Курти-Вучиќ

Маките на Вучиќ и Курти

Кои се поуките од преговорите меѓу Србија и Косово за нормализација на односите? Ако можат Белград и Приштина да излезат од калта, кои имаат многу потежок проблем, зошто тоа не може Македонија.

Пишува: Ерол Ризаов

Процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, колку и да е тежок, полесно се одвива на меѓусебните средби меѓу претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти и со американско-европските посредници, отколку тензиите што ги чекаат во Белград и во Приштина. Изгледа тоа е непишано правило на Балканите. Полесно е со противниците отколку со домашните.

Ништо не се маратонските преговори, монолози  и дијалози по 12 и 15 часа наспроти маките на Вучиќ и Курти кои се драматично поголеми дома, пред своите противници, каде нема олеснувачи, туку само отежнувачи меѓу кои најгласни се самите политички лидери Вучиќ и Курти кои ги водат преговорите.

Апсурдната балканска ситуација е во фактот кога и двајцата политички лидери стануваат жртви од бербата на веќе узреаните отровни плодови од овошките кои одамна самите ги засадија и на кои се потпираа нивното владеење и изборни победи. Сепак полесно му е на премиерот Албин Курти, барем навидум, со неговите противници на Косово, отколку на претседателот Александар Вучиќ.

Србија е на нозе, се крева постојаната тревога за Косово на уште повисоко ниво за дефинитивно предавство на националните и државни интереси, за конечна распродажба на колевката на српството. Овојпат на удар е самиот Вучиќ, во него се пука од неговото оружје. Најсилни аргументи на отпорот против Договорот и Охридскиот анекс за спроведување на договореното се црпат од долгогодишните доктрини и стратегии на Вучиќ за Косово како света српска земја која се сведе на заедница на српските општини како гаранција за безбедноста и правата на Србите на Косово.

Наглиот пресврт во промена на ставот на Вучиќ кон историски исчекор на Србија за понудата од ЕУ и од Америка, која не може да се одбие, а не може ни да ја запре силната инерција по која се движи Србија уште од времето на Слободан Милошевиќ и од распадот на Југославија и сите крвави војни, илјадници жртви, злосторства и разорувања кои настанаа на територијата на Југославија. Дури и убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ не можеше да го ублажи тоа соочување со реалноста дека Косово е изгубено уште пред 150 години. Денес, по век ипол, тоа го кажа и претседателот Александар Вучиќ.

Сите тргнуваат од наративот на загрозеност на државата 

Е, тоа макар и изгубено Косово беше извонредна добитна фиксна комбинација при сите промашувања, катастрофални грешки, неброени загуби во луѓе и добра, но затоа носеа големи изборни победи на десничарските и радикалните политички партии. Кога е во прашање Косово во Србија нема лево, десно, или центар. Сѐ е подесно од десно затоа што сите тргнуваат од наративот на загрозеност на државата и српскиот народ. Нешто што и нам во Македонија ни е добро познато сите овие 32 години на независност и постојана загрозеност.

На тоа сега се потпира кампањата на претседателот Вучиќ и неговата политичка партија. Неговиот караван забрзано патува низ Србија на народни собири со мотото „Народен покрет за државата“. Целата иконографија е за спасување на Србите на Косово со додавка на мотото на претседателот  Вучиќ „да излеземе од калта и да одиме напред“, се разбира, по брза пруга кон членство во ЕУ.

Српскиот претседател е во фаза кога ги прифаќа Договорите, но не ги потпишува, не го признава Косово, а признава дека нема да прави пречки за точката која означува зачленување на Косово во сите меѓународни асоцијации и сојузи вклучувајќи ги и ЕУ и НАТО и ОН, се разбира, ако нема вето. Од друга страна, не му е тешко, онака патем, да им каже јавно на граѓаните на Србија и на неговите политички противници дека „не можете во преговорите да бирате само тоа што ви се допаѓа, а да го одбивате тоа што не ви се допаѓа.“ И тоа ни е добро познато од нашите децениски разговори и преговори со соседите.

Прочитајте повеќе

Писмото

Писмото

Премиерот се изложи самиот пред јавноста како човек со дилеми: не знае дали да им …