Ковачевски: Во време на енергетска криза инвестираме над 480.000 евра во енергетски ефикасна фаза на гостиварската болница

Ковачевски: Во време на енергетска криза инвестираме над 480.000 евра во енергетски ефикасна фаза на гостиварската болница

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за здравство Беким Сали и генералниот директор на ТАВ Метин Батак, денеска ја посетија Општата градска болница во Општина Гостивар, која со владини средства од проектите на ТАВ доби целосно нова фасада и ПВЦ столарија.

Во продолжение е целото обраќање на премиерот:

„Денес сме тука во општата болница во Гостивар, каде изминатиов период се реализираше исклучително важен проект и за болницата и за гостиварчани, но и за персоналот којшто работи во оваа здравствена установа. Гостиварската болница доби околу 8.000 квадратни метри, целосно нова енергетски ефикасна фасада и целосно нови ПВЦ прозорци и врати. Во време на енергетска криза и недостаток на енергенси, и потреба да се заштеди што е можно повеќе струја, со инвестиција од речиси 480 илјади евра обезбедени преку ТАВ програмата, средства насочени за реалните потреби на граѓаните и во инфраструктурни проекти, гостиварци денес имаат топла и енергетски ефикасна болница, а докторите кои што работат во неа заедно со пациентите кои што доаѓаат имаат навистина објект во кој што може да се чувствуваат многу подобро од она што беше претходно пред да се изврши оваа комплетна реконструкција.

Ова ќе е долга и тешка зима, ние сме на нејзиниот праг, на почетокот, од денес е и почетокот на грејната сезона. Многу луѓе беа скептици дека во Скопје нема да може да се обезбеди греење, но денеска и граѓаните на градот Скопје и сите граѓани во државата можеа да се уверат дека Северна Македонија е земјата која што прва пушти топлинска енергија во својот главен град за разлика од некои други држави кои што го одложија. Ние не оставаме никого сам во време на оваа криза. Ние се обврзавме и јас се обврзав и тоа ќе го исполниме. Никој буквално нема да мора да се мисли помеѓу храна и греење во текот на зимата. Затоа зашто за секој граѓанин заслужува да биде посветено на него внимание да може да го најде своето место во програмите на Владата.

Затоа и вакви проекти кои овозможуваат енергетска ефикасност се исклучително важни во вакви времиња.  Тоа се проекти кои имаат продолжен ефект бидејќи пред сѐ овозможат континуирана заштеда за болницата на енергенси, со што ќе се пренасочат средства за други, важни потреби на граѓаните во здравството.

Проектите како овој се одличен пример за паметно искористени државни средства за реалните потреби на граѓаните, а инвестициите во енергетската ефикасност носат придобивки на повеќе нивоа. Со добивањето на енергетски ефикасна фасада на целиот објект, болницата значително ќе ги намали трошоците на електрична енергија за затоплување во зима и разладување во лето, но и ќе заштеди електрична енергија. Со тоа ќе се повлијае на увозната зависност на државата и последно, но и не помалку важно се вклучуваме во зачувувањето на животната средина. Сето ова е исклучително важно за сите нас, во време кога правиме се да обезбедиме стабилно снабдување со електрична енергија и повикуваме на рационално трошење на овој ресурс.

Затоа повикувам, согласно можностите сите да придонесеме кон намалување на потрошувачката на енергија. Вие знаете дека како Влада и јас како претседател на владините институции односно на сите министерства им дадовме задача да штедат, односно да ја намалат потрошувачката на електричната енергија за 20 проценти. Вчера ми дојде извештајот за сите министерства. Заштедата на министерствата во текот на изминатиот месец во однос на истиот месец минатата година е 20 проценти. Значи кога се сака и кога се има насока и цел тогаш и се може.

Затоа повикувам согласно можностите сите да придонесеме кон намалување на потрошувачката на енергија. Дали преку инвестиции во подобрување на енергетската ефикасност или пак со мали промени во навиките кои нема да одземат од комфор а на крајот ќе значат заштеда и на ресурси и на пари.

Ние како Влада, веќе подолго време успешно се справуваме со секоја криза со која се сретнавме. И во секој момент, нашиот фокус беа и се, граѓаните и како да им обезбедиме заштита на животниот стандард, да обезбедиме енергенси, да обезбедиме храна.

Струја, греење и храна, кажав и па ќе повторам мора да има. За сите. И тоа е приоритет број еден во периодот пред нас.

Затоа и ги креиравме сите сетови мерки од ковид кризата па до денес. Во ковидот, издвоивме 1.2 милијарди евра за да ги зачуваме животниот стандард на граѓаните, но и да го зачуваме стопанството. Дека сме го зачувале стопанството најдобра потврда е договорот што го потпишавме со ММФ и кој што потврдува дека државата има здрави и фискални и монетарни политики. Било кој економист да прашате тој ќе ви го потврди тоа. Еден нема да најдете кој што ќе негира дека ММФ потврди дека државата, односно владата водат здрави економски политики.

Кога сме кај ковид кризата, накратко сакам да упатам искрена благодарност до сите здравствени работници, хероите без кои немаше да ја пребродиме таа тогашна здравствена криза.

Само сакам да ве потсетам, ние како држава се справивме успешно со ковид кризата и ние не отваравме спортски сали за да се згрижуваат пациенти, како што тоа се правеше во некои друг држави. Нашите доктори, нашиот медицински персонал, раководителите во медицинските установи успеа да го згрижат нашиот народ, нашите граѓани во болниците кои ги имаа на располагање и затоа заслужуваат голема почит и голема благодарност од сите нас.

Вложените средства во антикризните мерки беа резултат на добро менаџирање на буџетот и алокација на ресурсите кон граѓаните кога тоа беше најмногу потребно.

Истото го направивме и со економската криза која се продлабочи по почетокот на војната во Украина и одвоивме 400 милиони евра за антикризни мерки, кои ги ублажија реално ценовните шокови за граѓаните, ги помогнаа компаниите да одржат ликвидност и да исплаќаат плати.

Мината недела, повторно, имајќи ја предвид енергетската криза во која се наоѓаме, и во која се наоѓа цела Европа воведовме уште еден сет мерки од над 360 милиони евра со кои даваме поддршка на најранливите граѓани, пензионерите, самохраните родители, лицата со попреченост, оние со ниски примања, онаму каде е навистина најпотребно.

Воедно се погриживме струја да има, и таа да е субвенционирана за 611.000 македонски домаќинства во земјава и за 72.000 мали потрошувачи, фирми кои вработуваат 98% од работниците во државата. Само на ова државата одвои над 220 милиони евра. И некој ќе праша како успеваме се ова да го финансираме. Прво преку заштеди. Јас како претседател на Владата во неколку наврати кажав дека не може институциите да трошат тоа што не е неопходно во време на криза и затоа во прв наврат скративме 200 милиони евра од она што не мора да се троши, а сега предложивме кратење на уште 100 милиони евра од буџетските трошоци кои беа предвидени да бидат наменети за криза и за поддршка на најранливите категории на граѓани. А Министерството за финансии заедно со Владата успеа да најде финансирање кое што е под каматните стапки кои што во моментов се валидни во Европа. Со тоа успеавме да заштедиме 40 милиони евра само на пониски каматни стапки кои би ги платиле доколку издадовме евро обврзница. но како што кажав, ние прво размислуваме како да ги поддржиме граѓаните во време на криза, а на крајот на денот, сите овие буџетски средства се пари на граѓаните, мора добро да се менаџираат и да се вратат назад кај нив кога е навистина потребно.

Тоа е и принципот на солидарност по кој сакам ние како општество да функционираме. Сакам да знаете дека не сте сами и дека никој зимово нема да е оставен сам да се справува со кризата.

Сите политики, сите инвестиции кои ги прави Владата, сите вложувања, се со една цел, а тоа е како да се подобри животниот стандард на граѓаните во овие тешки времиња.

Затоа и двојно ја зголемивме минималната плата, затоа и направивме методологија со која пензиите ќе растат континуирано. Затоа и инсистираме на инвестиции и политики кои ќе направат реална промена и на државно но и на локално ниво.

Минатата недела беше плодна недела, најпрво започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана која ќе произведува струја за над 5.500 македонски семејства или електрана со моќност која што од македонско сонце ќе произведува електрична енергија во поголем капацитет од она што го трошат сите основни и средни училишта во државата.

И за тоа државата не плаќа на инвеститорот како што беше порано, туку напротив инвеститорот плаќа за да направи централа во нашата држава затоа за што, ако некаде има сонце тоа е земјата на сонцето Македонија.

Исто така отворивме официјално нова фабрика за автоделови во Струга, која ќе значи нови над 1.300 подобро платени работни места во наредните неколку години за тој регион. Воведовме и целосно нов систем за субвенционирање на земјоделците со кој ќе обезбедиме сериозно зголемување на домашното производство на храна. Ние имаме ресурси, имаме сонце, вода, плодна почва, добри, работливи луѓе, само треба добро да се искористи и да изменаџира сето тоа.

Јас доаѓам од приватниот сектор, точно знам што значи добро менаџирање на буџет и како со ефикасно користење на средствата може да се направи дополнителна вредност. Да се искористат сите средства за да се движиме напред, да обезбедиме подобри услови за живот за сите во нашата држава.

Затоа и Владата, затоа и сите министри во Владата посветено работат на реализација на инвестиции и проекти со сите сегменти од државата. И на државно и на регионално ниво. Но особено важно на локално ниво, проекти конкретно насочени кон развојот на општините и потребите на граѓаните.

Како многу добар пример ќе ги посочам и овие инвестиции на локално ниво како што се и проектите од ТАВ програмата кои имаат одлична реализација и сите се во временски рокови на планирана изградба.

Со проектите од ТАВ програмата ја зајакнуваме инфраструктурата на локално ниво, за сите граѓани низ целата земја. Станува збор за инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење за граѓаните. Поточно, средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, канализациска мрежа, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување – и како што гледате тука во Гостивар за комплетна реконструкција на болницата во Гостивар.

Голем дел од проектите се завршени, дел се во завршна фаза. До денеска имаме целосно реализирани 36 проекти, за кои се искористени над 16 милиони евра од планираните средства.

Очекувам спроведувањето да продолжи со истата динамика и да заврши во планираниот рок, односно до крајот на 2023 година.

Продолжуваме да поддржуваме трајни добра, бидејќи изградбата на локалната патна инфраструктура,  водоснабдителна мрежа,  канализациона мрежа, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи,  се за подобар животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој.

Нашите граѓани се вредни, нашите граѓани точно знаат што сакаат, а оваа Влада е таа која што точно знае каде треба државата да се движи.

Во нашата држава во моментов има два концепти, едниот концепт е тој кој што јас го предводам, тоа е концептот на европска Македонија, тоа е концептот во кој што ние сите граѓаните на оваа држава. А тука пред се би сакал да им се обратам на моите сограѓани Македонци, со крената глава, со чист македонски јазик, со заштита на македонски идентитет што се потврдува и сега со договорот Фронтекс кој што ќе го потпишеме да бидеме дел од ЕУ и да седиме заедно на масата со сите 27 земји членки на ЕУ.

Јас знам дека нема да биде лесно на тој пат, знам дека донесовме тешки одлуки, тие одлуки ги носеа граѓаните, но ги носеа и политичарите. Јас бев тој кој што учествуваше во разговорите за кревање на бугарското вето. Тие разговори не беа лесни. Тие разговори не беа лесни ниту за македонските граѓани ниту за мене.

Јас неколку пати кажав чувството кое што го имав, го имаа истото чувство и го делам истото чувство со сите мои сограѓани. Како некој со нож да ме сече во стомак. Но на крајот мора да се донесе одлука, таа одлука беше со крената глава, со чист македонски јазик со заштитен идентитет со историски прашања надвор од преговарачка рамка да ги отпочнеме преговорите.

И да треба пак да ја носам одлуката, пак ќе ја донесам истата одлука. Зашто затоа што другиот концепт за оваа држава не понуди никаква алтернатива, тоа што тие го нудат е да имаме горд и сиромашен народ, кој што ќе седи на мала маса тука во државата изолиран, раскаран со сите соседи без отпочнати преговори со ЕУ.

Јас знам дека нашите граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ, да бидат дел од заедница на држави во кои што има економски просперитет, во кои што има социјална правда и во кој што има владеење на демократијата.

Уште еднаш повторувам знам дека на патот нема да биде лесно, но наградата е подобар живот и побогати граѓани на нашата држава.

Прочитајте повеќе

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Одговор на новинарско прашање на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Наместо реформи гледаме бртална партизација …