Ковачевски до 120-темина пратеници

Ковачевски до 120-темина пратеници: Предлогот е македонски, поддржан од цела ЕУ и САД, за македонска иднина во Европа до 2030 година, апелирам на разум и совест

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствува и се обрати на пленарната седница во Собранието на Република Северна Македонија, на којашто точка на дневниот ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски на собраниската седница.
„Почитуван Претседател на Собранието, г-дин Џафери,

Почитувани пратеници во Собранието,

почитувани претставници на медиумите,

почитувани граѓани,

Денес, на оваа важна седница на Собранието, ја отпочнуваме постапката за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Тоа е резултат на одлуката на Владата на Република Северна Македонија од 18 јули, со која утврди Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, со насоки за изменување и дополнување на Уставот, како и на прифаќањето на Предлогот од страна Комисијата за уставни прашања на Собранието од 25 јули.

Согласно нашиот Устав, како Претседател на Владата и во име на Владата, ја преземам обврската и одговорноста истиот да го елаборирам пред Вас и пред целокупната македонска јавност.

Предлогот е резултат на повеќемесечна, целосно отворена, транспарентна, експертска и политичка дебата.

Како што ветивме, така и постапивме. Јавно, јасно, без ограничувања и во широка постапка, овозможивме сите релевантни фактори, сите граѓани да бидат целосно запознаени со потребата, причините и конкретната содржина на Предлогот за измена и дополна на Уставот.

Најмногу од сѐ, за конкретната цел и позитивните придобивки за истиот.

Во целиот овој период, и јас како Премиер, и сите министри во Владата се водевме од единствениот најдобар начин. Да понудиме, да ги објасниме аргументите ЗА, и да побараме широка поддршка, убедување и прифаќање на јасното и кратко дополнување на Уставот.

Во целиот процес, не дискредитиравме никого, не изолиравме ниту едно мислење, не одбивме дебата.

Целосно убедени, цврсто подготвени, ги дефиниравме аргументите и силата на вистината, на фактите, на правно-политичките и економските чекори, на единствениот именител.

А тоа е прогрес, развој, интеграција, подобра сегашност и иднина. Преку заедничко обединување, преку заедничка работа, преку остварување на државните, националните и интересите на сите граѓани.

И затоа на почетокот, уште еднаш ќе потенцирам.

Во 1991-ва година, граѓаните дефинираа дека интеграцијата во Европската Унија е највисок државен приоритет.

Дали е нешто променето денес во 2023-тата година?

За мене и за огромното мнозинство граѓани, НЕ, не е променето!

И тогаш и сега, влезот во Европската Унија беше, е и ќе биде најдобриот државен, интеграциски, интер-етнички, меѓу-генерациски, економски, правен и политички процес.

Нашето сврзно ткиво, нашиот механизам да се промениме на подобро, нашиот начин да бидеме држава со сите стандарди.

Тоа е, заедно со нашето членство во НАТО, што нѐ прави држава со цел, со фокус, со кохезија.

Држава со сегашност, држава со јасна иднина!

Бидејќи за нашата историја знаеме! И преку сите нас денес, ја знаат сите однадвор. Сите знаат за жртвата и успесите на нашите предци во создавањето на македонскиот вековен, засебен и цврст национален, културен и јазичен идентитет!

Бидејќи, тоа што сме денес е длабоко вкоренето во државно-правните традиции на Крушевската Република, како и со правните одлуки што се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, во првиот Устав на Република Македонија од 1991-та година, како и со амандманите на Уставот, кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор во 2001-та година.

Конкретно, Предлогот за дополнување на Уставот има само една единствена релација и мотив. Тоа е влезот во Европската Унија. Тоа што го бара и го очекува огромното мнозинство граѓани во државата!

Ништо повеќе, ништо помалку!

Предлогот е наш македонски, предлогот е базиран на Европскиот Предлог и Договор од 2022-та година, со кој државата после долги години чекање конечно ги отвори преговорите за членство!

Предлогот е напишан тука во Скопје! Предлогот се дебатира во македонското Собрание, во Скопје!

И затоа, со цела одговорност ги отфрлам лажните и невистинити тези дека постои некаков Диктат, од било кого, за било што!

Постои само нашата сегашна, а сепак историска можност, да направиме нешто добро за државата!

Со усвојување на Предлогот, да донесеме одлука не да стоиме во место, не да каскаме, не да чекаме повторно, туку да чекориме во полноправно членство во Европската Унија и да ја оствариме поставената цел за полноправно членство во 2030-та година!

Да, ова е наш македонски предлог, поддржан од целокупната Европска Унија и нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави!

За наша корист, за наше добро!

Бидејќи, за само една година, поддршката за нас драстично се зголеми!

Ако за момент ги видиме фактите, ја погледнеме вистината во очи, ќе видиме дека на македонски јазик се говори и пишува во Брисел, ќе видиме дека поддршката за нашиот вековен идентитет се случи и во Берлин, и во Вашингтон, во сите најважни европски престолнини! За прв пат се потпиша Договор на македонски јазик со Европската Унија, конкретно Фронтекс!

Се случи сето спротивно од тоа што го заговараа домашните политиканти!

Никој не нѐ асимилира, не нѐ загрози, не нѐ нападна!

Напротив, станавме посилни, поцврсти и зад нас стојат најголемите и најсилните!

Почитувани граѓани, почитувани пратеници,

Речиси и да нема дебата во ова Собрание, за слични прашања, во која секогаш постојат политички структури и поединци кои дежурно сеат страв, омраза, го плашат народот со катастрофи, го преплавуваат просторот со лаги и црнила!

Не заради нив, туку заради Вас, граѓаните, сосема накусо ќе се осврнам на конкретниот Предлог. Ќе бидам повторно јасен и концизен.

Предложените интервенции во Уставот се однесуваат единствено на додавање делови од народи во Преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи кои живеат во нашата држава.

Односно, во делот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.

Согласно ова и согласно претходните измени на Уставот, е направена и измената на делот за Комитетот за односи меѓу заедниците, за запазување на паритетот на претставниците во Парламентот, на сите, вака утврдени, заедници во Преамбулата на Уставот.

Со тоа што во Уставот е посочено на македонски народ и делови од народи и со овој предлог се додаваат во продолжение другите делови од народи, недвосмислено е истакната примарната уставотворност на македонскиот народ, како и објективната културолошка, историска и нормативна засебност и уникатност на македонскиот народ од другите народи, вклучувајќи го во овој контекст и бугарскиот народ.

Ете тоа е промената и дополнувањето!

Ниту може, ниту се сака, ниту се прави, ниту е воопшто возможно да се загрози, намали и релативизира македонскиот народ!

Тоа е единствената вистина!

Дали е возможно некој да биде поголем или помал Македонец, дали е разумно да се помисли дека ова дополнување и нотирање на други делови од народи, ќе биде проблем за македонскиот народ и македонската држава?

Секој разумен и добронамерен човек знае и гледа дека конкретниот предлог нема негативно да се одрази на било кои атрибути на македонската државност и засебен национален, културен и јазичен идентитет!

И најважно од сѐ, Уставните измени кои се пред вас не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. Предлогот не задира и не се однесува на било кое македонско идентитетско прашање. И тоа е целосно јасно, јасно на сите во државата. Затоа денес кога ќе ги погледнете улиците на Скопје и сите други улици во државата, ќе гледате да се е мирно и граѓаните очекуваат одлука за својата европска иднина.

Бидејќи, не сега, туку во континуитет, државата се гради како функционална и одржлива мултиетничка демократија, којашто практикува европски вредности, мултиетничка демократија, која што практикува се она што е наведено во нашето општество преку уставните и законските акти, општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници. За граѓаните!

И воедно, предлогот го интензивира процесот, го продолжува патот кон целосна интеграција на Република Северна Македонија кон Европската Унија.

И затоа почитувањето на човековите права по кое што сме препознатливи и сме позитивен пример, потребно е да го разбереме како наша предност, а не како недостаток.

Затоа што да се биде членка на НАТО денес, а на ЕУ утре, е суштински важно за нашата домашната стабилност, но и за регионалната и европската стабилност. И затоа сме препознаени и прифатени како држава од којашто денес Европа има голема потреба, посебно во услови на актуелните и предизвикувачки геополитички превирања.

Затоа што ние треба да сме држава која почива на универзалните и фундаменталните вредности за почитување на човековите права, слободата, еднаквоста, демократијата и заштитата од дискриминација по било кои основи.

Ние, заради нас самите мора да бидеме европска држава!

Јас знам дека овој пат не е ниту лесен, ниту краток! Слични примери гледавме и во историјата!

И во други држави каде постоеја и постојат евроскептици! Впрочем тие секогаш ќе постојат!

Но, сите претходни примери за нас треба да бидат драгоцено искуство и водилка како треба да се движиме! Затоа што токму Европската Унија им овозможи на новите членки, подобар живот на граѓаните, овозможи повисок стандард, инвестиции и работни места, овозможи брз прогрес, за кратко време, време кое е најважно за човекот.

Токму Европската Унија е наш најголем економски партнер! Токму во неа извезуваме најголема вредност! Токму Европската Унија е наш најголем финансиски поддржувач, донатор и кредитор во сите области!

Токму Европската Унија има најмногу инвестирано во македонското земјоделство, образование, енергетика, инфраструктура, социјала!

Токму европските компании се најсилните генератори на директните странски инвестиции во државата!

Токму членството во Европската Унија овозможи рапиден економски раст и масивен пораст на платите на нивните граѓани за преку 50, 70 па и 100% во одредени нови членки на Унијата, и тоа во првите 5 години по зачленувањето.

Тие држави полека, но сигурно ги укинуваат границите помеѓу себе, и сите ќе го воведат еврото. Затоа што станале дел од големото семејство и пазар од над 500 милиони жители.

И досега, во долгиот процес на интегрирање, токму Европската Унија е убедливо најголемиот донатор во нашата држава. Само преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу 1 милијарда евра. ИПА 3 програмата е веќе започната и проектираните средства се во вкупен износ од околу 243 милиони евра. Преку ИПАРД 2 програмата имавме на располагање 60 милиони евра, коишто поради најголемата искористеност од 98 проценти, во ИПАРД 3 програмата се зголемени на нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство. Како резултат на нашето партнерство, Европската Унија одобри и 100 милиони евра макрофинансиска помош за откако претходно добивме 160 милиони евра за ублажувањето на економските последици од пандемијата, како и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.

Директната поддршка ќе продолжи и ќе биде многу повисока, преку нови програми и фондови, и во следниот период, но најмногу кога ќе станеме членка на Европската Унија, затоа што една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, добива 11 пати повеќе финансиски средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство.

Само овие кратки факти говорат за дел од бенефициите од нашата интеграција во Европската Унија. Во нив нема губење, давање, земање.

Постои конкретна, видлива и реална помош и поддршка за промена на подобро.

Почитувани граѓани,

Ние лани, по 17 години, конечно ги започнавме преговорите со Европската Унија. Во Брисел, во Европската Комисија. На македонски јазик. Скринингот тече, и тоа многу успешно.

А ние мораме да продолжиме и понатаму. Да ги отвораме и затвораме поглавјата, едно по едно.

Затоа што тој процес е најмалку административен. Тој процес е суштински. Затоа што треба да нѐ промени, да нѐ трансформира, да нѐ направи поуспешни.

Тоа е наша одлука, наша потреба и за тоа одлучуваме ние во Скопје, а не во Брисел, а најмалку во Софија.

Имаме соодветна преговарачка рамка која е фиксна. Нови барања нема. Билатералните прашања не се пречка и нема да бидат понатаму поврзани со исполнување на заедничките стандарди.

Со исполнување на превземените обврски од европскиот предлог лани, цврсто знаеме дека ново вето, од било кој и за било што, нема да има.

Ако сакаме да ја слушнеме вистината, таа е единствената.

Измена на Уставот, отворање на Поглавјата, исполнување на европските стандарди дома, и конечно, членство во Унијата, тоа е патот!

Сега, кога после 30 години, сме во завршницата, ние бараме и нудиме решение да не згрешиме како држава, како народи, и повторно, како порано да потрошиме декади живот на граѓаните во чмаење и чекање.

Тоа не смее да се случи, затоа што на тој начин ќе направиме најголемо зло и неправда на граѓаните и државата.

До 2006-та бевме рамо до рамо со Хрватска. Денес таа е членка на ЕУ, во Шенген и го воведе Еврото, со паметна политика и паметни политичари. За жал минатата деценија, политичарите кои ја водеа државата создадоа заробена држава и ги заробија граѓаните во нашата држава која не мрдна ниту еден милиметар во европските интеграции, а започна на истиот ден со Хрватска.

Е тоа не смее да се повтори!

Ако тогаш, тие нѐ заостанаа зад Хрватска, денес не смееме да заостанеме ни милиметар, зад Србија, Албанија кои движат напред!

Времето минува немилосрдно, а генерациите сакаат резултати сега! За младите да не ни заминуваат токму во Европската Унија туку да останат дома!

Бидејќи, почитувани граѓани и пратеници, младите не се иселуваат заради Уставот и сегашната или утрешната верзија на двата члена.

Не! Тие не стануваат и заспиваат со Уставот, туку со единствената и нормална човечка потреба да живеат дома, нормално, побогато и мирно!

Да живеат европски, како нивните врсници во европските градови и села!

Ние денес за тоа зборуваме, ние денес за тоа дебатираме и треба да гласаме!

Мене ми е сосема јасно дека нашата 30 годишна современа историја не е воопшто лесна!

Да, беше тешка, мачна, со многу жртви, со изневерени очекувања!

Со многу корупција, сиромаштија, најмногу од сѐ со многу неправда!

Но, токму затоа, го поставувам клучното прашање.

Дали сакаме и понатаму да живееме како досега? Дали сакаме да дозволиме да продолжат промените кои веќе даваат солидни резултати, особено на економски план.

Дали сакаме да има вистинска правда и правна држава, која сѐ уште не ја постигнавме?

Дали сакаме да живееме побогато и модерно?

Дали сакаме почиста држава?

Дали сакаме повеќе ред во државата?

Дали сакаме повеќе обврски и одговорности од политичарите и администрацијата?

Дали сакаме повеќе младо население, а помалку криминалци?

Дали сакаме претприемништво, конкурентност, иновации или концентрација на бизнис поединци и олигарси?

Дали сакаме конечно да станеме правна држава, на еднакви граѓани, за сите една мајка, а не маќеа за некои?

Знам дека одговорите на овие, а и на слични прашања, се многу лесни и кратки. Одговорите се ДА.

И како да го постигнеме сето ова за кратко време, но и да го одржиме?

Тоа е потешкиот, но возможен начин.

Со единствената платформа која нѐ држи заедно, а тоа е членството во Европската Унија!

И тоа, низ процес, во кој ништо не губиме, а многу можат да добијат сите!

Низ процес, во кој минатото останува непроменето, но поцврсто, а сегашноста станува предвидлива и посигурна. Низ процес, во кој подобрата европска иднина, ја правиме поблиска, дофатлива, за да можеме, не апстрактно, туку реално, во овие животи, да бидеме дел од неа.

Почитувани граѓани,

Сосема ми е јасно дека како што промените се вечни, така и отпорот кон промените е вечен. Разликата е дали ќе биде тој поголем или помал.

30 години имаме политичари, бизнисмени, експерти кои направија професија од националните прашања, од криминалот и корупцијата направија богатства, кои успеваа и успеваат ако шират страв, омраза и поделби во нашето општество.

Ги знаеме примерите на многу, кои за да имаат за себе, земаа од народот, го делеа, го плашеа и плашат со катастрофи, распади, мрачни сценарија.

Државата опстои, но граѓаните заслужуваат подобро и повеќе.

Во сиот овој процес, до сега, но и понатаму, јас и повеќето мои колеги, се водевме од интересите на граѓаните и државата. Да спречиме поделби, да превенираме нови штети, да создадеме шанса и покажеме резултати.

Во дел сме успешни, во дел не. Но, во сето тоа, се водиме од чесноста, искреноста и најдобрите намери. Се бориме со силата на аргументите, против тие кои сакаат да остане исто како порано, кои сакаат статус кво во нашето општество, кои не сакаат промени, да останеме енклава, за да се спасат од старите криминали и да направат нови!

Затоа оваа одлука има многу поголема државничка димензија и треба да почива на разум, мудрост и визија! И најмногу од сѐ на чесна работа!

Владата донесе одлука! Ве уверуваме дека истата е најдобро можна, соодветна, не загрозува, напротив, овозможува!

Нуди перспектива, елиминира изолација! Нуди финална шанса, ги спречува враќањето на веќе виденото: стоење во место, апатија, неправда, криминал и корупција!

На потег е Собранието и личната и индивидуалната свест, одговорност и визија на сите пратеници. Сите сте рамноправни во правата, Ве повикувам да бидете рамноправни и во одговорноста!

Лично верувам дека со гласањето ЗА, сите можеме да бидеме победници. Како што со гласањето Против, сите ќе бидеме губитници, за жал ќе ги направиме државата и граѓаните губитници. Тие тоа не го заслужуваат, тоа не го сакаат!

Ова не е, и не смее да биде гласање за избори! Избори ќе има следната година, и граѓаните, а не Вие 120 почитувани пратеници, ќе одлучат за резултатите. Така како што е редот во демократска држава!

Од Вас, можам човечки да повикам и да апелирам на разум, совест, чесност и водење од општите, а не од лични интереси!

Што и да направите, одговорност имате.

Но, првата одлука, Ве прави заслужни за прогресот, а втората одговорни за штета на државата и граѓаните.

Затоа денеска е денот кога ќе стане јасно кој навистина сака да ја види државата во ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните, на денешните и идните генерации.

Кој ќе се заложи државата да оди напред, а кој преку изговори ќе бега од одговорност пред граѓаните.

Денес е денот кога ќе се види дали ќе бегаат оние што бегаа и блокираа и досега или пак ќе се одважат и ќе дадат глас за европската иднина на државата и граѓаните.

На крајот,

Почитувани граѓани,

Бидете уверени дека оваа одлука ја носиме во Ваш најдобар интерес. Сакаме и повикуваме зад неа да застанат сите, да покажеме за промена заедничка кохезија, единство, нова енергија и пример за државничко однесување. Да покажеме пример за државата!

Се надевам дека дебатата ќе биде мирна, конструктивна и успешна. И по неа, и по успешниот епилог, многу повеќе и подобро, да продолжиме со работа во Ваш интерес, интерес на државата и заедничкиот успех!

Почитуван Претседателе и пратеници, Ви благодарам на вниманието!

Да живеат граѓаните, да живее Европска Македонија!“

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …