кривичен суд

Кривичниот суд контра Апелација: Да се истражи зошто предметите застаруваат

Основниот Кривичен суд од Скопје денеска излезе со соопштение, во кое се изразуваат критики во однос на работата на Апелацискиот суд, а откако повеќе судски предмети против високопрофилни лица застареа или пак беа вратени на повторно постапување. Првостепениот суд во писмото ги повикува медиумите и стручната јавност да анализираат каде и поради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.

Реакцијата следува откако вчера Апелацискиот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите Владимир Атанасовски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и ја укина првостепената пресуда за предметот „Организатори на 27 април“ и ја врати на повторно судење.

Од Кривичниот суд тврдат дека Апелација можела брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно постапување.

„Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред се заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има во предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“, велат од Кривичниот суд.

Апелационите судии, тврдат од Кривичниот суд, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, „имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе допринесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за европскиот напредок“.

„Сите високопрофилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд, се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународнот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред се од министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите „добронамерни“ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста, туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука“, стои во соопштението.

Од Кривичниот суд ги повикаа медиумите и стручната јавност да анализираат каде и заради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.

Од Апелациониот суд вчера изјавија дека кога била разгледувана првостепената пресуда за случајот „Организатори на 27 април“, оценето било дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка.

„Првостепениот суд при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети“, велат оттаму.

Според Апелација, првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење.

Кривичниот суд, на 26 јули 2021 година ги прогласи за виновни четворицата обвинети. Највисока казна против организаторите на упадот и насилствата во Собранието од 27 април 2017 година доби поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој беше осуден на шест години и шест месеци затвор, а поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот министер за наука и образование Спиро Ристовски, беа осудени на шест години и три месеци. Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Владимир Атанасов беше осуден на шест години затвор.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Повеќе од 30.000 починати во Газа, најголем дел се жени и деца

Во своето дневно ажурирање во четвртокот, Министерството соопшти дека во последните 24 часа биле убиени …