Комисија за спречување и заштита од дискриминација: Локалната власт во Прилеп да обезбеди чиста вода за ромското население

Комисија за спречување и заштита од дискриминација: Локалната власт во Прилеп да обезбеди чиста вода за ромското население

Локалните власти во општина Прилеп да обезбедат пристап до чиста вода во ромските населби „Дебарца“ и „Три багреми“.

Ова е Одлуката која Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја донесе пред два дена, а со која се утврдува дека Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ сториле директна дискриминација врз Ромите од Прилеп, преку необезбедување еднаков пристап до вода. Ваквата одлука доаѓа по поднесената петиција, односно претставка од страна на Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) во име на Ромите жители на овие населби. Општина Прилеп и ЈКП „Водовод и канализација“ имаат рок од 6 месеци да ја спроведат Одлуката.

„Не е случајно што Ромите остануваат неповрзани на јавната водоводна мрежа, често и со децении. Институционалниот расизам значи дека овие заедници биле запоставени и им била негирана основната инфраструктура од страна на јавните власти. Водата е од суштинско значење, а без неа овие Роми не можат целосно да го уживаат еднаквиот пристап до образование, добро здравје и хигиена, до вработување, како и сите други области од животот кои се засегнати со недостигот со чиста вода во домот“, вели Ѓорѓе Јовановиќ, претседател на ЕЦПР.

И покрај тоа што таму живеат со години, ромските заедници во населбите „Дебарца“ и „Три багреми“ никогаш не биле поврзани на главниот водовод. Дел од причината е тоа што многу домови во овие населби никогаш не биле легализирани од страна на Општината. Одлуката на Комисијата го споменува овој проблем и вели дека доколку постојат правни пречки во однос на легализацијата на домовите во населбата, тогаш властите мора да изнајдат времено решение со кое ќе се обезбеди чиста вода за сите ромски семејства кои живеат во тој дел од градот.

Одлуката што ја објави Комисијата утврдува директна дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, етничка припадност, социјално потекло и имотна состојба во областа на пристап до добри услуги.

За овој проблем, ЕЦПР има поднесено тужба до Основниот суд во Прилеп.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …