Претседателот на Франција Емануел Макрон изјави дека сака побрзо проширување на Европската Унија (ЕУ), но оти засега земјите-членки немаат донесено одлука во врска со тоа.
„Убедени сме дека треба да се движиме многу побрзо по ова прашање“, рече Макрон на 6 октомври по самитот на лидерите на ЕУ во Гранада, Шпанија.
Тој додаде дека се залага за поставување амбициозна и прецизна цел, но и дека во моментов е прерано за такво нешто.
Оваа есен Европската Комисија (ЕК) треба да ги претстави препораките за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, кои добија кандидатски статус во јуни 2022 година. Пет земји од Западен Балкан се, исто така, кандидати за членство.
„Постои се поголем консензус дека се соочуваме со вистинска трансформација на нашата геополитичка визија за Европа. Неколку од нас во ЕУ предложија метод и нова амбиција за проширување“, додаде францускиот претседател.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на крајот на август исто така порача дека ЕУ мора да биде подготвена да интегрира нови членки до 2030 година.
Проширувањето, миграцијата и геополитиката како теми на самитот во Гранада
На самитот што се одржува во Гранада, лидерите на ЕУ денеска (6 октомври) се сретнаа за да разговараат за најпредизвикувачките прашања на Унијата: миграцијата, проширувањето и геополитиката.
Заедно со проширувањето, на агендата се најдоа и идеите за потенцијалните реформи за одржување на ЕУ на оперативно ниво во моментот кога повеќе земји ќе се приклучат во блокот.
„Гледајќи напред кон пошироката заедница, и ЕУ и идните земји-членки треба да се подготват.
Земјите-кандидати треба да ја забрзаат својата работа на реформите, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со пристапот за проширување, по принципот на индивидуални заслуги и со помош на ЕУ. Паралелно, Унијата мора да ги постави темелите за да се подготви за проширување. Ќе ги претставиме нашите долгорочни амбиции и како да ги постигнеме“, пишува во нацрт-декларацијата за која разговараа лидерите на ЕУ во Гранада.
За миграцијата, пак, се дискутираше поради зголемениот број мигранти во земјите од ЕУ. Меѓутоа, и покрај напредокот постигнат во преговорите за реформи во оваа област, останува длабоката поделеност во блокот по ова прашање.
Дискусии за Косово
Неизбежна тема за европските лидери беше и ситуацијата во Косово и тензиите на релација Белград-Приштина. Според информациите, постои притисок од многу земји-членки да се воведат мерки и против Србија.
За потсетување, ситуацијата во Косово ескалираше на 24 септември со напад на косовската полиција во која беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а загинаа и тројца од напаѓачите. За нападот, Приштина ги обвини српските власти, но официјален Белград негираше вмешаност.
Голем број од европските лидери, како што изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел пред новинарите, повикаа на смирување на тензиите и порачаа дека Србија и Косово треба да сфатат оти нормализацијата на односите помеѓу нив е услов за напредок во европските интеграции.
Извор: РСЕ