Писмо до Димитар Ковачевски: Не можете толку да направите, колку што непрокопсаните можат да уништат

Писмо до Димитар Ковачевски: Не можете толку да направите, колку што непрокопсаните можат да уништат

Отворено писмо до премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски

Почитуван Димитар Ковачевски,

Никогаш сум немал државна функција, ниту пак функција во политичка партија. Оттаму, не можам да знам колку е навистина тешко да се биде претседател на Влада, или пак да се седи во претседателското столче на голема политичка партија од рангот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Особено, пак, не кога двете функции ги извршува истовремено една личност.

Оти, колку и да е човек добро информиран и упатен, колку и да ги познава вашите обврски и ингеренции пропишани со закон, сепак „одразот во огледалото“ на функциите кои ги извршувате, обично не соодветствуваат со реалната слика.

Но, тоа не значи дека како граѓанин и активен учесник во општествено-политичките збиднувања во државата, треба да останам нем сведок и да ги премолчам очигледните аномалии. Впрочем, тоа никогаш не сум го правел, нема никаква причина ниту сега да биде различно.

Почитуван,

Несомнено дека не постои друг премиер кој застанал на чело на Владата и партијата во потежок момент од вас: незавршена пандемија, уцени од Бугарија, војна во Украина, економска и енергетска во светот, убедлив пораз на локалните избори. Ама од друга страна, на маката се познаваат јунаците!

На средината од десеттиот месец во годината, работите воопшто не се за машала. Ниту во државата, уште помалку во партијата.

Имајќи ги предвид сите околности, кога е во прашање премиерската функција, никој не може да ви забележи дека не сте храбар, дека не се трудите доволно, дека не сте сегдеприсутен, дека се затскривате зад проблемите и не нудите решенија за нивно надминување. Иако, мора да се каже, малкумина од првиот владин ешалон го следат вашиот чекор: тројца-четворица министри, две министерки и… толку.

Вие, почитуван Ковачевски, можете да „изгинете“ во напорите да ја држите кризата под контрола. На досегашните 600, 700 или колку и да се милиони евра вратени кај граѓаните преку субвенции и други форми на помош, можете да поделите уште петпати по толку. Можете да ја донесете Македонија пред портите на Брисел, да го запрете егзодусот на младите од државата.

Ништо од тоа нема да биде доволно за подобрување на севкупниот впечаток и за создавање позитивно мислење за капацитетноста на Владата. Оти, додека вие плетете, тројца после вас параат.

Алчноста за пари и моќ на аздисаните владини функционери, почитуван премиер, го анулира сето она коешто малкумината посветени и искрени професионалци и патриоти го прават за доброто на граѓаните.

И како што слегувате надолу во владината хиерархија… во вториот, третиот ешалон… ситуацијата е се’ полоша и полоша.

Башибозук, волунтаризам, неспособност, аматеризам, корупција… Освен грижата за сопствениот џеб и за „дебелеењето“ на банкарските сметки, здрнатите, арогантни и самобендисани државни функционерчиња, други секирации и немаат. Оти ним, за сегашноста и идината на државата и на граѓаните, гајле им е малку помалку отколку за ланскиот снег.

За да се (раз)уверите во кажаното, почитуван премиер, појдете ненајавени во било која државна институција. Посетете ги подрачните единици во внатрешноста на државата и, ако сакате да се сретнете со нивните раководители, ќе мора да ги прошетате тамошните угостителски објекти каде дотичните вообичаено го поминуваат работното време. На тој начин, самите ќе се уверите во причините за огромното незадоволство и револтот на граѓаните кон вас и Владата.

Зошто токму кон вас и кон Владата, а не кон нив? Затоа што нив никој жив не ги есапи, а вината што таквите се нашле на функции кои со ништо не ги заслужуваат, граѓаните ја гледаат во вас. Оти, ај што сте ги именувале, прашањето е зошто со години ги толерирате и не ги менувате, кога и врапчињата знаат дека не ги бива!?

Што се однесува до партиското функционирање… Тоа, почитуван претседателе на СДСМ, е потажната од двете приказни.

Во поголемиот дел од Општинските организации состојбата е идентична: заклучени врати, изгаснати сијалици, анемични раководства, деморализирано и демотивирано членство. Штама.

ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било послабо. Општините предводени од нивни градоначалници никогаш не биле во поочајна состојба. Ама, почитуван Ковачевски, слаба е тоа утеха. Оти граѓаните од СДСМ секогаш очекуваат повеќе. Критериумите за функционирањето на партијата отсекогаш биле поставени на едно скалило повисоко во однос на конкурентскиот табор. Така било, секогаш така и ќе биде.

Демократските општества секогаш се стремат кон подобро и, притоа, не се плашат од чести промени ниту на владиниот состав, уште помалку на партиските структури. Тогаш, зошто вие би имале дилема за промена на општинските раководства таму каде се гледа дека работата не ја бива?

Кадровското зајакнување на партијата, и по хоризонтала и по вертикала, почитуван Димитар Ковачевски, е неопходно и итно. Сега и веднаш. Утре, веќе може да биде предоцна.

Со почит,

Зоран Милошески

Прочитајте повеќе

Еврокомесарот за одбрана предупредува на руски напад

Еврокомесарот за одбрана предупредува на руски напад

„Се складираат безброј тенкови и секако се прашувам: Зошто Русија го прави ова?“, вели новиот …