бегалци

Над 4,7 милиони бегалци избегаа од војната, Русија го блокира извозот на житарки од Украина

Податоците на УНХЦР од 14 април говорат дека од војната од Украина во странство досега избегале 4.736.471 граѓани од оваа земја, пренесува Укринформ. Бројот на лица кои бегаат под налетот на руската инвазија е зголемен за 80.000 бегалци за само еден ден. Околу 90 отсто од бегалците во странство се жени и деца, а најголем дел од нив се упатиле кон Полска – вкупно 2,69 милиони бегалци. Станува збор за најбрзорастечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна.

Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс предупреди дека Русија би можела да употреби тактичко или нуклеарно оружје со ниски перформанси во Украина и посочи дека ваквата закана не смее да се игнорира, пренесува Би-би-си.

Во меѓувреме, од теренот пристигнуваат информации дека потонал рускиот воен брод „Москва“, за којшто украинските воени сили вчера тврдеа дека го погодиле со ракета. Руските власти потврдија дека за време на извлекувањето на оштетениот брод кон пристаништето тој потонал. Станува збор за главниот воен брод на руската Црноморска флота.

Украинскиот заменик-министер за одбрана Тарас Качка изјави дека неговата земја се соочува со недостаток на храна, поради тоа што руските воени бродови ги блокираат украинските пристаништа и го оневозможуваат увозот на храна. Тој додаде дека руските воени бродови ја спречуваат и трговијата во Црното море, дополнувајќи дека тие пукаат на комерцијални бродови кои се обидуваат од Украина да извезат пченка, пченица и масло за јадење.

Борбите на терен на истокот и југот во Украина продолжуваат. Украинските власти објавија дека од почетокот на руската воена агресија на Украина досега во Харкив загинале 503 цивили, меѓу кои и 24 деца. Гувернерот на регионот Луганск денеска ги повика жителите под итно да се евакуираат од своите населени места поради воените дејствија, информирајќи дека 32.000 жители од овој регион досега биле евакуирани во други региони од Украина, пренесува Би-би-си.

Воени дејствија во изминатово деноноќие се воделе во регионите Харкив, Донецк, Луганск и Запорожје. Руската армија се обидува да воспостави контрола над градовите Словјанск, Севернодонецк, Рубижње и Попасна. Украинските сили ги одбиле нападите врз Рубижње. Новотошкивске и Маринка, јавува Укринформ. Украинскиот генералштаб дополнува дека руски и белоруски војници и понатаму се стационирани на украинско-белоруската граница, а како реална опасност се оценува можноста за ракетни напади од Белорусија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украинците преживеале 50 дена војна досега, иако Русите им дале само пет дена на почетокот од војната. Тие не знаеја колку Украинците се храбри и колку ја ценат слободата и можноста да изберат како ќе живеат, изјави Зеленски, пренесува Би-би-си.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче со Бочварски по новата делница од Градско кон Прилеп

Филипче и Бочварски возеа по новата делница од Градско кон Прилеп, работите се завршени околу 90% (ВИДЕО)

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и носителот на изборната единица 4 на СДСМ …