Ковачевски: Растат инвестициите во обновливи извори - новата 55 MW фотоволтаична централа „ФЕЦ Новаци“ е најголема на Балканот

Ковачевски: Растат инвестициите во обновливи извори – новата 55 MW фотоволтаична централа „ФЕЦ Новаци“ е најголема на Балканот

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се обрати на свеченото отворање на приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – „ФЕЦ Новаци“ која моментално е и најголема на Балканот. Новата централа, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.

Премиерот Ковачевски истакна дека ова е доказ како работи една одговорна Влада и како создава услови за изградба на вакви крупни инвестиции.

„Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет, и успеавме кризата да ја претвориме во можност. Со овие стратешки политики, овозможуваме, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа. Дека е тоа така говорат и фактите. Во делот на имплементацијата на зелениот договор, успеавме да инсталираме сè поголем број на централи за обновливи извори на енергија.

Ќе ви дадам една споредба, во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати, 16 мегавати на обновливи извори на енергија. Од првиот ден на Владата која јас ја предводам,  од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме на мрежа, од 17 јануари 2022 година до денес имаме 450 мегавати на обновливи извори на енергија, а до крајот на годината ќе бидат инсталирани и ставени на мрежа 600 мегавати обновливи извори на енергија, тоа е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува, чиста зелена енергија која не ја загадува околина.

Во моментот она што е најважно е дека инвестиции без економска и политичка и без безбедносна стабилност нема. Влегувањето во НАТО потврдува дека бројот и износот на инвестиции во државата растат во сите индустрии особено во делот на енергијата. Затоа нам ни е потребен мирен регион, стабилен, обединет којшто еден ден наскоро ќе стане дел од европскиот пазар од 500 милиони жители. Тоа значи дека она што го правиме овде ќе биде достапно на пазар од 500 милиони жители.“, рече Ковачевски и додаде дека Северна Македонија има амбициозен план за премин кон чисти технологии, и напуштање на производството на електрична енергија од јагленот, кое во моментот е најзастапено, преку концептот на стратешки инвестиции.

Министерот за економија, Крешник Бектеши истакна дека до 2016 година во нашата држава, која е земја на сонцето и го има сонцето на своето знаме имаше инсталиран капацитет на соларни централи од само 17 мегавати.

„Денеска можам со гордост да кажам дека во државата работат и се во систем, фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 396 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија. Оваа енергија од фотонапонските централи произведуваат електрична енергија за 198.000 домаќинства. Но, не само тоа, од Регулаторна комисија за енергетика има издадени лиценци за дополнителни соларни централи со што до крајот на годината во нашата држава ќе имаме инсталиран капацитет од 550 мегават часови кои ќе ги покриваат потребите за електрична енергија за 270.000 домаќинства во нашата држава. Ако во нашата држава има 700.000 домаќинства за две години само од соларна енергија покриени се потребите за повеќе од 30% од потребите за нашите домаќинства и тоа само од соларна енергија“, кажа Бектеши.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека изградбата на оваа фото електрична централа е поттикната и од мерките што во изминативе години ги презема Владата,  создавајќи услови за премин кон енергетската транзиција.

„Енергијата станува сè поскапа, станува товар за стопанството и домаќинствата. Овие инвестиции и слични на нив,  се директен импут врз зголемената конкуренција на домашните компании, а за граѓаните тоа значи заштеда на домашниот буџет.

И кон таквите политики, Министерството за транспорт и врски во континуитет дава сериозен придонес за реализација и промоција на зелената агенда“ рече Бочварски.

Инвеститор на овој значаен енергетски проект за производство на струја од обновливи извори е домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Новата ФЕЦ е значајна за земјата и од вкупен економски аспект, бидејќи претставува инвестиција вредна 40 милиони евра.

„ФЕЦ Новаци“ е изградена на целосно приватно земјиште, во соодветна класа за градба, согласно Законот за градење на фотоволтаични централи. Една од предностите на локацијата, како што велат од компанијата, покрај поволните временски услови, односно големиот број сончеви денови и поволната конекција за поврзување на 110 kV мрежа, е и близината на РЕК Битола. Имено, согласно препораките на ЕУ за трансформација од производство на енергија од конвенционални централи, кон централи од обновливи извори до 2030 година, и за нашиот најголем произведувач на електрична енергија, но од јаглен чии резерви се веќе при крај, постојат планови за трансформација во производител на струја од обновливи извори. Во време Зелената револуција, особено во енергетиката, кога преминот кон обновливи извори на енергија е присутен насекаде, во 2018 година ни се роди идеја за изградба на капацитет за производство на електрична енергија од она што најмногу го имаме – сонцето како обновлив извор на енергија кој секогаш е присутен. Мотив плус за инвестицијата беше и фактот дека и во нашата земја, не само поради преземените обврски за напуштање на производство на енергија од капацитети кои ја загадуваат природата, расте свеста за потребата од поголема грижа за животната средина. Оттаму и силно се работи на реализација на стратегијата за премин кон производство на енергија од обновливи извори и задоволување на потребите од енергија од сопствени капацитети “, рече Шефшет Демировски, „МЕЈ Енерџи“.

Прочитајте повеќе

Дивоградби во Охрид

Нови дивоградби го загрозуваат Студенчишко Блато, УНЕСКО повторно предупреди дека Охрид е наследство во опасност

За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато, Фронт 21/42 поднел пријави …