МТФ „Војдан Чернодрински“: „Бакхи“ најдобра претстава, Марија Спиркоска-Илијеска и Александар Степанулески најдобри актери

МТФ „Војдан Чернодрински“: „Бакхи“ најдобра претстава, Марија Спиркоска-Илијеска и Александар Степанулески најдобри актери

Пишува: Зоран Милошески

Претставата на битолскиот Народен театар „Бакхи – краток преглед на распадот”, работена по Еврипид а во режија на Игор Вук Торбица, е најдобрата претстава во целина на годинешниот 54.МТФ „Војдан Чернодрински”.

Тоа е одлуката на тричленото жири, во состав Бедија Беговска, Љиљана Благојевиќ и Маја Вељковиќ. Според жирито, режисерот на оваа претстава, Игор Вук Торбица ја доби награда за најдобра режија.

Сосема заслужена, наградите за најдобра женска и машка улога им припаднаа на актерите на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, Марија Спиркоска Илијеска, за улогата на Велика во претставата на прилепскиот театар „Пиреј“ и Александар Степанулески, за улогата на Јон во истата претстава. Авторот на музиката за претставата „Пиреј“ на прилепскиот театар, Димитар Андоновски ја доби наградата за најдобра музика.

Наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски”, ја освои Гзим Жерка за улогата Сен-Жист во претставата на албанскиот театар „Смртта на Дантон”. Оваа претстава освои уште две награди: за најдобра кореографија и сценски движења која ја доби Ѓерѓ Превази, како и наградата за рекламен материјал која му припадна на Нгадњим Мехмети.

Актерката на Драмски театар – Скопје, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е добитник на наградата за најдобра епизодна женска улога. Наградата за млад актер ја освои Симона Димковска од Кумановскиот театар, а наградата за млад актер „Трајко Чоревски” му припадна на Тони Денковски од Театар Комедија од Скопје.

Добитник на наградата за современа сценска драматизација е Љупчо Ѓорѓиевски, за претставата „Животинска фарма” на струмичкиот театар, а најдобрата сценографија ја имаше Константин Трпеновски за сценографијата во претставата „Макбет” на МНТ. Оваа претстава ја доби и наградата за најдобра костимографија, која ѝ се додели на Розе Трајчевска Ристовска.

Наградите ќе бидат врачени вечерва, во Центарот за култура „Марко Цепенков”, кога ќе биде соопштено и која претстава е најдобра според гласањето на публиката.

Во чест на наградените, МНТ ќе ја прикаже претставата „Силјан Штркот Шанца“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јаниќиевиќ.

Прочитајте повеќе

Искра Гешоска

Гете-медалот оди во Северна Македонија, во рацете на Искра Гешоска

Гете-медалот ќе го додели претседателката на Гете-институт Карола Ленц на церемонија на 28 август 2024 …