Ковачевски да му бакне рака на Мицкоски

Ковачевски да му бакне рака на Мицкоски

Нема веќе чуда, волшепства и божја помош во еден ден да се решат повеќегодишни јавашлуци и арамилаци.

Пишува: Ерол Ризаов

Да бев на местото на премиерот  Димитар Ковачевски  ќе појдев во Белата палата на ВМРО ДПМНЕ и ќе му бакнев рака на  Христијан Мицкоски,  да ми ја каже волшебната формула како ќе ја спаси Македонија оваа и наредната година од енергетска криза и притоа  државата да заштеди 300 милиони евра.  По јавната благодарност ќе го потпишев предлогот на владата до претседателот на државата, лидерот на опозицијата Мицкоски да добие највиско државно одликување, орден  за посебни заслуги, што открил генијално решение за спасување на работните места на илјадници вработени и од уривање на темелите на македонската економија.

Да бев пак на местото на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, немаше да го чекам премиерот во овие тешки времиња да се накани  да дојде на поклонение, или на Тв дебати,  да му испраќам јавни покани на несакан гостин кој не сакам да ми дојде, а уште помалку сакам да му одам и да му давам совети што треба да работи, туку веднаш ќе ги обелоденев спасоносните решенија кои се од највисок интерес на граѓаните и на државата, па нека суди јавноста. Како на бескомпромисен патриот, на прво место ќе ми беа државата и граѓаните, а не да ја спасувам владата која сакам да ја урнам.

Но, бидејќи не сум на местата ни на едниот, ни на другиот, туку новинар кој е во поповолна позиција од обврската за спасување на државата, ќе си дозволам да приопштам еден мал потсетник зошто Македонија дојде во ваква ситуација да троши стотици милиони евра да се спасува тоа што може да се спаси.

Прво, човек воопшто не треба да биде некој голем познавач на енергетиката како наука, ниту да биде експерт за оваа дејност за да дојде до заклучок дека за енергетска независност на една држава нема волшебни решенија, туку треба навреме во долг период да се градат, или ангажираат со долгогодишни договори значајни енергетски извори, за што се потребни повеќе години и сериозни инвестиции.

Се сеќавате ли на нашата светла иднина 

Во услови пак на светска воена енергетска криза, набавка на евтини енергенси, во прв ред електрична енергија, нафта, гас, јаглен  е бесмислица, или партиска пропаганда во угодна положба на опозиција, кога може да се ветуваат без последици популистички, спектакуларни и волшебни решенија во стилот ви кажав јас, ама не ме послушавте. А, што ни кажа ти, како да работат оптимално домашните енергетски капацитети и како и каде да набавиме поевтини енергенси. Првото е добро позната работа, а второто нигде нема, ама е многу евтино само во пропагандните партиски пораки.

Има едно многу суштинско и интересно прашање од чиј одговор се открива целата наша енергетска агонија. Тоа гласи: како се случи Македонија пред повеќе од 40 години да има рестрикции на потрошувачката на електрична енергија, нафта и бензини, повозрасните генерации добро ги паметат тие времиња, а потоа со децении речиси и да нема посериозни проблеми, ниту ограничувања на потрошувачката на струја и други енергенси иако во целиот тој  период од 44 години не е изграден ниту еден позначаен енергетски капацитет. Најверојатно уште долго немаше да бараме одговор на ова прашање, да не се случеше војната во Украина и да не експлодираше енергетската криза и цените на енергенсите на светските берзи.

Одговорот е во фактите што пред повеќе од четири децении во Македонија имаше значајни индустриски капацитети најголеми потрошувачи на електрична енергија. Кога еден по еден од нив престанаа со работа, или значајно ги намалија своите капацитети, а работниците и техничката интелигенција останаа без работа се направи привид дека имаме доволно електрична енергија од истите извори. Истовремено релативно евтината електрична енергија од увоз со погрешните пресметки дека е поевтина да купуваме отколку да градиме енергетски капацитети,  занемарувајќи ги стратегиските државни интереси за енергетска независност, сите влади ова прашање го одложуваа како споредно, или поблаго речено кое не е од врвен приоритет. Навистина изградбата на енергетски капацитети влегуваа како проекти во сите партиски програми и во стратегиите за долгорочен развој, но таму и остануваа.

Се сеќавате ли на нашата светла иднина, на големите брани на Црна река, Чебрен и Галиште, на Вардарската долина, на реверзибилните хидро-централи на Вардар  кај Удово, на пловен Вардар до Солун и до Дунав со излез на Егејското и на Црното Море, кои ни ги разгоруваа фантазиите само пред избори.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Уставен суд ќе расправа за Законот за јазиците

Уставен суд ќе расправа за Законот за јазиците

Уставниот суд денеска треба на седница да се произнесе за иницијативите за оценување на уставноста …