прашаа и дали во неговиот мандат, кој завршува во декември, предистрагата ќе напредува во истрага и ќе има некаква разрешница, обвинителот посочи дека е неблагодарно да се предвидуваат одредени дејствија и уверуваше дека ќе се утврди кој злоупотребувал и какви кривични дела извршил.

Како тема пред Анкетната комисија се наметна и КАТО систем за автоматизирана подготовка на цитостатици кој оневозможува манипулации со терапиите за пациентите. Ваков систем, како што беше објавено во јавноста, имало на Клиниката за онкологија, но не бил ставен во функција.

„Епилог ќе има и мора да има. Не станува збор за некој небитен настан туку навистина за една сложена состојба, за тешки кривични дела, и Обвинителството мора овој случај да го испита до крај, па доколку се покаже дека КАТО системот влијаел вака или онака во делот на процесот на лекување на болните секако дека ќе биде земен предвид, рече Јовески.

Покрај државниот обвинител, пред Анкетната комисија досега сведочеа и актуелниот и поранешни министри за здравство и нивни заменици, како и директори на Клиниката за онкологија.

Анкетната комисија во Собранието беше формирана откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка, по наводите кои ги објавија медиумите за злоупотреба на лекови на Клиниката.

Освен дека на Клиниката за онкологија се крадела терапија за болни од карционом, медиуми отворија сомнежи дека пациентите добивале и физиолошки раствор, а терапијата завршувала на црниот пазар.

Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.

На почетокот на септември Обвинителство отвори предистражна постапка. Беа извршени претреси на Клиниката и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документации.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Известувањата на осигурителните компании за зголемување на цените не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, …