пожар

Ќе требаат и до 50 години за да се обноват шумите што изгореа

Од две до пет децении се потребни за да се обноват уништените шуми и екосистеми кои настрадаа во пожарите. Штетата од беснеењето на пламените јазици на повеќе локации низ земјата од многу аспекти е немерлива. Значењето на шумите, во услови кога се справуваме со климатските промени и сите последици од нив за човекот, живиот свет и животната средина, е незаменливо. Иако во последните децении, особено институциите, во шумите гледаат само економски потенцијал што би можеле да го искористат, сепак, еколошкото значење е многу поважно и поголемо. Тие го спречуваат прегревањето на планетата, создаваат кислород и се дом на многу растителни и животински видови.

Во моментов институциите немаат прецизни податоци колкава површина шума е изгорена, ниту пак, во која состојба се пределите зафатени во летните пожари.

Директорката на јавното претпријатие „Национални шуми“, Јулиана Николова, вели дека штетата дополнително ќе се утврдува, но заклучок може да се донесе уште од сега: За санација ќе биде потребно многу, многу долго време!

„Проценките на Шумарскиот факултет велат дека за обнова на изгорени површини треба од 20 до 50 години. Јас сметам дека е пореално да очекуваме дека ќе ни требаат пет децении, отколку две, за да дојдеме до фазата во која се наоѓала шумата која изгорела. Тоа е страшно долг период, што пожарите кои ни се случуваат ги прави катастрофални. Во идниот период ќе следува и проценката на штетите во зависност од видот и намената на дрвото кое изгорело“, вели Николова.

Повици за подобрување на можностите за превенција и брза реакција

Штетата е ненадоместлива со оглед дека се уништени постоечки екосистеми кои, секако, не може да се реставрираат во брзо време, реагираат и екологистите од „Еко Свест“. Тие апелираат да се открие дали шумите се палат намерно, но и да се подобрат можностите за брза реакција и превенција.

„Во период кога се бориме со климатски промени и суша токму екосистемските услуги што ги нудат старите шуми стануваат најважни. Дали шумата е запалена од невнимание или намерно не можеме да знаеме, тоа останува институциите да истражат и да санкцонираат. Меѓутоа, целата ситуација само покажа колку не сме подготвени брзо да реагираме и да се справиме со шумските пожари“, велат од „Еко свест“.

Директорката Николова вели дека се почестите гласини во јавноста дека голем процент од пожарите во овој период од годината се намерно подметнати, не се докажани. Сепак, потврдува дека изгорените дрвја имаат употреба и се користат правење пелети или му се даваат на локалното население да ги користи за огрев.

„Да се палат шуми со намера за мене е монструозно и неприфатливо дело. Доколку се случи сторител на намерно предизвикување на шумски пожар да биде фатен на дело, служби имаат обврска го проследат на надлежните судски органи, кои понатаму ги утврдуваат фактите и постапуваат согласно законските прописи“, посочува Николова.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

Драган Ковачки во дебата на национална телевизија ја повтори „по стоти пат“ невистината дека актуелниот …