Кога младите ќе станат приоритет на државата?

Кога младите ќе станат приоритет на државата?

Пишува: Сотир Габелоски

Нема волја за имплементација на Законот за млади или истиот е тешко остварлив? Одредбите од Законот за младинско учество и младински политики имаат ниско ниво на имплементација, тоа го покажува Мониторинг извештајот за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики изработен од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Мониторинг извештајот за имплементација на Законот за млади констатира дека во првите две години по донесување на Законот евидентно е дека младите не се приоритет на државата. Локални младински совети, канцеларии за млади, центри и друго има само во општини кои можат да се избројат на прсти. Овој извештај кажува дека преземените обврски во име на младите не се остваруваат.

26 отсто од општините имаат активен локален младински совет. Тоа е обврска која произлегува од погоренаведениот Закон, а има за цел да го олесни патот за вклучување на младите во креирање на политики и да ги доближи до процесот на носење на одлуки.

Само 7 општини стратешки планираат како да го подобрат животот на младите преку изработка на Локална стратегија за млади, а 6 отвориле канцеларија за млади. Мала е реализираноста и кај младинските центри, за што општините имаат рок од 5 години да ги отворат. Единствено се забележува напредок кај назначувањето на службеници млади, каде што процентот е значително повисок од бројките прикажани погоре.

Сите овие обврски произлегуваат од Законот донесен пред повеќе од 3 години. Годинава Клубот на млади пратеници при Државното собранието отвори консултативен процес за измени за овој закон посветен на младите. Што тоа кажува? Дека Законот е тешко да се имплементира или нема волја за да се подобрува животот на младите преку истиот?

Сите овие аспекти од Законот, како што се креирање локални младински совети, стратегии, отворање на канцеларии и младински центри, се од големо значење за вклучување на младите, нивна едукација и унапредување на личниот живот. Колку за илустрација, во Мониторинг извештајот одлично е претставена важноста од отворање на младински центар:

„Младинските центри се места каде што се подготвуваат и се спроведуваат програми што ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите“, се вели во Извештајот.

Отворањето на младински центар или канцеларии за млади повлекуваат финансиски и просторни импликации за општините, но затоа Законот за млади ги обврзува локалните самоуправи да одделат 0,1 процент од Буџетот за млади и 0,3 отсто од државниот буџет. Кога се работи за локалните младински совети, во нивното креирање неопходно е да се мотивираат младите за да се вклучат во процесот на создавање на ова советодавно тело и со истото да работат и раководат.

Во меѓувреме Владата може да се пофали дека преку проектот „Гаранција за млади“ и Законот за практиканство се подобрува вработливоста кај младите, но одредбите на Законот остануваа со ниска реализираност.

Процесот на ревизија на Законот за младинско учество и младински политики се одвиваше во летните месеци. Што од тоа ќе произлезе ќе видиме, но очекувањата се Законот конечно да профункционира. За важноста од исполнување на одредбите веќе пишував претходно, а итноста од приоретизирање на младите од страна на државата останува.

Прочитајте повеќе

Русија користи хемиско оружје во војната во Украина?

Русија користи хемиско оружје во војната во Украина?

САД ја обвинија Русија за употреба на хемиско оружје против украинската војска, Москва демантира. Русија …