На митингот на ДУИ кој синоќа се одржа во Чаир, беа упатени повици за сплотеност во партијата, но и дека таа е незапирлив урган кој може да го оддува оној што ќе застане пред него, како што рече лидерот Али Ахмети. Фракцијата во ДУИ „Огнената група“ одржа митинг во Чаир пред три недели, на кој остро беа критикувани министрите на ДУИ, а особено Груби.
Со повик до политичарите да го остават гневот на страна и да се обединат за земјата да стане дел од Европа, лидерот на ДУИ Али Аахмети се обрати на митингот кој се одржа во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир. Тој рече дека во последно време некои се лутеле, но дека кај него нема враќање назад.
„Ги почитувам одлуките на мнозинството од партиските тела, но не можам да излезам од патот трасиран со крв и вредности“, рече Ахмети додавајќи дека нивната мисија започнала за обединување за да им го дадат на Албанците тоа што историски го заслужиле: слобода, правда и еднаквост.
Митингот се одржа во услови на внатрешен јаз во Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој едната група во партијата го нарече „спектакл без преседан“, додека „Огнената група“ го нарече „собир на артанисти“.
„Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан (Груби), ние не сме воз туку незапирлив урган и не излегувајте пред него зашто ќе ве оддува“, порача Ахмети на митингот.
Неговото учество на митингот во Чаир беше најавено со слоганот „Да, тој доаѓа, и старо и младо е на нозе“, како што напиша вицперемиерот Артан Груби на социјалните мрежи.
Фракцијата во партијата, наречена „Огнената група“ предводена од Изет Меџити, не присуствуваше на настанот. Таа митингот го нарече „собир на артанисти“, кои ја тероризираат јавната администрација со списоци и закани за да учествува на митингот, на што Груби негирше.
„Ќе носат луѓе од Струга, Куманово, Липково, прават многу притисоци со списоци во администрацијата, со закани дека ќе им сменат работни места“, изјави Меџити.
„Огнената група“ одржа митинг пред три недели, на кој отворено ја критикуваше работата на министрите од ДУИ во Владата, особено на првиот вицепремиер Артан Груби. Поддржувачите на Ахмети, пак, митингот во Чаир го оценија како „историски од кој ќе се гради иднината.“
Груби во Чаир рече дека е потребно помирување и обединување, а не поделба и дека неговата рака останува подадена, бидејќи „нема ни огорчување, ни лутина“.
„Научени сме да бидеме заедно затоа што така ни налага времето и овој е вистинскиот момент. Сите заедно ги трасираме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на неколкумина“, рече Груби.
Груби и Ахмети рекоа дека на митингот не дошле за политички цели, туку за да имаат средби со обичните граѓани на Чаир, како продолжение на средбите во Тетово и Гостивар,
За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар . Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.
ДУИ како политичка партија беше основана во 2002 година, по укинувањето на таканаречената Ослободителна народна армија (ОНА) во конфликтот во Македонија во 2001 година.
Тогаш стана најголема политичка партија од албанскиот блок и трета најголема во државата, по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и повеќе од 18 години е дел од власта, а само две години беше во опозиција.
Откако претходно повеќе од осум години беше дел од владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2008 до 2016 година, ДУИ сега е дел од владината коалиција заедно со СДСМ.
Кампањата „Да, тој доаѓа“ предизвика реакции во јавноста, па се толкуваше и како најава за парламентарни избори и доаѓање на премиер Албанец на чело на техничка влада 100 дена пред гласањето. СДСМ и ДУИ по изборите во јули 2020 година се договорија во последните 100 дена од мандатот на Владата да биде назначен премиер по предлог на ДУИ.
Зошто е важен Чаир?
Чаир е најголемата општина со мнозинско албанско население во Скопје, со тоа во Чаир е сконцетрирано главното гласачко тело на ДУИ во главниот град.
Откако јавно почнаа превирањата меѓу двете струи во партијата, лидерот на ДУИ Ахмети го разреши Изет Меџити од позицијата координатор на огранокот на Чаир во партијата и на негово место го именуваше Бујар Османи.
Меџити, кој е поранешен градоначалник на Чаир, е меѓу најгласните критичари на работата на Груби. Тој ваквиот потег го оцени како нестатутарен, кој не поминал на партиските органи, но и како обид и тенденција на Ахмети да ги замолчи различните мислења.
„Не сум разрешен од функцијата претседател на чаирскиот огранок на ДУИ, зашто сум избран во легална процедура по спроведена кампања, но трагичен e начинот на реваншизам преку политичка диференцијација во ДУИ“, изјави Меџити кој се уште е на функцијата потпретседател на ДУИ.
Исто така, со последното проширување на владејачкото мнозинство, се сметаше дека Ахмети исто така се ослободува од притисокот на „Огнените“ со влезот на Алијанса за Албанците во Владата. Со реконструкцијата, на која се противеше „Огнената група“, беше сменет заменик – министерот за одбрана Башким Хасани. „Огнените“ тогаш повикаа пратениците на партијата да не го поддржат предлогот за разрешување на Хасани.
„Огнената група“ деновиве одржува бројни средби со граѓани во Тетово, на кои разговараат за состојбите во партијата.
Кои се обвинувањата меѓу „Огнените“ и „Ахметистите“?
Кај „Огнената група“ има незадоволство од работата на министрите на ДУИ и бараат да бидат сменети. Тие деновиве покренаа и онлајн петиција за разрешување на вицепремиерот Груби и останатите министри на ДУИ заради лоши резултати, неспроведување на изборна кампања и отстапување од партиски поставените цели. Тие сметаат дека политичкото одлучување и кадровските решенија во ДУИ се привилегија на Груби.
Како одговор на петицијата, партиското раководство на ДУИ ја засили кампањата на социјалните мрежи за вечерашниот митинг со слоганот „Да, тој доаѓа“. Лидерот на ДУИ Ахмети повеќе пати истакнуваше дека нема незадоволство, туку дека станува збор за дијалог и менаџирање во партијата.
Одговори за критиките доаѓаа и од актуелните министри на ДУИ, како на пример министерот за внатрешни работи Бујар Османи, кој рече дека овие критики се субјективни, неформални и неверодостојни, бидејќи не доаѓале од институции задолжени да дадат објективна проценка на работата на функционерите во државата.
Инаку, обвинувања за корупција кон Груби периодов доаѓаат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Последно е дека тој од министерството со кое управува префрлал пари на туристичка агенција во сопственост на неговиот брат.
Опозицијата и претходно периодов обвинуваше дека Груби им овозможил на негови блиски да заработуваат милиони евра и го повика Обвинителството и Антикорупциската комисија да отворат постапки. Груби тоа го демантираше.
И покрај многуте отворени обвинувања за корупциски скандали, во јавноста функционерите на ДУИ се сметаат за недопирливи, бидејќи досега ниту еден од нив не одговарал.
Извор: Радио Слободна Европа