Ковачевски: Одлуката на Судот во Стразбур е победа на државата и на правдата

Премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање за одлуката на Европскиот суд за човекови права кој едногласно ја прогласи за недопуштена жалбата во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“ истакна дека ова е огромна победа и огромен успех на нашата држава.

„Прво, ова е огромна победа и огромен успех на нашата држава. Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Би сакал да изразам огромна благодарност за нивната посветена работа во текот на изминатиот период. Со одлуката на Судот во Стразбур која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.

Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур.

Особено е важно да се исткане дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права.

Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови.

Ние сме држава членка на Советот на Европа, нашата посветеност на владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат се неспорни во голем број други случаи.

Дополнително, како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, факт е дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за нас.

Со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука, се сѐ уште во тек пред домашните судови, би се воздржал од дополнителни коментари, за да нема недоразбирања или можеби да се протолкува како влијание на понатамошните процеси“, изјави Ковачевски на денешниот настан на отворањето на новата градинка во Волково.

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …