Министерот за имиграција на Австралија му ја укина визата на Ѓоковиќ

Министерот за имиграција на Австралија му ја укина визата на Ѓоковиќ

Австралија му ја укина визата на светскиот тениски број 1 Новак Ѓоковиќ, со што најверојатно ќе стави крај на надежите на српската тениска ѕвезда да ја одбрани титулата на Грен слем турнирот во Мелбурн.

„Денес го искористив моето овластување според член 133C(3) од Законот за миграција за да ја укинам визата што ја поседува г-дин Новак Ѓоковиќ“, изјави министерот за имиграција Алекс Хок откако ги искористи своите дискрециони овластувања за прашањата за виза.
Засега нема коментар од Ѓоковиќ или неговиот правен тим. Според австралискиот закон, можно е да се поднесе жалба на одлуката. Ѓоковиќ денеска тренира за Австралија опен. Тој е вклучен во ждрепката на турнирот како главен носител. Ѓоковиќ, скептик за вакцините, во минатата недела објави дека оди во Мелбурн со медицинско ослободување од барањата на Австралија посетителите да имаат примено вакцина против ковид-19. 34-годишниот Ѓоковиќ е желен да ја одбрани својата титула и да се бори за рекордниот 21 Грен слем трофеј кога турнирот ќе започне на 17 јануари.

Неговите проблеми започнаа веднаш по пристигнувањето во Мелбурн кога австралиските гранични сили одлучија дека неговото ослободување е неважечко и го сместија во хотел за имиграција. На 10 јануари, австралиски судија му ја врати визата на Ѓоковиќ и му дозволи да излезе од притвор.

Оттогаш, случајот е пред министерот Хок, чиј портпарол претходно оваа недела рече дека „долгите дополнителни поднесоци“ од правниот тим на Ѓоковиќ ја одложуваат одлуката. Ситуацијата предизвика негодување во Австралија, која ги издржа некои од најдолгите заклучувања во светот. Министерот за финансии Сајмон Бирмингем на 14 јануари ги бранеше политиките на владата велејќи дека тие се „кристално јасни“.

„Тие бараат од тие што не се државјани на Австралија а кои влегуваат во Австралија да бидат вакцинирани со двојна доза „освен ако немаат јасно и валидно медицинско ослободување против тоа“, рече Бирмингем, додавајќи дека таа политика не е променета.

На каузата на Ѓоковиќ не помогна грешката во неговата декларација за влез во која беше штиклирано поле во кое пишува дека не патувал во странство две недели пред да пристигне во Австралија. Всушност, тој патувал меѓу Шпанија и Србија. Ѓоковиќ за грешката го обвини својот агент и призна дека не требало да прави интервју и фотосесија за француски весник на 18 декември додека бил заразен со ковид-19. Некои тенисери велат дека на Ѓоковиќ треба да му се дозволи да игра, но не сите му дадоа поддршка.

Извор: Радио Слободно Европа

Прочитајте повеќе

Супербоул: Канзас Сити ја одбрани титулата во НФЛ

Супербоул: Канзас Сити ја одбрани титулата во НФЛ

Екипата на Канзас Сити Чифс ја одбрани шампионската титула во НФЛ, откако ноќеска во Лас …