Конфликт помеѓу Косово и Србија: „Причина за страв имаме секогаш“

Конфликт помеѓу Косово и Србија: „Причина за страв имаме секогаш“

Како по последните тензии на релација Белград-Приштина размислуваат граѓаните на Белград и дали се плашат од ескалација?

Сонцето грее, луѓето купуваат и се шетаат, трамваите, автобусите, такси-возилата и приватните автомобили се во движење: во главниот град на Србија, Белград, нема очигледни знаци за конфликт со соседно Косово. „Ништо нема да се случи“, објаснува за ДВ 30-годишната Светлана, која штотуку се вратила од одмор на хрватското приморје: „Тоа политичарите овде на Балканот го прават повеќе од 20 години: малку провоцираат, но потоа се повлекуваат пред да стане навистина жешко, како во 1999 година“.

Во последната година од 20. век, тогашниот српски властодржец, Слободан Милошевиќ, го доведе до ескалација конфликтот меѓу српската државна власт и албанското мнозинство – околу 90 проценти од населението – во покраината Косово, која во тоа време припаѓаше на Србија. Српските безбедносни сили вршеа масакри и протераа стотици илјади не-Срби, како што направија во Хрватска во периодот 1991-95 година и во Босна и Херцеговина во 1992-95 година. За да се спречи полошо, интервенираше Северноатлантскиот одбранбен сојуз НАТО и ги протера српската полиција и војска од Косово.

Заедно со безбедносните сили од регионот побегнаа и многу српски цивили. Следуваше деценија во која Косово беше под управа на Обединетите нации. Освен тоа, од војната во 1999 година во земјата има заштитни сили на НАТО. Но, ним не им успеа да го одбранат преостанатото српско малцинство кога албанските толпи во 2004 година ги нападнаа нивните населби, цркви и културни институции. Потоа Косово го напуштија уште многу други Срби.

Во 2008 година, парламентот во главниот град Приштина ја прогласи поранешната српска покраина за независна. Но, повеќето припадници на преостанатото српско малцинство – околу 5 отсто од населението – го бојкотираа гласањето. На северот на Косово, каде Србите го сочинуваат мнозинството од населението, косовската држава де факто остана немоќна до ден-денес. А најголемиот дел од жителите во српските „енклави“ на југот од земјата ги напуштаат своите населби само под заштита на НАТО.

Schlagzeilen serbische Boulevardzeitungen in Belgrad Наслови во српскиот булеварски печат, август 2022

„Косово е дел од Србија“

„Косово? Тоа е далеку“, одговара келнер во ресторан во центарот на градот на прашањето на репортерот на ДВ. И не, тој не верува дека ќе има нова ескалација меѓу српската држава и екс-покраината. Но, тоа не може баш со сигурност да се каже, вели келнерот. „Албанците ги угнетуваат нашите сонародници во Косово“, додава тој: „Секако дека возвраќаат. И јасно е дека треба да ги поддржиме, на крајот на краиштата тие се Срби како нас. А Косово е и ќе остане дел од Србија.“

Така на работите гледа и Александар Вучиќ, српски ултранационалист и министер за време на Милошевиќ во 1990-тите, водечки член на национално-конзервативната Српска напредна партија (СНС) од 2008 година и претседател на Србија од 2017 година. „Режимот во Приштина“ – притоа се мисли на избраната влада на Република Косово под премиерот Албин Курти – одлучи да им „наметне работи на Србите во Косово на кои нема право“, вели тој.

Како ти мене…

Србија не признава лични документи и регистарски таблички од Косово. Косовските патници мора при влез во Србија да извадат заменски документи и да ги покријат сите национални амблеми на Република Косово на своите возила. Од 2021 година, српските национални амблеми исто така мора да бидат невидливи при влез во Косово. Косовската влада ова го нарекува „реципроцитет“.

Unruhen an der Grenze Kosovo-Serbien Камиони блокираат пат на косовско-српската граница, 31.07.2022

Актуелниот спор започна на крајот на јуни 2022 година со најавата на владата на Курти дека има намера да го примени принципот на реципроцитет на српските лични документи и да ги принуди сопствениците на автомобили во северниот дел на Косово, каде што доминира српското население, да ги заменат српските регистарски таблички со косовски. Според српски извори, сопствениците на автомобили кои одбиваат да го сторат тоа се соочуваат со ризик да им бидат одземени возилата. Во знак на протест против ваквите мерки, косовските Срби на 31 јули 2022 година подигнаа барикади на различни гранични премини. Според албански извори, имало и пукотници.

Сојузник – Русија

„Малку сум нервозна“, вели за ДВ продавачка на овошје на пазарот Калениќ во Белград. „Овде работите се мирни од 1999 година, но во Украина со месеци беснее војна и којзнае дали може да се прошири и кај нас.“ Како е тоа можно? Косово и Србија се далеку од Украина и Русија. Покрај тоа, само на Косово има околу 4.000 војници на НАТО, а сите соседни земји на Србија, со исклучок на Босна и Херцеговина, се членки на одбранбената алијанса. Жената изгледа малку збунето кога репортерот на ДВ го поставува прашањето. Потоа вели: „Русија отсекогаш била наш сојузник и секако би ни помогнала и овојпат“.

T-Shirts auf dem Kalenic-Markt in Belgrad, SerbienМотиви на маици на белградскиот пазар Калениќ

Се чини дека сличен став имаат и важни функционери на српската владејачка партија СНС. Не само што некои од нив отворено покажуваат симпатии за руската агресивна војна против Украина, туку, на пример, пратеникот на СНС, Владимир Ѓукановиќ, на 31 јули 2022 година го употреби терминот „денацификација“ во врска со владата на Република Косово. „Денацификацијата“ на Украина е една од прокламираните воени цели на Русија.

Со оглед на ситуацијата на границата со Косово, се плаши ли продавачката на пазарот Калениќ од нова војна на Балканот? „Ако нешто сме научиле овде во изминатите 30 години“, одговара таа, „тогаш ова: причина за страв има секогаш.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …