Колку јас лично придонесувам за климатските промени во светот?

Колку јас лично придонесувам за климатските промени во светот?

Горенаведеното прашање треба секој граѓанин од земјава да си го постави. Македонија се наоѓа на простор каде се судираат медитеранската и континенталната клима, а во минатото сите повозрасни се сеќаваат на обилни врнежи од снег во градови како што е Скопје. Нив денес ги нема, а помалите деца од некои градови, како на пример Гевгелија, воопшто не виделе снег во нивните животи

Иако енергетскиот сектор, индустриските капацитети, шумските пожари и транспортот се убедливо најголемите предизвикувачи на климатските промени, личниот придонес на секој граѓанин во менувањето на секојдневните навики може многу да придонесе во намалувањето на емисиите на стакленички гасови. На Планетата живеат над 8 милијарди луѓе, а доколку секој од нив направи барем една климатска акција, тогаш финалниот исход може да биде спектакуларен.

„Колку јас лично придонесувам за климатските промени во светот“ е прашањето кое треба секој граѓанин од земјава да си го постави. Македонија се наоѓа на простор каде се судираат медитеранската и континенталната клима, а во минатото сите повозрасни се сеќаваат на обилни врнежи од снег во градови како што е Скопје. Нив денес ги нема, а помалите деца од некои градови, како на пример Гевгелија, воопшто не виделе снег во нивните животи.

Врз климатските промени влијаат секојдневните активности што ги правиме како поединци, а македонските граѓани од есенва може да го пресметаат јаглеродниот отпечаток што го создаваат. За сите заинтересирани лица на македонски јазик е достапна веб-страницата „Јаглероден отпечаток калкулатор“, на која има квиз со десетина прашања кои се достапни за одговарање.

Каква е вашата исхрана, колку пари неделно трошите за оброк и каде ја консумирате храната, дали фрлате храна, кое превозно средство најчесто го користите, колку луѓе живеат во вашиот дом и каква е енергетската ефикасност на објектот, колку месечно трошите на облека и обувки, на козметика, лекови и други производи од аптека, како и на теретани, СПА центри и центри за разубавување. Ова се само дел од прашањата кои треба да се одговорат.

Откако ќе го решите квизот, калкулаторот „Јаглероден отпечаток“ пресметува колкави се емисиите на стакленички гасови што ги произведувате врз основа на одговорените прашања. Истовремено, може да се информирате дека за тоа колкав е просечниот јаглероден отпечаток по жител во земјава, но и во светот. За оние што сакаат да ги променат своите навики, може да дознаат едукативни совети за тоа што можат да променат од личните навики во храната, транспортот, домот и купувањето за да го намалат личниот јаглероден отпечаток.

Ваквиот калкулатор на македонски јазик недостигаше кај нас, иако во земјите-членки на ЕУ уште пред неколку години, кога, на пример, се купува авионски или железнички билет за патување, при онлајн набавката се прикажува и колкави емисии на стакленички гасови ќе се потрошат при патувањето.

Калкулаторот „Јаглероден отпечаток“ е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, а покрај сајтот, постои и посебен профил на Инстаграм и на Фејсбук со информативно-едукативни содржини за климатските промени.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк информираат дека интернет-страницата е создадена во рамките на проектот „Колкав загадувач сум јас“, кој со финансиски средства од 250.000 денари е делумно поддржан од нивното министерство, и тоа преку аплицирање на Конкурост за распределба на средства од Програмата за инвестиции во животната средина на ова министерство за 2023 година.

„Проектот е со времетраење од 5 месеци и е поделен во два дела. Првиот дел опфати Изработка на едукативни текстови и содржина за веб-страницата https://carbonfootprint.mk/ и текстови за постови на социјалните медиуми; изработка на калкулатор за пресметка на јаглеродниот отпечаток, објавен на веб-страницата, и дизајнерски работи. Вториот дел предвидува кампања на социјални медиуми    (Facebook и Instagram) и промотивни активности“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Проектот има за цел да едуцира и да ја подигне јавната свест за влијанието на секој поединец во емисиите на стакленички гасови, за тоа што е јаглероден отпечаток, како се создава и како да го намалиме преку промени во секојдневните активности и навики. Целна група се сите лица постари од 18 години, а преку калкулаторот покрај тоа што ги визуелизира причините и последиците, упатува и на мали промени во однесувањето на секој поединец за намалување на јаглеродниот отпечаток.

„Со оглед дека овој термин што е релативно непознат на широката јавност, МЖСПП смета дека кампањата од овој вид и спроведена на овој начин е од исклучителна важност, бидејќи пристапот кон спроведување на стратегиите и политиките за климатски промени е комплексен и инклузивен за сите општествени субјекти, вклучувајќи ги и поединците и е подеднакво важно сите заеднички да дадеме свој придонес“, велат од Министерството за животна средина.

Оттаму информираат дека изработената веб-страница не е во нивна сопственост, но ќе биде објавена на комуникациската платформа www.klimatskipromeni.mk. Се надеваат дека калкулаторот „Јаглероден отпечаток“ особено ќе допре до младите, кои се и движечка сила за промените што треба да се направат за да се намали зголемувањето на просечната температура на воздухот во светот и другите негативни последици од климатските промени, со кои се соочува Земјината топка.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче на Сител

Филипче: Додека оперирам специјализантите најмногу учат со мене (ВИДЕО)

Многупати досега д-р Венко Филипче зборувал за поддршката што им ја давал на своите помлади …