МОН: Викендов ќе се дистрибуираат учебници за шесто одделение во училиштата

МОН: Викендов ќе се дистрибуираат учебници за шесто одделение во училиштата

Иако добија тужба од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за ненавремено обезбедување учебници за учениците, во МОН оценуваат состојбата со учебниците годинава била значително подобрена

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека учебниците за шесто одделение кои се веќе одобрени од Националната комисија за учебници, веќе се печатат и испорачуваат до училиштата. Оттаму тврдат дека задолжените лица за испорака биле максимално одговорни и ангажирани и дека во договорот со училишните раководства, ќе испорачуваат учебници и во текот на овој викенд.

„Учебниците по албански јазик и природни науки на македонски јазик за шесто одделение за кои по одобрувањето од Националната комисија за учебници, добиен е ЦИП запис на 27, односно 29 септември, а договорите со авторите се потпишани на 2 октомври, се влезени во процес на печатење и испорака. Учебниците по македонски јазик и природни науки на албански јазик добија ЦИП запис на 4 октомври, а договори со авторите се склучени денес и веднаш се предадени на одбраниот економски оператор за графичко уредување, печатење, по што дистрибуцијата ќе се спроведе во текот на следната недела“, наведено е во соопштението на МОН.

Оттаму информираат дека за учебникот по математика денеска бил потпишан договор со авторите.

„Согласно планот за реформирање на основното образование, во новата учебна година нови наставни програми се изработени за трето и шесто одделение и врз основа на истите, учениците добиваат и нови учебници. Учебниците за трето одделение се целосно испорачани минатиот месец“, додаваат оттаму.

Иако добија тужба од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за ненавремено обезбедување учебници за учениците, во МОН оценуваат состојбата со учебниците годинава била значително подобрена.

„МОН испорача тираж од речиси 1,4 милиони учебници во основните, но исто така и во средните училишта, за кои, за прв пат по 15 години се изработија нови 150 наслови на учебници“, велат во МОН.

На 5 септември од КСЗД изјавија дека МОН го повредило правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

изјава министерство за здравство

За момчињата и девојчињата од следниот месец ќе биде достапна деветовалентна вакцина против ХПВ

Целта е младите да се вакцинираат пред да бидат изложени на ХПВ ризикот. Се проценува …