Францускиот предлог е врвна дипломатска приказна како да се понуди решение за еден небулозен спор, а во него да има и драма и чесно повлекување. Освен Париз, имаше и многу други актери во играта.
Пишува: Љупчо Поповски
Можеби се сеќавате, а можеби и не, на онаа генијална песна на Боб Дилан All Along the Watchtower (во исто така генијална обработка на Џими Хендрикс) и на нејзините први два стиха: „There must be some way out of here“, said the joker to the thief/„There’s too much confusion, I can’t get no relief“ („Мора да има некој излез одовде“, му рече шегаџијата на крадецот/„Има премногу конфузија, не можам да се опуштам“). Така некако заликува ситуацијата со францускиот предлог, кој според зборовите на Париз и Брисел е конечен. Мора да има некој излез, а во исто време има конфузија.
Уште на почетокот, кога беше објавеновој предлог, изгледаше дека француското претседателство така го калибрирало што ќе им биде тешко и на Скопје и на Софија да го остават. И така и излезе. Епизодите со новата резолуција во бугарскиот парламент со додадени четири услови, а потоа неговото отфрлање на премиерот Димитар Ковачевски среде Брисел, изгледа дека беа дел од поголемата слика во која требаше да се вметне драма, која ќе ја видат или насетат што помалку луѓе од страна. Ова можеби не беше во стилот на Ричард Холбрук и неговото удирање со рака на маса кога требаше господарите на војната да се седнат во Дејтон, ниту телефонското укинување на грчкото ембарго на релација Скопје-Атина. Овде имаше повеќе европско убедување и кршење бугарски камења и по некој македонски за да се дојде што е можно побрзо до решение за да се смири југоисточното крило на Европа преплавено од руската пропаганда и секакво друго влијание (гледајте само како падна бугарската влада). Ова беше европски проект за решавање на овој небулозен спор (во кој едната страна ги има сите адути на ЕУ, а другата речиси ништо), но најтешкиот воденички камен се вртеше во Вашингтон. За тоа не треба да има сомнение. (Забележувате, во овој круцијален месец во подготовката на решението преточено во француски предлог, американските изјави ги снема од јавниот дискурс, освен некои протоколарни соопштенија.)
Како што сега стојат работите, без оглед што велат противниците (Христијан Мицкоски: „Ова е бугарски диктат – не, благодарам!“) овој предлог според опозицискиот омилен термин – брза лента – ќе биде прифатен и тоа во наредните неколку дена. Само револуција – или контрареволуција, како сакате – може да го спречи овој развој на настаните. А прашање е дали има енергија за тоа.
Глазура во Мадрид
Нашите политичари не сакаат да пишуваат мемоари (или не знаат, или се плашат да не ги суди историјата), но изгледа дека финалната глазура на францускиот предлог, кој веќе не може да се одбие од ниедна страна, беше направена на Самитот на НАТО во Мадрид. Претседателот Стево Пендаровски тоа на одреден начин го навести во разговорот за Сител, при споменувањето дека таму трипати разговарал со Олаф Шолц, двапати со Емануел Макрон, со Ентони Блинкен… Без да има средба со Румен Радев (освен протоколарна). А за сето тоа време Бујар Османи и Теодора Генчовска прво 10 часа во Софија, а потоа двата дена во Мадрид договараа како секоја страна да излезе со што помалку лузни. На тоа се надоврза и самата објава на Макрон на прес-конференцијата на Самитот, каде се зборуваше за работи на НАТО и новата стратегија спрема Русија, неочекувано да одвои важно време да соопшти за работи кои се однесуваат на Европската унија и за еден спор кој почна да ја мачи и Алијансата (Еди Рамасо неговите изјави во Брисел, се чини, одигра специфична улога). Ако можеше да се најде решение за блокадата на Турција за членството на Шведска и Финска во НАТО, тогаш бугарското вето беше од многу помал калибар.
Сосема разбирливи и легитимни се стравувањата во домашната јавност дали оваа преговарачка рамка може да се претвори во поле за бескрајни кочници за македонскиот напредок. Никој не вели дека тоа не може да се случи (како ни кочниците од други земји) во оваа изменета методологија за пристапување кон ЕУ. Но во неколкучасовните трескавични толкувања за тоа каде можат да бидат „кваките 22“ за Македонија во иднина забораваме да видиме од што сѐ мораше да се повлече Бугарија за да може да се претставува како доверлив европски и атлантски партнер.
Вреди да се потсетиме на тоа и да ни стане појасно зошто бугарските медиуми и политичари речиси унисоно молчеа последниве два дена околу драматичниот развој на настаните (иако протерувањето на 70 руски дипломати и неизвесноста околу новото можно мнозинство околу мандатарот Асен Василев ја прекри речиси целата политичка агенда таму).
Извор: DW
Целиот текст ОВДЕ